ДЕФИНИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ВО ФОКУСОТ НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР ВО 2022 ГОДИНА
➢ Актуелно (28.01.2022, во 15:33:33)
👁 Прочитано: 925




ДЕФИНИРАНИ АКТИВНОСТИТЕ КОИ ЌЕ БИДАТ ВО ФОКУСОТ НА ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР ВО 2022 ГОДИНА

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија одржа on-line седница на која го усвои Извештајот за реализираните активности во изминатата година го дефинираше Планот за работа во 2022 година. 

Анализата и следењето на деловните тенденции во градежништвото и индустријата на градежни материјали, како и заложбите за ублажување на ефектите од здравствено – економската криза врз градежните компании и понатаму ќе останат приоритетни активности. Акцент ќе биде ставен и на вклучувањето во проектните активности на Стопанската комора посветени на енергетската ефикасност и примената на новите дигитални алатки во градежниот сектор, како и на унапредувањето и развојот на стручното образование и обука во секторот.

Претседателот Андреа Серафимовски, презентирајќи ги реализираните активности во 2021 година, посочи дека пандемиските услови не ја попречија работата на Здружението и тоа активно се залагаше за подобрување на деловниот амбиент во градежната индустрија. Притоа, одржани беа состаноци и работни средби со ресорните министерства за прашања од интерес на градежните компании и со претставници на стручната фела, покренати беа иницијативи до креаторите на политиките во секторот да посветат соодветно внимание на планирањето и реализацијата на инвестициите, да се заложат за донесување на квалитетна регулатива во областа на градењето, како и да водат сметка за домашните градежни капацитети и да ги искористат нивните потенцијали во реализацијата на големите капитални проекти, се со цел побрзо закрепнување и раст на домашната економија за време и по завршување на кризата.

Во рамки на активностите посветени на подобрувањето на состојбите во високоградбата, на работната средба се заклучи, во следниот период да се иницираат и состаноци со градоначалниците на општините во кои изминатите години беа лоцирани определени застои во градењето, а кои се одразија врз работењето на реалниот сектор и на приватните инвеститори.

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување