На 18 февруари 2022 година во Охрид и Струга се одржа трет ден од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“ која ја спроведува Министерството за образование и наука со поддршка од Швајцарската амбасада и проектот Образование за вработување во Северна Македонија, како и Стопанската комора на Северна Македонија. Со овој настан се продолжува дијалогот со кој МОН втора година по ред го унапредува средното стучно образование и ги креира уписните политики по мерки на стопанството, утврдувајќи ги притоа потребите од одредени стручни кадри во компаниите во локалната заедница, со цел дизајнирање на образовни програми согласно потребите на заедницата, а со тоа и воведување на соодветни стручни профили во локалните средни училишта.
Комората ги поттикна компаниите да примат ученици од средните стручни училишта на практична настава, а со самото тоа дирекно ги вклучи во образовниот процес на учениците, обучувајќи стручно лице ментор во самата компанијата кое ќе има задача да ги води учениците низ целиот процес на практична работа во компанијата, ќе ги научи на клучни елементи учениците односно на збир на практични активности за стекнување компетенции потребни за извршување конкретни работи и работни задачи, кои се програмираат според карактерот на образовниот профил. На ученикот му овозможува преку образование стекнување и развивање знаења, вештини и способности за вработување, односно општи и професионални компетенции за постапно вклучување во процесот на трудот.
На настанот присуствуваше Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој посочи дека во учебната 2021/22 година, како резултат токму на дијалогот „Учи паметно, работи стручно“ од вкупно 10.683 ученици запишани во средно стручно образование, 1.400 ученици го избрале дуалното образование. Бројот на дуални паралелки беше зголемен од 11 на 97 со вклучени над 200 компании. Информираше дека помеѓу најбараните струки се машинската, електро-техничката, хемиско-технолошката, економско-правна, трговска и шумарско-дрвопреработувачкa. Министерот истакна дека интересот на компаниите да се вклучат во овој псроцес е огромен, тоа го потврдува и прашалникот што го спроведе МОН пред да го започне дијалогот оваа година, кој го одговорија околу 400 компании. Дури 90 % од овие комапнии, се изјаснија дека подготвени да се вклучат во дуалното образование, односно да примаат ученици на пракаса во учебната 2022/23 година.
Свое задоволство од кампањата искажаа и градоначалниците на Струга, г-дин Рамис Мерко и градоначалникот на Охрид, г-дин Кирил Пецаков, кои се дирекно вклучени и даваат голема подршка на локалните средни стручни училишта, како и на организациите од јавниот и приватниот сектор.
Директорот на Центарот за стручно образование, г-дин Шериф Мифтари се заблагодари на присутните и истакна дека од годинава има нови 17 обучувачи на ментори во компании, со што ќе се овозможи за пократок период да се обучат што повеќе ментори во компаниите и ќе се овозможи побрз процес на сертифицирање на менторите, а со самото тоа и на верификација на самата компанија да прими практиканти во својте компании.
Комората активно учествува во целиот процес воведувајќи нови алатки кои ќе им се од помош и на компаниите и на училиштата, како што се електронскиот регистер на сертифицирани ментор и верификувани компании кои ги вмрежува сите активни чинители во стручното образование, како и публикацијата „Упатство за учење преку работа“, алатка што ќе им помогне на наставниците и работодавачите за примена на учењето преку работа во стручното образование и обука.
Вклучувањето на бизнис-заедницата во реализирањето практична обука е знак за општествено одговорни компании, кои преку практичната обука на учениците им овозможуваат полесна примена на стручната теорија во пракса, со што се постигнува подобро разбирање на содржината која се учи во училиште, истакна м-р Наташа Јаневска експерт за образование од Стопанската комора на Северна Македонија. Тоа придонесува учениците да се здобијат со вештини и со работни навики што се од особено значење во градењето на една личност. На тој начин се постигнува добитна ситуација за двете страни – компаниите ги насочуваат учениците спрема стекнување знаења и вештини барани на пазарот на трудот, а учениците теоретското знаење го дополнуваат со практична обука во компанија, па по завршувањето на формалното образование се подготвени да се вклучат во работните процеси, што значи подготвен кадар во согласност со потребите на работодавците.