ТРЕБИЊЕ ДОМАЌИН НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА „ЗАЈАКНУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ТУРИСТИЧКИ ПРОИЗВОДИ“
➢ Актуелно (18.05.2022, во 15:28:34)
👁 Прочитано: 465



Панелистите на конференцијата со заедничка порака - Регионалната соработка и заедничкиот туристички производ се клучот за успехот
ТРЕБИЊЕ ДОМАЌИН НА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА „ЗАЈАКНУВАЊЕ НА РЕГИОНАЛНИТЕ ТУРИСТИЧКИ ПРОИЗВОДИ“

Во рамки на Коморскиот инвестициски форум ЗБ6 - Проект за коморско партнерство за Западен Балкан (КВП проект), во текот на вчерашниот ден Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина беше домаќин на конференцијата за „Зајакнување на регионалните туристички производи“, на којашто покрај претставници на компании од туристичкиот сектор од регионот, присуствуваат и претставници од надлежните институции, ресорните министерства, туристичките одбори, како и претставници од регионалните комори. 

Туристичкиот сектор во регионот на Западен Балкан во последните десет години бележи позитивен раст, но сè уште постои значителен простор за понатамошно искористување на неговиот оригинален потенцијал, што особено се одразува на влијанието на туризмот врз многу други услужни сектори и производствени индустрии, како што се храна, градежништво и финансиски услуги. Туристичкиот успех е тесно поврзан со имиџот на земјата, нејзината политичка и економска стабилност и квалитетот на транспортната инфраструктура и информатичките услуги.

Токму во насока на размена на знаења и искуства со цел  дефинирање на потенцијалите и можностите за поголемо поврзување и промоција на регионот, како и креирање на заеднички продукт за настап и претставување на регионот во странство и на далечните пазари, во рамки на конференцијата беа реализирани два панели: „Регионална соработка во туризмот – улогата на приватниот сектор во промоција на регионот како единствена туристичка дестинација“ и „Развој на одржлив туризам – најдобри светски практики“.

Панелистите имаа можност со присутните да ги споделат своите видувања за актуелните состојби од областа на туризмот, проблемите со кои секојдневно се соочуваат, но и да предложат одредени решенија. Уште еднаш беше потенцирано значењето на туризмот како стопанска гранка чијшто развој, директно или индиректно придонесува и за развој на многу други гранки, а со тоа придонесува и за подобрување на економијата во целост. Како што беше истакнато, проблемите се горе-долу исти во сите економии на Западен Балкан, поради што за нивно решавање е потребно заедничко дејствување на сите туристички работници како и претставници на релевантните владини институции.

Претседателката на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија, Ана Таневска Ѓорѓиевска истакна дека, доколку се земат предвид трендовите во туризмот кои произлегоа како резултата од пандемијата, во наредниот период од особено значење ќе биде токму регионалното поврзување. Од тие причини, таа посочи дека е потребна што побрза изградба и модернизација на патните правци кои ги поврзуваат основните туристички центри во регионот. Туризмот е стопанска гранка на која е потребно да и се даде соодветно место и простор во домашната економија, од причини што е извозно ориентирана гранка, врзува над 15 други стопански дејности, претставува една од трите најбрзо растечи дејности и е двигател на социо-економскиот напредок. 

За подигнување на туристичката дејност на повисоко ниво, стопанствениците и инвеститорите од туристичкиот сектор сметаат дека е неопходно да се изменат одредени законски акти и да се размислува за укинување на данокот за туристичките услуги или воведување на диференцијална стапка, односно значително намалување на износот на даноците за туристички услуги за забрзан раст на овој сектор.
Голема можност за развој на туризмот лежи во регионалната консолидација на понудата. Во последните неколку месеци интензивно се работи на поврзување на тур-операторите за да се идентификува уникатната понуда на Регионот, бидејќи на овој начин туристите би можеле да ја посетат и уживаат во неговата исклучителна природна убавина во една понуда. Како што истакнаа и самите панелисти, регионот на Западен Балкан е посебен по многу нешта поради што е потребно да се задржи неговата уникатност и да се брендира и промовира на пазарот на вистински начин. За да се постигне ова, потребна е посилна поддршка од сите вклучени актери, особено од регионалните влади.

Токму преку реализираните панел дискусии,  членките на шесте комори на Западен Балкан во рамки на Коморскиот инвестициски форум, дадоа поддршка за поголема поврзаност на економиите, стопанските субјекти од регионот со цел консолидирање на заедничка понуда која може да резултира само со успех за сите во синџирот на поврзување.

м-р Сања Николова
соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување