УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗНАЕЊАТА НА ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА ЗА СИСТЕМОТ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА
➢ Актуелно (20.05.2022, во 12:51:30)
👁 Прочитано: 506




УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЗНАЕЊАТА НА ЧОВЕЧКИТЕ РЕСУРСИ ВО СТОПАНСКАТА КОМОРА ЗА СИСТЕМОТ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА

За успешно и непречено работење на институцијата, секој вработен во институцијата има значајна улогa, а знаењата, вештините, компетенциите, па и талентот на вработените се приоритетен ресурс на компанијата и мора континуирано да се развиваат и надоградуваат. Без континуиран развој на вработените резултатот е назадување на институцијата, додека придобивките од развојот на човечките ресурси е придобивка и за целата институција и ќе придонесе за продуктивност во институцијата, но и задоволство во работењето на вработените.

Стопанската комора на Северна Македоонија, како институција во која постои јасна визија и цел во работењето, смета дека од најдобрите треба да се бара уште подобро. Тоа беше целта, во просториите на текстилната компанијата „Албатрос“ во Штип, да се организира и трета обука за вработените во регионалните комори со седиште во Битола, Прилеп, Штип, Кавадарци, Струмица и Кичево за унапредување на знаењата за процесите во стручното образование и обука и олеснување на постапките за вклучување на компаниите во стручното образование и обука.

Тема на обуката беше „Системот на стручно образование и обука во нашата држава“, која покрива 4 модула: Образовен систем во Република Северна Македонија; Цели и видови стручно образование и обука; Содржина на стручното образование и обука и Законска заснованост на практичната обука и улога и одговорности на учесниците во обуката. Предавач на обуката беше м-р Лепа Трпческа, раководител во Центарот за стручно образование и обука.

Учесниците преку интерактивен пристап имаа можност да ги унапредат своите знаења за реформите што се преземаат во образовниот систем во нашата земја, видовите на стручното образование и обука, вклучување на квалификациите во нивоата од Националната рамка на квалификации според времетраењето на стручното образование и релевантните учесници во системот затоа што функционалноста и реализацијата на стручното образование и обука подразбира партнерски однос и проактивно заедничко учество на главните актери во процесот. Фокусот беше ставен на улогата на работодавачите во процесот на стручното образование и обука започнувајќи од анализата на секторите во кој се дефинираат занимања што  припаѓаат на соодветниот сектор, развој на стандардот на занимање, развојот на стандардот на квалификација и модуларизираните наставни програми базирани на компетенции и реализацијата на практичната обука. Практичната обука е еден од главните предуслови за квалификување на кадарот во компаниите, а во таа насока и потребата за поголема вклученост на приватниот сектор во стручно образование и обука. Преку практичната обука се воспоставува колаборативна соработка и се зајакнуваат врските меѓу потребите на пазарот на труд и вештините стекнати низ образовниот систем, се стекнуваат знаења, вештини и искуство во реални услови, се подобрува квалитетот на “понудата” на идните работници во државата и се влијание врз изборот на идната соодветна кариера на учениците.

Во вториот дел од обуката фокусот беше ставен на разликата помеѓу класичното стручно образование и дуалниот модел на образование. Посебно внимание беше посветено на практичната обука во компанијата (учење преку работа)  и начинот на проверка и следење на учениците, како и на постапките што треба да ги спроведат компаниите за реализација на практичната обука на учениците во нивните организации (сертификација на менторите и верификација на компаниите за практична обука).

На 19 мај 2022 година беше реализирана обука на истата тема „Системот на стручно образование и обука во нашата држава“ и за координаторите на здруженијата и асоцијациите во Комората кои дирекно соработуваат со компаниите и го познаваат проблемот од недостаток на стручен кадар. Предавач беше м-р Зоран Јовчевски, советник во Центарот за стручно образование и обука.

 

 

 

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување