ОДРЖАНА ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА:„РАНИ ЗНАЦИ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НАСТАНУВАЊЕ НА ИНСОЛВЕНТНОСТ НА ФИРМИТЕ”
➢ Актуелно (03.06.2022, во 13:36:37)
👁 Прочитано: 862



ВКЛУЧУВАЊЕ НА МЕДИЈАЦИЈАТА ВО РЕШАВАЊЕ НА СЕГАШНИТЕ И ИДНИ СПОРОВИ
ОДРЖАНА ТРКАЛЕЗНА МАСА НА ТЕМА:„РАНИ ЗНАЦИ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НАСТАНУВАЊЕ НА ИНСОЛВЕНТНОСТ НА ФИРМИТЕ”

Стопанската комора на Северна Македонија и ИФЦ на 3 јуни 2022 година во Комората беа организатори на тркалезната маса на која се дискутираа теми поврзани со предлог законот за инсолвентност, раните знаци за предупредување за настанување на инсолвентност и можностите за поефикасно преструктуирање, предоговарање и задржување на добрите деловни односи со партнерите со помош на медијацијата.

На тркалезната маса на тема: „Посткризно КОВИД 19 заздравување на економијата – предизвици и изнаоѓање нови алатки и можности за помош на фирмите, со вклучување на медијацијата и на новите процедури предвидени со новиот Закон за инсолвентност“, Дејан Костовски, правен консултант во проектот на Меѓународна Финансиска Корпорација, групација на Светска Банка – „ Решавање на долгови и деловен излез во Република Северна Македонија“ говореше на две теми. Првата тема се однесуваше на „Новите постапки предвидени со предлог Законот за инсолвентност во насока на новите можности за фирмите за изнаоѓање на излез и решавање на проблемите произлезени од економската криза предизвикана од здравствени, воени и други фактори“. Во фокусот на неговото излагање беа можностите за разрешувањето на финансиските потешкотии со кои се соочуваат друштвата преку постоечката законска регулатива и новините кои се предвидени во предлог законот за инсолвентност. Во контекст на  предлог законот за  инсолвентност беа преставени двете постапки кои имаат за цел да им помогнат на претприемачите навремено да пристапат кон разрешување на идните финансиски потешкотии кои долгорочно  можат да  предизвикаат инсолвентност. Тоа се постапката за превентивно преструктуирање и  предстечајна реорганизација. Втората тема на која говореше г-дин Костовски се однесуваше на „Раните знаци на предупредување за настанување на инсолвентност на друштвата“. Тука тој се осврна на новините вградени во предлог законот за инсолвентност. Целта на воведување на  системот за рано предупредување е овозможување на должниците на кои им престојат финансиски потешкотии истите рано да ги препознаат и навремено да преземат мерки за спроведување на постапка заради надминување на идната инсолвентност. Тој подвлече дека со предлог законот се нормира систем за рано предупредување кој се состои од два дела. Првиот дел од системот на рано предупредување е поврзан со зајакнувањето на капацитетите на органите на управување во делот на навременото или многу рано препознавање на финансиските потешкотии што би требало да доведе до тоа трговското друштво да се спаси. Тоа пошироко гледано би влијаело значителен процент на бизнисите и работните места да се спасат. Вториот дел од системот на рано предупредување треба да биде насочен кон  навремено предупредување на доверителите за тоа дека кај определени друштва постојат услови за настанување на финансиски потешкотии. Се работи за посебни алатки за рано предупредување кои треба да се воспостават за да се предупредат доверителите за итната потреба да делуваат имајќи предвид дека што порано преземат акција имаат повеќе шанси да ја максимизираат наплата на нивните побарувања од друштвата за кои постојат индиции дека се соочуваат со идна инсолвентност. Овој систем треба да резултира со спасување на доходовниот дел на претпријатието и продолжување со деловната активност или ако тоа не е можно  спроведување на уредна стечајна постапка.
 

На тркалезната маса настапи д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија (СКСМ), проектен менаџер за развој на советите, лиценциран медијатор и лиценциран обучувач на медијатори, лиценциран арбитер и помирувач.
Таа говореше за можноста за вклучување на медијацијата која им се нуди на располагање на фирмите како алатка и во борбата на посткризно заздравување на економијата преку брзо и ефикасно решавање на одреден спор.
Георгиева Јовевска подвлече дека Стопанската комора на Северна Македонија години наназад организира низа настани и активности со цел поголема популаризација и афирмација на предностите од користењето на медијацијата во нашата држава. Во услови на нарушена ликвидност на компаниите, а со цел рационализација на нивните трошоци, зачувување на добрите деловни односи со партнерите и поголема предвидливост на настаните во следниот период, како најповолна алатка за решавање на сегашен или иден спор на компаниите, особено се препорачува користењето на медијацијата.

Медијацијата кај нас датира уште од 2006-та година и до сега законски има неколку измени со цел подобрување на регулативата и тоа во 2013, 2015, 2016 и последно во 2021 година кога се носи нов Закон за медијација во РСМ (кој е во сила од 04.1.2022 година  („Службен весник на Република С. Македонија“, бр. 294/2021). Тој има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која, пак, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става врз алтернативното решавање на споровите и врз медијацијата како еден од нив. Во Законот се разработени начелата на медијацијата, целосно усогласени со директивата на Европската Унија 2008/52/ЕС за медијација во граѓанските и во стопанските спорови, како што е начелото за доброволност на медијацијата, но и начелата за рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, за достапноста на информациите од медијацијата во другите постапки, еднаквост на страните, правичност, ефикасност и за економичност. Со решенијата што ги нуди овој закон, сите засегнати страни, ќе настојуваат да помогнат во зајакнување на медијацијата во нашата држава за да истата го добие заслуженото место, а од друга страна, посебно, да се зајакне правната сигурност на корисниците на медијацијата, со што ќе се овозможи на многу побрз и сигурен начин да се остварат нивните права и интереси.
Стопанската комора на Северна Македонија, за популаризација и афирмација на медијацијата, институционално во овие активности е поддржана од Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ – групација на Светска банка. Во следниот период, заеднички, СКСМ и ИФЦ ќе организираат семинари и обуки за компаниите во Скопје и низ регионалните комори во нашата држава на темата за рано предупредување и превземање на соодветни мерки од страна на компаниите со цел да не дојде до нарушување на нивната ликвидност и решавање на сегашен или иден можен спор со помош на медијацијата.

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување