ДВЕ ТРЕТИНИ ОД РАБОТНИТЕ МЕСТА ЌЕ БАРААТ МЕКИ ВЕШТИНИ
👁 Прочитано: 1350



Меките вештини во фокусот на компаниите
ДВЕ ТРЕТИНИ ОД РАБОТНИТЕ МЕСТА ЌЕ БАРААТ МЕКИ ВЕШТИНИ

Минатата недела се одржа дводневна регионална конференција „ Вештини за идните работни места“ во организација на Стопанската комора на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, со поддршка на проектот „Образование за вработување“. Конференцијата беше инспирација за експертите од повеќе земји од Европа и Западен Балкан да ги изнесат своите мислења и ставови за вештините потребни за идните работни места што ќе се креираат како резултат на брзиот развој на науката и технологијата. Имав можност да бидам дел од панелистите на темата: Состојбата во производствениот сектор со стручен кадар, како се справува реалниот сектор со овој проблем и идните вештини што ќе се бараат во овој сектор? Тема за која има што да се зборува.

Најпрво, чисто за илустрација, според последните податоци од Државниот завод за статистика (2021 година) производствениот сектор во нашата земја учествува со 37% во БДП и апсорбира256.723 вработени. Токму поради тоа еважен темел на економијата и поврзан со најбитните економски теми: економски раст, инвестиции, извоз, вработување, истражување и развој, продуктивност, додадена вредност, иновации...

Во 2009 година нашата земја ја усвои првата Индустриска политика, што беше основа за Индустриската стратегија на Република Македонија 2018-2027 година. Колку оваа стратегија се спроведува на дело, останува времето да покаже, а трендовите кои доминираат на глобалниот пазар на трудот бараат брзи промени во производствениот сектор. За да останат конкурентни и профитабилни во глобалната економија, производствените компании мораат да бидат подготвени и иновативни, да ги автоматизираат процесите, да внесуваат нови технологии, да користат специјализиран пристап да ги усовршат производите, да користат податоци за да анализираат и да го усовршат производствениот процес и да работат со минимален отпад. Тоа бара професионално и искусно управување со широко познавање на динамиката, но и на актерите во индустријата, што значи, како да се идентификува, ангажира и промовира стручниот кадар кој ќе одговори на новите предизвици.

Но реалноста е сосем поинаква кога станува збор за кадарот потребен на компаниите. Анализите изработени од Комората покажуваат дека 65% од компаниите се соочуваат со недостиг на стручен кадар, посебно технички, но и инженерски кадар , а 48% од компаниите забележуваат на ограничениот број кандидати со соодветни квалификации и работно искуство. Иако причината е од различна природа, одговорите на компаниите се идентични:

1. недоволно практично искуство и знаење на кадарот;

2. несоодветно образование;

3. иселување на населението (внатрешна и надворешна миграција) и

4. пензионирање на стручниот кадарот

Ваквата состојба бара неопходни промени во самиот концептот на образованието за да биде во чекор со новото време, а од друга страна образовниот систем долго време беше ригиден и бавен за да ги следи промените. И веднаш се поставува прашањето: Како компаниите го решаваат овој проблем?

1. Првиот чекор, како најефективен на почетокот, беше обезбедување кадар на пократок рок низ системот на неформалното образование, преку програмите за обуки за преквалификација и доквалификација, кои ги реализираа во своите работни простории.

2. Вториот чекор беше решавање на проблемот на подолг рок преку системот на формалното образование. Пристапот за обезбедување квалификации и вештини за потребите на производствените компании на почетокот беше тежок, но компаниите не се обесхрабруваа. Првите компании како пилот проекти подготвија кадар според нови програми, дизајнирани за сопствените потреби (ЕВН Македонија, АД; Дрекслер Маер; Костал; ЛТХ Леарница). Приватниот сектор стануваше сѐ погласен, а Стопанската комора, која уште во 2016 година бараше воведување на дуалното образование како најефикасен начин за обезбедување кадар, преку свои активности ја даде поддршката во овој процес. И така полека започнаа промените во образованието.

Учењето преку работа стана составен дел во образовните програми. Компаниите започнаа да земаат цели паралелки со ученици за реализација на практичната обука за да можат веднаш да ги вработаат. Бројката на компании вклучени во дуалниот модел на образование од 11 компании, во учебната 2021/2022 година порасна на 211 компании, а за новата учебна 2022/2023 година, бројката на компании кои сакаат да се вклучат достигна околу 450 компании. Трудот не беше залуден. Податоците од анализите на Комората кажуваат дека 42 % од компаниите имаат соработка со стручните училишта, а 46 % од соработката е поврзана со обезбедување практична обука за учениците , додека 26 % е во врска со вработување кадар во компанијата. Најновите податоци покажуваат дека дури 90% од компаниите сакаат да соработуваат со стручните училишта.

И сега би се вратила на прашањето: Кои ќе бидат најпобаруваните вештини што се очекуваат од работниот кадар? Динамиката на технолошкиот развој постепено создава нови занимања и потреби од нови вештини, а младите што го завршуваат образованието треба да имаат вештини за подолгорочна перспектива во секторот за кој се подготвуваат. Разбирањето на новите барања за вештини е од клучно значење за справување со предизвиците во побарувачката за вештини. Дополнително здравствена криза, климатските промени, енергетската криза придонесоа за менување на одредени навики во работењето на производствените компании, кои беа првите на удар и најмногу ги почувствуваа последиците од кризата, и до промена на агендата и приоритетите во обезбедувањето на вештините. Таквата динамика предизвика некои сектори да доживеат голем развој, други сектори да опаѓаат, а во некои случаи доаѓа и до згаснување на секторите. Податоците на најновата изработена анализа на Комората ( https://www.mchamber.mk/upload/publications/4/781_1.pdf ), покажаа дека во сите плански региони, во наредните 10 години, преработувачката индустрија брзо ќе расте, додека, пак, земјоделството како сектор ќе опаѓа, во некои региони ќе стагнира, а во југоисточниот регион ќе дојде и до негово згаснување.

Тоа ќе поттикне создавање нови професии, кои бараат нови вештини и развој на нови занимања и квалификации. Некои од постоечките занимања и професии кои нудат профилирани „знаења" повеќе не ќе можат да одговорат на идните барањата на пазарот на трудот, а тоа ќе доведе и до исчезнувањето на дел од постоечките занимања.

Меките вештини ќе сочинуваат две третини од сите работни места до 2030 година и ќе придонесуваат за раст на продуктивноста и одржливост на компаниите.

- критичкото размислување, решавање на проблеми, аналитички вештини,

- емоционална интелигенција, вештини за корпоративна одговорност за преземање одговорност за грешките и успесите во компанијата;

- креативност и иновативност;

- вештини и способности самостојно да учат и како да учат во текот на животот за лесно да се прилагодат на промените;

- комуникациски вештини, лидерски вештини и способности за донесување одлуки;

- тимската работа и вештини за управување со проекти;

- вештини за обработка на податоци и предвидување;

- вештини за прилагодување на промените и прифаќање на предизвиците во услови на брзо и динамично опкружување (отворен ум за нови решенија)

 

Овие вештини и денес се побарувани, но многу тешко се стекнуваат низ сегашниот образовен систем, кој бара итно реформирање и прилагодување на промените.

Свесни сме дека компаниите ги автоматизираат своите процеси, но некој мора да управува со машините и опремата. Затоа најбарана квалификација, и денес и во иднина, е Операторот на ЦНЦ машина.

Дефицитарни квалификации потребни за во иднина: Обработувач на метал; Заварувач; Автотехничар-мехатроничар; Конструкциски механичар; Машинско-енергетски техничар; Техничар за индустриско производство; Мехатроничар; Машински механичар; Електротехничар-енергетичар; Прехранбен техничар; Хемиско-технолошки техничар; Мeсо и млекопреработувач; Конфекционер, Конфекциски техничар, Текстилен техничар; Техничар за обувки; Производно-процесен техничар; Техничар за мебел и ентериер; Техничар за обработка на дрво; Столар; Фармацевстски техничар; Автоелектроничар и итн.

Квалификациите од ИТ секторот се неопходни за работните процеси сите сектори: Софтвер тестер, Програмер, Обработувач на податоци и прогнози; Кодер....

Логично е да се праша што се случува со високото образование. Одговорот е прецизен и јасен. Треба да се работи на зајакнување на врските помеѓу универзитетите, истражувачките центри и компаниите од производствениот сектор за обезбедување кадар со високообразовни квалификации со што ќе се пополни празнината во системот помеѓу академското учење и вистинското работно место. Дипломираните студенти поседуваат најнови академски знаења, но често пати им недостасува познавање на барањата во индустријата и пракса од работа во таква средина. Од друга страна пак, производствените мали и средни претпријатија кои не се добро поврзани со најновите технолошки и инженерски достигнувања, на овој начин би можело да им помогне за да се прилагодат на новите промени, да се иновираат и да ја одржат конкурентноста.

Очигледно, промените не смееме да ги правиме хаотично, туку на структуриран, систематизиран начин, користејќи анализи и предвидувања. Предвидувањата се значајни, бидејќи ќе поттикнаат политиките да го стават фокусот на развој на човечките ресурси кои ќе се здобиваат со вештини, полезни на долг рок на вработените на работното место.

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување