ИДНИНА ЗА МЛАДИТЕ, НО И МЛАДИ ЗА ИДНИНАТА ВО ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА
➢ Актуелно (06.05.2022, во 09:15:12)
👁 Прочитано: 366




ИДНИНА ЗА МЛАДИТЕ, НО И МЛАДИ ЗА ИДНИНАТА ВО ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА

Како до повеќе практичнa обука на учениците во компаниите, на самото работно место и во реалниот работен процес?

Теоријата е важна, но ако нема практична обука, знаењето нема да има применлива вредност. Практичната обука во компанија е процес на учење и стекнување искуство во реална работна среднина во која учениците ги развиваат практичните вештини и стручни компетенции, како и меките вештини работејќи со специфични алатки, средства, направи и уреди и имаат можност теоријата што ја стекнале на училиште, практично да ја видат и применат, со почитување прописи и стандарди.  Затоа практичната обука во компанија е задолжителен дел од процесот на образованието на младите во стручните училишта и алатка за поефикасна транзиција „од училишната клупа на работното место“ и поефективна адаптација при вработувањето.

Но само со квалитетно менторство во компанијата ќе имаме успешна практична обука. Позицијата ментор во компанија  има исклучителна важност во едукацијата на учениците и нивната стручна подготовка од кои најмногу зависи успешниот настап на младите на пазарот на трудот. Менторите ги водат учениците низ работниот процес, ги запознаваат со организациската структура на компанијата, им го пренесуваат своето практично искуство и ги развиваат нивните стручни вештини специфични за работните задачи, но и меките вештини како одговорност, посветеност, чувство за припадност, донесување одлуки, тимска работа.. Со менторот, компанијата е сигурна дека учениците имаат постојан надзор додека престојуваат во компанијата и дека ќе бидат подготвени според спецификата на работење на компанијата.

Стопанската комора на Северна Македонија во партнерство со министерството за образование и наука реализираа серија обуки за ментори од 2️20 мали, средни и големи приватни претпријатија од 8-те региони, кои поминаа специјализирана тридневна обука со фокус на различни модели на обезбедување поддршка на учениците и нивно воведување во работниот процес.

Обуките за ментори ги поминаа 177 претставници на компании – ментори кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на средното стручно образование на учениците, а од нив 56% се жени – менторки од традиционални сектори како машинство, електротехника, хемија, технологија...

Активноста е дел од проектот за премостување на јазот кај новите вештини за креирање нови и подобри работни места реализиран од УНДПМК, а финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје.  (#Skills4future #skillnext #UKinMK #LeavingNoOneBehind).

За улогата на стручното образование и обука и менторот во компанија во текстилната индустрија повеќе ќе дознаете од видеото во текстот.

 

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување