ЕДНА СЛИКА – 1000 ЗБОРОВИ КОЧО И ВО УСЛОВИ НА КРИЗА ПРОДОЛЖУВА СО ИНВЕСТИЦИИ. ГЛАВЕН ПРИОРИТЕТ НА КОМПАНИИТЕ Е ДА СЕ ПРЕЖИВЕЕ КРИЗАТА.
➢ ЕДНА СЛИКА, ИЛЈАДА ЗБОРОВИ (16.05.2022, во 08:42:17)
👁 Прочитано: 630



Во изминатиот период актуелни, но и ретро настани го одбележуваат коморското дејствување. Мултикризата налага да сме редовно на терен меѓу членките за да ги слушнеме вашите предлози, идеи, но и да ги преточиме во реални иницијативи.

Некако полека, но сигурно заменик-претседателот на СКСМ, проф. д-р Кочо Анѓушев, како да станува синоним за постојано инвестирање, па и во услови на мултикриза. Нормално, синоним за постојано инвестирање се и другите наши членови на „Клубот 100“ – „Алкалоид“ АД Скопје, „ИГМ трејд“, „Макпетрол“ АД – со што на дело докажуваат зошто го имаат лидерското место во раководењето со Комората. Но Кочо има свои специфики. Иако најнапаѓан во јавноста, неговата работливост, упорноста и високата професионалност се препознаени од секого. Тој тоа го прави во континуитет, па така беше и во петокот (13.5.2022 година) кога заедно со претседателот на Владата, Ковачевски, и со заменик-претседателот Битиќи бев во посета на „Брако“, за што сведочат следните фотографии.

Но и фотографиите од денешното неделно приватно дружење кај неговите два нови инвестициски потфати – фотоволтаичната централа во Кочани и биогасната централа во Сарамзалино, кои се во завршна фаза – сведочат за тоа.

(Ние можеме само да се гордееме и да го поттикнеме овој инвеститор да продолжи и натаму.)


Оваа необична слика е со мојата сопруга и со господинот проф. д-р Глигор Бишев на еден од маскенбалите во Струмица, во познатиот ресторан „Шалом“. На господинот Бишев му го честитаме завршувањето на активната служба во „Шпаркасе банка“ и му посакуваме успеси во новите предизвици како претседател на Советот за унапредување на високото образование и за стратешки истражувања и како надворешен советник на премиерот Ковачевски. Господинот Бишев даде огромен придонес во работењето на Комората во нејзините најтешки времиња и се надеваме дека сега заедно ќе го трасираме патот кон Комора на иднината.



 
Кога сме кај Комората на иднината, да ги потсетиме претседателите на другите совети на своите обврски во пресрет на прославата на 100-годишнината на Комората и да им се заблагодариме за сето она што го прават за Комората, се разбира, на волонтерска основа.



Во денешната фоторепортажа и за еден убав повод. На нашиот потпретседател Виктор Мизо да му го честитаме роденденот и да му посакаме многу успеси во работата и кај нас и во својата компанија. Неговиот придонес во нашето работење е очигледен на секој чекор и од него очекуваме и натаму нови идеи и предизвици.



Оваа недела имав уште едно изненадување. На ручекот приреден по повод Собранието на „ГС1“, господинот Симон Наумоски, еден од нашите највозрасни членови, претседател на Одборот на директори на „Витаминка“ АД, на масата извади кутија цигари кои никогаш за време на нашето долгогодишно познанство не ги консумирал. Сите останавме зачудени, но не и изненадени, бидејќи на нашите секојдневни изненадувања им нема крај. Господинот Наумоски во лежерен стил си ја отвори кутијата и наместо цигари си зеде од таблетите кои беа во неа.

По сѐ изгледа дека толку многу консумираме таблети поради ситуацијата што ги складираме и во кутии за цигари.


 

Деновиве во посета ми беше поранешниот дипломат во грчката Амбасада за економски и трговски односи, Олга Мезеридоу Фауова, која помина седум години во Скопје и која беше вистински наш соработник. Желбата за вмрежување и за коморско работење не ја напуштила ни по пензионирањето, па бараше предизвици во иницијативи за соработка меѓу грчките и македонските компании. Нормално дека нашата соработка ќе продолжи и натаму.


Слика за спомен од Форумот „100 дена Влада“, на која премиерот Ковачевски пред влезот во салата на Националната опера и балет, каде што се одржуваше настанот, имаше пријатен разговор со членовите на нашата делегација. Без оглед на различните ставови за повеќе прашања, комуникацијата меѓу Владата и најголемата бизнис-организација во Македонија била секогаш коректна.


Голема активност во овој период покажа и нашата четворка во Коморскиот инвестициски форум, која максимално ги засили своите активности. По посетата на Брисел и по средбата со врвот на Европската Унија, наредната недела оди за Париз на Годишната конференција на ОЕЦД, каде што ќе се разговара за човековите потенцијали како клучен чинител на економскиот развој во периодот на постковид 19.


Еве и една пријатна вест. Деновиве добивме известување дека продолжува соработката со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Проектот „ЕЕН“, најстарата наша проектна активност, кој беше исклучиво дело на господинот Велимир Стојковски, сегашен член на Собранието на Стопанската комора на Северна Македонија.


Пред извесно време во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  присуствував на промоцијата на докторската дисертација на нашата колешка д-р Елена Милевска-Штрбевска. Тоа беше можност да се сретнам и со ректорот на Универзитетот, проф. д-р Никола Јанкуловски, и со деканот на Правниот факултет „Јустинијан први“, проф. д-р Сашо Георгиевски, мои големи лични пријатели. На Елена ѝ посакуваме да ја видиме на ваква фотографија и во Академијата, а соработката со Универзитетот да продолжи и натаму, се разбира, со нови проект.


Да ги видиме и оние кои се попаметни од нас, а кои ги овековечи познатиот карикатурист Игор Стевковски, Стевац.
Никогаш поговорките не можат да бидат штетни – секогаш е корисно да се прочитаат.




Едно навраќање на периодот на КОВИД 19, кој не треба да го заборавиме, ниту, пак, да се надеваме дека е исчезнат. Оваа слика нека е потсетување дека внимателноста е сѐ уште потребна, а можеби во септември повторно ќе се соочиме со овој страшен проблем, кој ја раздрма светската економија. На сликата сум со поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.


Комората секогаш била место каде што може да се сретнат бизнисмените и да разменат мислење. На сликава, во една пријатна атмосфера во мојот работен кабинет, се Кочо Анѓушев, основач и главен извршен директор на „Фероинвест“ ДОО; Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на УО на „Алкалоид“; Влатко Ѓоргиевски, генерален директор на „МИК Свети Николе“, и Зоран Мартиновски, потпретседател на Управниот одбор на Стопанската комора.  


Еве и некои примери за „мислени именки“ – дека до 1990 година ќе има гасовод во Македонија, извадок од весникот „Нова Македонија“.
Денес сме 2022 година, а тој сѐ уште не е заокружен.


Кипарската Комора оваа година претседава со една од најстарите коморски организации АБК (Асоцијација на балканските комори). Бидејќи сѐ повеќе се множат регионални организации, неопходно е тие да се разграничат според своите цели за успешно да им помогнат на компаниите од приватниот сектор. Покрај Коморскиот инвестициски форум, „Отворен Балкан“, ЦЕФТА и АБК отсега ќе имаат различни таргети, кои нема да се поклопуваат и кои ќе бидат фокусирани на определен број теми што се од значење за отстранување на пречките во меѓусебната трговија.
--------------------------------------------------------------------------------------------
Во петокот (13.5.2022 година), по посетата на „Брако“, присуствував на состанокот на двете наши најголеми регионални комори, РК Прилеп и РК Битола, кој се одржа во Битола.

Актуелната состојба беше неодминлива тема, како и новата методологија во нашето работење за остварување на што подобри резултати. Импресионирам сум од смелоста на бизнисмените од овој регион да зборуваат отворено и да нудат решенија и иницијативи кои досега не сум ги слушнал. Па така, се бараше да се поведат иницијативи за забрана на политички организирање на младите под 30 години, затоа што нивните искуства зборуваат дека вработувањето на тие млади луѓе во јавната администрација е директно врзано за партискиот ангажман. Или, пак, иницијативи од типот на да се прогласи мораториум од 6 месеци на Законот за работи односи, во кој работодавците би добиле пошироки овластувања за постигнување подобри резултати во делот на подвижноста на работната сила, приспособувањето на новите услови и на казнените одредби. Точка или констатација – не ни треба автопатско решение меѓу Битола и Прилеп. Помогнете ни да преживееме. Ќе се снајдеме со овој пат и овие неколку години, како и досега.

Едногласно дадоа поддршка за сите наши иницијативи и цврсто застанаа зад ставовите и заложбите на СКСМ.



П.С. Дека бизнисмените знаат да следат и мода и во услови на кризата со КОВИД 19, доказ е оваа слика на која е д-р Ангелка Пеева-Лауренчиќ, член на Управниот одбор на СКМ.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија