СО ВКЛУЧЕНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ВО РАЗВОЈОТ НА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА ДО НАДМИНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КАДАРОТ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР
➢ Актуелно (11.05.2022, во 15:28:12)
👁 Прочитано: 340




СО ВКЛУЧЕНОСТ НА КОМПАНИИТЕ ВО РАЗВОЈОТ НА СТРУЧНОТО ОБРАЗОВАНИЕ И ОБУКА ДО НАДМИНУВАЊЕ НА ПРОБЛЕМОТ СО КАДАРОТ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР

Градежниот сектор е еден од секторите кои се најзасегнати од проблемот поврзан со недостатокот на стручен кадар. Податоците за старосната структура на вработените лица во секторот пак, покажуваат дека најголем процент се лица на возраст од 30 до 49 години (46%), а по нив следува категоријата лица на возраст од 50 до 64 години (35,7%).  Младите лица на возраст од 15 до 29 години се најмалку застапени како работници во оваа стопанска гранка со само 17,6%. Поради тоа, надминувањето на проблемот со недостатокот на стручен кадар, зголемување на атрактивноста на градежната струка, како и јакнење на соработката помеѓу образовните институции и реалниот сектор е во фокусот на програмските активности на Здружението на градежништвото, индустријата на градежните материјали и неметалите.

Управниот одбор на Здружението одржа седница на која дискутираше за улогата на градежниот сектор во коморските активности посветени на  стручното образование и обука во следниот период, при што акцент беше ставен на активностите планирани во рамки на проектот „Образование за вработување (Е4Е@mk)“. М-р Наташа Јаневска од стручната служба ги презентираше можностите за развивање на стручните вештини и компетенции преку механизмите кои ги овозможува дуалното образование согласно важечките прописи, условите кои компаниите треба да ги исполнат за да се вклучат во процесот на дуално образование и да земат ученици на обука во компанијата. Беше оценето дека за успешно реализирање на практичната обука на учениците, сите учесници во процесот, односно менторите во компаниите, наставниците и учениците треба да покажат максимална одговорност, посветеност и сериозен пристап кон процесот со цел развивање квалификуван и квалитетен кадар кој ќе придонесува за раст и развој на компанијата.

Присутните дискутираа и за состојбите во секторот по почетокот на годината за што посочија дека продолжува неизвесноста во градежната индустрија и не се гледа крајот на поскапувањата на градежните материјали, енергијата и другите трошоци, поради што неопходна е соработката со надлежните институции кои мора да се одважат и да преземат активности во однос на барањата кои ги испорачаа градежниците. Предмет на разговор беа и иницираните и преземените активности на Здружението за поддршка на градежната индустрија, како и Нацрт ценовник за инженерски услуги доставен до Здружението од Министерството за транспорт и врски.
 

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување