Арбитражата е најефикасен начин за решавање на трговските спорови помеѓу деловните субјекти
➢ Актуелно (12.05.2022, во 15:10:14)
👁 Прочитано: 348



Заклучено на средбата на раководството на Постојаниот избран суд – Арбитража со Данкан Горст, адвокат од адвокатското друштво Озборн Кларк" од Германија
Арбитражата е најефикасен начин за решавање на трговските спорови помеѓу деловните субјекти

На средбата со г-дин Данкан Горст, што се одржа во просториите на Постојаниот избран суд – Арбитража при Комората (ПИСА), претседателката на ПИСА, д-р Елена Милевска Штрбевска и генералниот секретар м-р Валерија Крстева разменија искуства за актуелните трендови на арбитражното решавање на споровите во двете земји, користењето на дигиталните алатки за успешно администрирање и водење на арбитражните постапки, како и предностите во однос на решавањето на споровите пред суд. 
На средбата се дојде до заклучок дека локалните арбитражни институции (како што е ПИСА, ДИС и сл.) имаат институционален, кадровски капацитет да одговорат на сите предизвици и потреби на современите бизниси со цел споровите што ги имаат да бидат решени брзо, ефикасно и квалитетно, а со помалку трошоци во споредба со најпознатите или најголемите арбитражни инстиутции како ICC Arbitration VIAC и слично. 
Адвокатот Данкан Горст сподели дека користењето на Арбитражата е од интерес и за судството и за државата. Додаде дека арбитражата во Германија е силно поддржана од државата преку соодветни регулативи и препораки и на тој начин се стимулира користењето на арбитражата и често се користи од страна на субјектите.
Преставниците од Постојаниот избран суд – Арбитража со адвокатот разговараа за арбитражното решавање на споровите во двете земји, посочувајќи дека ефикасноста, економичноста и доверливоста се клучните предности зошто арбитражата како метод на решавање на споровите ужива доверба кај бизнис заедницата. 
На средбата се дискутираше за тоа дека треба да се развива арбитражната култура и свест меѓу деловните субјети за позитивните аспекти на алтернативните методи на решавање на споровите што во иднина ќе придонесе за развој на арбитражата.

 

Служба за информирање при Комората