ПРОМОЦИЈА НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ОДГЛЕДУВАЧИ, ПРОИЗВОДИТЕЛИ И НА ПРИДРУЖНИ ЧЛЕНКИ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС
➢ Актуелно (19.05.2022, во 15:11:53)
👁 Прочитано: 471




ПРОМОЦИЈА НА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА ОДГЛЕДУВАЧИ, ПРОИЗВОДИТЕЛИ И НА ПРИДРУЖНИ ЧЛЕНКИ ВО ИНДУСТРИЈАТА ЗА МЕДИЦИНСКИ КАНАБИС

 

Претседателот на Асоцијацијата на одгледувачи, производители и на придружни членки во индустријата за медицински канабис при Стопанската комора на Северна Македонија, Орце Јорданов, и оперативниот координатор, Игор Ангелески, на 15.5.2022 година беа гости во емисијатат „АГРАР“ на Македонската телевизија.

Гостите во емисијата ги запознаа гледачите со активностите на Асоцијацијата, при што беше истакнато дека таа брои 27 активни членки, кои се занимаваат со одгледување и со преработка, т. е. со екстракција на канабис за медицински цели, како и тоа дека оваа гранка, пред сѐ, има цел заштита на здравјето на луѓето. Во согласност со расположливите податоци, во овој сектор досега се вложени повеќе од 700 милиони евра, најчесто од странски компании кои во земјава директно или индиректно вработуваат повеќе од 1.000 вработени, кои својата егзистенција ја гледаат во оваа индустрија. Станува збор за компании со високо напредна технологија во делот на екстракцијата и на производството на медицински канабис, кој би помогнал во областа на невронауката, во која, според клиничките испитувања, секојдневно се трага по нови лекови и препарати.

Во емисијата се разговараше за можностите за култивирање на оваа култура во домашното земјоделство. Притоа, г. Ангелески нагласи дека условите за култивирање се идеални во повеќето делови на земјата, а интересот кај младите за овој бизнис е сѐ поголем. Интересен е фактот дека оваа билка како суровина може да се користи и во други сектори – градежниот и прехранбениот – но и во текстилната индустрија.

Историски гледано, канабисот, пред повеќе од 120 години, бил клучен за економијата на САД и на Англија, но и на други високоразвиени земји во тоа време, поради неговата застапеност во повеќето индустриски гранки. Истовремено, како билка која цвета и до двапати годишно, има значително поголема предност во однос на другите растенија. Една од предностите е и високата апсорбција на јаглероден моноксид од атмосферата, кој е штетен за здравјето на луѓето. Наместо користење скапи системи за прочистување на воздухот, доволно е оваа култура стратешки да се насади на клучни места околу градовите, со генетика која има својства да апсорбира најмногу карбон моноксид од атмосферата и на крајот да се употреби за производство на градежни материјали. Како резултат на големото присуство на јаглеродни влакна во структурата на билката, таа има идеални својства, пред сѐ, цврстина, но истовремено е идеално еластична и незапалива. Куќите изградени од материјалот хемп-канабис се отпорни на палење и на големи зрачења. Текстилот произведен од хемп-канабис се карактеризира со голема цврстина и со еластичност, а притоа не предизвикува алергиски реакции кај луѓето. Едноставно, придобивките од секоја гледна точка се огромни. Компанијата „Левис“, на чие лого се наоѓаат два коња кои во спротивна насока се обидуваат да растргнат текстил од канабис, неодамна најави дека повторно размислува во своето производство да користи платно добиено од канабис. И компанијата „Хајникен“ е во процес на производство на пиво добиено од оваа билка. Но, сепак, произведените количини во светот не се доволни и овој факт ни кажува дека иднината на оваа култура е во нејзиното култивирано производство.

РС Македонија има огромен потенцијал за култивирано производство на канабис, а доказ за тоа е исклучително краткиот период во кој домашните земјоделци можат да ја култивираат оваа билка, без какви било посебни обуки. Скапите гровери од странство лесно се заменуваат со домашните земјоделци, кои по 1-2 реколти веќе се подготвени самостојно да одгледуваат канабис за медицински цели во контролирани услови во фабриките. Во земјите од опкружувањето, Словенија и Хрватска, култивирањето на оваа билка бележи голем подем. Во Хрватска во 2019 година имало регистрирано само 225 земјоделци со засадени 3.227 хектари со оваа билка, а веќе во 2021 година бројот на земјоделци се искачил на 555 со засадени 7.725 хектари. Интересот постојано расте.

Како Асоцијација на одгледувачи, производители и на придружни членки во индустријата за медицински канабис, ја предлагаме следната стратегија која треба да се спроведе во блиска иднина за да бидеме успешни и конкурентни на регионално ниво:

- Култивирање на билката во отворени и во неконтролирани услови, со ограничување на ТХЦ (тетрахидроканабимолот) до граница на 0,2 %, во согласност со европската регислатива ЦБД-хемп и ЦБГ-хемп. Одвојување од Законот за опојни дроги, член 29, и дозвола за фармерите, која ќе се добива на поедноставен начин. Снабдување семенски материјал со сертификат во кој се наведени горните граници на ТХЦ.

- Поделба на бизнисот, односно поделба на мали, средни и големи компании кои ќе се занимаваат со оваа дејност. Едукација на инвеститорите, т. е. на земјоделците за одгледување култивиран канабис.

- Малите компании да произведуваат готови или полуготови производи, кои ќе најдат примена во градежната, текстилната и во прехранбената индустрија, како и во други индустрии кои не бараат посебни стандарди.

- Средни и големи компании кои би се занимавале со производство на канабис како суровина во прехранбената индустрија, козметиката, додатоците во исхраната на масла, во производите кои се стандардизирани во фармацијата, но и за медицинска употреба.

Претставниците од Асоцијацијата на крајот истакнаа дека на средбите со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и со надлежните служби во ресорното министерство оваа тема е разгледувана повеќепати и дека сега се очекува преземање на крајните чекори од Министерството за здравство и од Владата на РСМ за оваа култура да го заземе своето место во агрокомплексот.

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување