Регионалната соработка во фокусот на Азески
➢ Актуелно (05.05.2022, во 13:46:27)
👁 Прочитано: 382



Посета на Кипарската комора како претседавач на АБК, заеднички проектни активности со грчките комори, учество на Конференцијата на ОECD во Париз
Регионалната соработка во фокусот на Азески

Во рамките на регионалните иницијативи, кои претставуваат алатка за проектиран излез од мултикризната ситуација, делегација на СКСМ,  предводена од претседателот Бранко Азески разговараше со раководството на Кипарската трговско-индустриска комора, која оваа година претседава со Асоцијацијата на Балканските комори.

Стопанската комора на Северна Македонија е една од иницијаторите, основачи и активните членови на Асоцијацијата на балканските комори - AБК (основана на 17 септември 1994 година во Мангалија, Романија) со основна цел создавање слободна трговска зона на Балканот. Членки на АБК покрај Стопанската комора се и Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно-трговската комора на БиХ, Бугарската трговско-индустриска комора, Унијата на трговско-индустриските комори на Грција, Стопанската комора на Кипар, Стопанската комора на Романија, Стопанската комора на Србија, Унијата на трговски комори и стокови берзи на Турција (ТОББ), Стопанската комора на Црна Гора и Стопанската комора на Косово

Генералните собранија на АБК, се одржуваат два пати/еднаш годишно и се прилика за размена на информациите за стопанските состојби во земјите-членки и средби со претставници на Влади на земјата домаќин, се упатуваат Декларациите во Владите и релевантни меѓународни организации со конкретни иницијативи за подршка на бизнисите преку унапредувањето на деловниот амбиент.

Со оглед на фактот дека во нашиот регион егзистираат неколку иницијативи, денешната средба се искористи да се фокусираат приоритетните теми кои нема да се преклопуваат со прашањата кои се третираат во рамките на КИФ и Отворен Балкан. Првата конференција  на АБК која ќе се одржи оваа година во мај, ќе биде фокусирана на искуствата и проекциите за излезот и опоравувањето на националните економии од Ковид кризата, додека на втората конференција на АБК во декември ќе се дискутира за искуствата во соработката на земјите членки  на оваа асоцијација, и тоа оние кои се дел од ЕУ со земјите кои претендираат да бидат членки на ЕУ.

Потпретседателката на Комората д-р Елена Милевска Штрбевска го посети одделот за издавање меѓународни трговски документи (АТА карнети и сертификати за потекло на стоки). Кипарската комора во оваа област планира дигитализација на процесите со примена на block-chain технологија. Исто така, беа разменети искуства околу арбитражата, пришто беше посочено дека кипарската комора нема посебна арбитражна институција во својот состав, туку во трговските договори најчесто се предвидува арбитражата при Меѓународната трговска комора во Париз (ICC).

Посетата на Кипарската трговско - индустриска комора е одличен пример за модерна комора која кадровски, технички и функционално ги има усогласено своите капацитети со современите потреби на бизнисот.

Во кипарската економија доминираат услужните дејности од областа на финансиите, ИТ-секторот и туризмот.

Во текот на утрешниот ден дрлегацијата на СКСМ во Солун ќе оствари средба со партнерските комори од северниот дел на Грција, на која ќе се разговара за заедничките проектни актовности во наредниот период. Во сите досегашни разговори на регионално ниво, единствен е заклучокот дека националните економии на балканските држави немаат доволен капацитет да се справат со последиците од кризите и да проектираат натамошен развој и затоа се повикуваат сите бизнис асоцијсции во регионот да ги интензивираат своите активности и барања за поддршка од владите во сопствените држави и меѓународните финансиски институции кои мора во оваа ситуација да помогнат, како би се задржале бизнисите и работните места, а со тоа во подоцнежниот период да можат и бизнисите да помогнат на сопствените држави.

Следната дестинација на барање поддршка е Париз, каде раководството на Коморскиот инвестициски форум ќе разговара, во рамки на конференцијата на ОЕCD, со неколку значајни меѓународни организации.

Служба за информирање при Комората