Компанијата „Реплек“ АД Скопје денеска свечено, во присуство на преставници од академската, бизнис, научната и здравствена фела пушти во употреба нов производствен погон, како дел од новата развојна стратегија-инвестиција вредна три милиони евра, што ќе донесе нови 50 вработувања.
На настанот на кој присуствуваше потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, се обратија, генералниот директор на Реплек, Душан Пецовски, министерот за здравство Беким Сали, амбасадорот на Република Австрија, Георг Вуцас и деканот на Фармацевтскиот факултет во Скопје, Зоран Стерјев.
„Реплек” влегува во нова развојна фаза со инвестиција која значи модернизација, дигитализација, иновативно портфолио, диверзификација на пазарот и секако унапредување на човечкиот кадар. Ова значи поголемо домашно присуство, а секако и ширење на странските пазар и во ЕУ, во Заедницата на независни држави, Евроазискиот економски сојуз. Новиот погон ќе биде столб и поддршка на сите овие процеси. Инвестицијата вредна три милиони евра значи удвојување на капацитетите за прашоци, удвојување на капацитетите за полуцврсти форми и зголемување за 30 отсто на капацитетите за течни форми- нагласи Пецовски.
Тој посочи дека нивната цел е „Реплек” да биде одржлив и одговорен. Пецовски потенцираше дека визијата на компанијата е долгорочен и одржлив развој преку примери токму како овој денеска. Од тоа имаат бенефит потрошувачите, вработените, партнерите, акционерите, но и целокупната поширока заедница. Душан Пецовски нагласи дека новата инвестиција значи вложување во човечки ресурси на „Реплек” и дека само во 2022 година нивното семејство и тим ќе порасне за 50 нови вработувања.
Министерот за здравство Беким Сали истакна дека фармацевската дејност е еден од суштинските сегменти на здравствениот систем, особено во делот на успешното излекување на пациентите. Тој додаде дека новиот производствен погон е чекор напред во зајакнувањето на капацитетите на фармацевската дејност во нашата земја. Истовремено, како што потенцира тој, ова е одлична можност за практична работа за младите кадри кои сакаат да работат во оваа област.
Амбасадор на Република Австрија, Георг Вуцас, потнецираше дека пандемијата не’ потсети сите, особено во Европа, дека фармацевтската индустрија и производството на фармацевтски производи претставуваат дел од критичната инфраструктура во секоја земја. Амбасадорот наведе дека нашата Влада и Австриската амбасада остануваат подготвени да обезбедуваат поддршка за натамошно продлабочување на економската соработка помеѓу нашите земји, вклучувајќи го и здравствениот сектор што е од суштинско значење за луѓето и за севкупниот развој на Северна Македонија.
Деканот на Фармацевтскиот факултет во Скопје проф. д-р Зоран Стерјев потенцира дека отварањето на новиот погон претставува одлична можност за практична работа на студентите и дека менаџерскиот тим на „Реплек” е нивен квалитетен партнер за понатамошно унапредување на соработката.
„Реплек“ АД Скопје е долгогодишна активна членка на Стопанската комора на Северна Македонија.