ОД УНИКАТНА ИДЕЈА ДО ИНОВАТИВЕН СТАРТАП БИЗНИС
➢ Актуелно (28.01.2022, во 15:35:11)
👁 Прочитано: 1775



Интервју со м-р Наде Богоевска и Михаела Поповиќ, мотивациони говорници на Програмата за развој на стартап бизниси
ОД УНИКАТНА ИДЕЈА ДО ИНОВАТИВЕН СТАРТАП БИЗНИС

За ентузијазмот и социјално претприемачки дух да се започне поразличен бизнис, разговаравме со м-р Наде Богоевска и Михаела Поповиќ, сопственички на „АвАв Хепи Дог“ кои во 2017 година ја добија наградата „СИА“ за најдобро социјално претпријатие, а веќе во 2019 година стануваат добитнички и на Програмата „Чекор по чекор“ на Шпаркасе банка.

Како млади претприемачи обединети под иста пасија својата уникатна идеја ја преточуваат во стартап бизнис. Наде е магистер по стратегиски комуникациски, и има искуство во маркетинг, а особено има афинитет за односи со јавноста и комуникациски стратегии и социјални медиуми. Таа е типичен млад социјален претприемач, со одлични организациски способности, богата со иновативни идеи за решавање на многу социјални проблеми во заедницата. Уште од најрани години таа е голем љубител на животните и е активист за правата на кучињата. 

Михаела пак, е инженер архитект и има големо искуство за користење на рециклирани материјали во модерен дизајн и е голем подржувач на оддржливиот развој. Михаела е полна со љубов кон сите животи, особено кон кучињата и никогаш не пропушта можност да направи нешто добро за нивната благосостојба и да им помогне на бездомните кучиња. Михаела со многу страст и љубов, а пред се поради нејзината уметничка душа и креативност го дизаинираше и го изведе АвАв Хепи Дог паркот користејки контејнери, палети, стари гуми, остатоци од градежни материјали и заедно со Наде и голема група волонтери го создадоа царството на кучињата во Скопје, водејки максимална сметка за енергетска ефикасност и заштита на животната средина. Преку студиски патувања со самофинансирање Наде и Михаела имат посетено, повеќе шелтери и паркови за кучиња низ Европа, и се стекнаа со меѓународно искуство и добра пракса, која што ја применуваат во Македонија.

Веќе четири години на пазарот постои Центарот „АвАв Хепи Дог“, што беше инспирација за да се започне ваков уникатен бизнис?

Почнавме од идејата дека секое куче може да има среќен и долговечен дом. „Кучето е за цел живот“ е мотото по кое се водиме и со коешто почнавме да ја реализираме идејата и да го живееме сонот, да помогнеме за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Сакаме да создадеме модел којшто ќе се применува според светски и европски стандарди, со хуман третман, дресура и нега на кучињата коишто би ги згрижиле привремено и би ги подготвиле за вдомување. Идејата се разви многу спонтано, во суштина секој којшто има миленик кај нас го има истиот проблем, многу е тешко да отидеш каде било со куче, да се забавуваш и да се чувствуваш слободен и релаксиран. Во светот е добро познат овој концепт на забавни паркови за кучиња, односно специјални паркови и центри каде може во исто време да се забавуваат и сопствениците и милениците, односно во исто време да има можност за нега на миленикот, храна и сè она што е потребно на еден сопственик на куче. Сакавме да создадеме центар во кој секој ќе се чувствува пријатно со својот миленик, ќе се разменуваат искуства, ќе се одржуваат јавни настани со различни содржини, акции за вдомување на напуштени кучиња и ќе се подига свеста и одговорноста кон добра нега на кучињата од страна на сопствениците, но и од останатите граѓани, а особено на децата како идни сопственици на кучиња. Сакавме да создадеме сопствен бизнис со кој во моментов дел од профитот го делиме во помагање на здруженија и ветеринарни трошоци за помагање со проблемот со бездомните кучиња кој го има нашата држава. Преку отварање на овој бизнис успеавме да се доближиме до клиентите кои се сопственици на кучиња и новите потенцијални сопственици на кучиња за да им пренесеме специјализирани начини на чување и третирање на кучиња. Главна цел ни е овој бизнис да стигне до степен на финансирање на свој сопствен приватен стационар кој ќе биде слика и пример за европски стандарди и услови за третирање на секое бездомно куче кое го има оваа држава. 

Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како млади претприемачи?

Најголемиот предизвик кој не не избегна и нас е патот до легална и правилна документација за започнување на сопствен бизнис (што не е наведен во ниту една државна институција), лутањето во погрешни врати и насоки, недостапноста на надлежните институции и нивните затворени врати е почетната пречка за секој млад претприемач. 
Немањето доволно финансии ( или непредвидените трошоци ) е вториот чекор на којшто наидува секој стартап претприемач, потребата од достапност на фондови и финансиски апликации кои се клучни за поддршка на секој млад претприемач. Исто така од клучна помош е менторството односно пронаоѓање на правиот ментор кој ќе верува во вашата идеја ќе ве поддржи подучи и води низ целиот процес на отварање на сопствениот бизнис, како и немањето на доволно организирани хабови и програми каде секој млад претприемач ќе го помине процесот на обука за отварање на стартап бизнис. Дополнително како наш најголем предизвик го сметаме непостоењето на пример за нашиот тип на бизнис и услужна гранка во нашата држава и потребата да се посетат ваков тип на центри надвор од нашата држава, каде ние сами ги финансиравме што сметаме дека е дополнителна пречка, односно немањето на отворени фондови за поддршка во  финансирање на стручни обуки во странство за иновативни концепти и идеи за бизнисот. 

Од идеја до функционален бизнис, колку сметате дека младите лица се подготвени да превземат ваков деловен потфат?

Нашето првично мислење е дека младите можеби се подготвени на ваков деловен потфат, но не се доволно поддржани. Како прв фактор можеби е она што секој млад претприемач треба да го има во себе, а тоа е да верува во својата идеја и реализација на истата. И покрај големиот број на предизвици со кои би се соочиле како што споменавме погоре сметаме дека само оние кои силно веруваат во својата идеја и знаат што сакаат да направат и работат би се нафатиле на ваков деловен потфат и би истаале и во најтешките моменти што ги носи еден стартап бизнис.

Што би им препорачале на идните претприемачи и учесници на Програмата за развој на стартап бизниси?

Како прво нешто според кое ние две се водиме до ден денес, е да веруваат во себе, да веруваат во реализација на својата идеа, сметаме дека тоа е клучното и затоа сме стигнати денес каде што се наоѓаме. Предизвиците, препреките и тешкотиите да ги поминуваат со решавање на истите, а не откажување. Се оди до онаа крајна точка се разбираа до каде гледаш дека се си направил, си дал и си вложил се од себе. Најлесно е да се откажеш и не е страшно и да затвориш или да не успееш во намерите и продолжиш понатаму, но многу битно е да знаеш што сакаш да постигнеш и која ти е крајната цел. Дали сакаш да бидеш претприемач, да си ги реализираш своите соништа, амбиции да се носиш со сите ризици и предизвици или да работиш за плата некоја работа. Во суштина е најважно е да се познаваш себе си, својот карактер, упорност, амбициите, навиките и истрајноста. 

Програмата за развој на стартап бизниси започнува на 28 февруари 2022 година, а планирано е да заврши на 10 јуни 2022 година. 

ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА ЧЕТИРИМЕСЕЧНАТА ПРОГРАМА ЗА РАЗВОЈ НА СТАРТАП БИЗНИСИПрактично со започнувањето на оваа активност на Советот за унапредување на високо образование и стратешки истражувања, во пресрет на големиот јубилеј од 100-години коморско организирање во државата, Стопанската комора на Северна Македонија како најстара и најбројна бизнис асоцијација покажува дека отвореност и поддршка за сите компании кои се подготвени преку иновативност и креативност да креираат додадена вредност.

Повеќе информации за Програмата и Пријавата за учество на Програмата за развој на стартап бизниси, како и за начинот на пријавување и запознавање со предавачите и темите можете да најдете на интернет страната на Стопанската комора на Северна Македонија: www.mchamber.mk 

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење