ДВА ФАКТОРИ СЕ ЗНАЧАЈНИ ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА СОПСТВЕН БИЗНИС – ЛИЧЕН РАЗВОЈ И ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ ЗА ВОДЕЊЕ НА БИЗНИСОТ
➢ Актуелно (25.01.2022, во 08:07:18)
👁 Прочитано: 1391



Интервју на д-р Ристо Иванов, ментор на Програмата за развој на стартап бизниси
ДВА ФАКТОРИ СЕ ЗНАЧАЈНИ ЗА ЗАПОЧНУВАЊЕ НА СОПСТВЕН БИЗНИС – ЛИЧЕН РАЗВОЈ И ЗНАЕЊА И ВЕШТИНИ ЗА ВОДЕЊЕ НА БИЗНИСОТ

За потребните знаења и вештини за започнување сопствен бизнис, трансформацијата на идејата во бизнис план, предизвиците со кои се соочуваат младите лица и можностите кои ги нуди Програмата за развој на стартап бизниси, разговараме со д-р Ристо Иванов.
Ристо Иванов e доктор по економски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со над 20 години искуство со деловните консултантски услуги и со советодавните услуги во Република Северна Македонија и во Западен Балкан. 
Како сертифициран менаџмент-консултант и како професионален проектен менаџер, негова експертиза се растот на бизнисот, претприемништвото, конкурентоста и градењето капацитети на поединци и на организации. 
Има развиено методологии за развој на стартап бизниси,  менторирање на растот на бизнисот и мобилизирање финансии преку проектен пристап, во насока на побрзо и на полесно остварување на поставените цели. Организирал над 500 обуки за претприемништво и за вештини за планирање на бизнисот на преку 10.000 стартапи, а советувал повеќе од 300 компании и организации.  Во 2014 година, како претседател на „МКА 2000“, ја доби наградата за најдинамична менаџмент консалтинг асоцијација во Југоисточна Европа. 

Како ментор на Програмата за развој на стартап бизниси неговата улога е изработка на програмата и материјалите за обуката, координација на предавачите и мeнторите за водење на учесниците низ чекорите за подготовка на бизнис планот и менторирање на учесниците во програмата за пристап до инвестиции за нивните бизнис планови. 

Г-дине Иванов, Вие сте ментор на Програмата за развој на стартап бизниси во рамки на Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија. Кои се најважните знаења и вештини кои треба да ги научат младите претприемачи за успешно да ги водат стартап бизнисите?

- Претприемништвото се дефинира како способност да се претворат идеите во дела. Две групи на знаења и вештини им се потребни на младите претприемачи да ја стекнат оваа способност. Првата група се однесува на личниот развој, а втората група се знаења и вештини за водење на бизнисот. За личен развој најважни се знаењата за карактеристиките на претприемачите и вештините за градење на самодоверба и мотивираност за поставување на цели и мобилизирање на ресурси за нивно остварување. Во водењето на бизнисот најважни се знаењата за опкружувањето и потребите на потенцијалните купувачи и вештините за идентификувањето и изборот на бизнис идејата, креирање на производи и нивна размена на пазарот. 
Програмата за развој на стартап бизниси е дизајнирана според структуриран процес на стекнување на двете групи на претприемнички знаења и вештини за успешно започнување на сопствен бизнис.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат лицата кои сакаат да започнат свој бизнис?

- Во мојата повеќе децениска работа со млади луѓе досега не се случило некој да нема знаење или вештини за некоја работа. Првиот предизвик за лицата кои сакаат да започнат свој бизнис е да ги препознаат тие способности и да ги преточат во бизнис идеја преку идентификување на можностите што ги нуди бизнис окружувањето. Вториот предизвик е да креираат производи/услуги што ќе ги испорачуваат на купувачите и да ја проценуваат исплатливоста на бизнисот. Третиот предизвик со кои се сочуваат е стекнувањето комуникациски вештини за успешно стартување на бизнисот и привлекување купувачи и инвеститори. 

Сепак како најголем предизвик за лицата што сакаат да започнат свој бизнис е дека „се е тешко пред да стане лесно“. Поточно да бидат во состојба работите да ги прават повеќе од еднаш. Успехот со првиот обид најчесто е среќа. Стекнувањето на способности во било која област од бизнисот се должи на континуирано учење и тренинг за унапредување на знаењето и вештините за водење на бизнисот.

Дали сметате дека претприемачкиот потенцијал кај младите е доволно развиен за да можат самостојно да подготват бизнис план кој ќе биде препознат од страна на инвеститорите или финансиерите?

- Иако сè во бизнисот може да се научи, сепак треба да се нагласи дека претприемништвото е вродена способност кај секој поединец, особено кај младите. Меѓутоа тој потенцијал  или не се користи или се користи за други работи, а не за бизнис. Покрај овој факт сакам да нагласам дека  пристапот на Програмата е успешно применуван кај голем број млади луѓе кои во период од 3-4 месеци самостојно подготвуваа бизнис план. Меѓутоа, бизнис планот е само 50% од работата за привлекување на инвеститори или финансиери. Останатите 50% се карактеристиките на личноста која стои зад бизнис планот. Во развиените економии предност во вработувањето и/или инвестирањето се дава на карактеристиките на кандидатите (иницијативноста, посветеноста, вредностите што ги следи, желбата за напредок и слично). Од овие причини првиот и третиот модул од Програмата ги опфаќа овие прашања и ги подготвува учесниците, покрај бизнис планот, да бидат препознаени од страна на инвеститорите и финасисерите како личности во кои вреди да се инвестира.  

Според Вас, колку иновативноста како фактор е значајна при создавањето на бизнис идеја?

- Иновативноста е значаен фактор при развивањето на бизнис идејата. Меѓутоа таа треба да се сфати во поширока смисла на зборот, а тоа значи дека покрај создавање на нов производ иновативноста може да биде во подобрување на постоечки производи/услуги, креирање на нови потреби на пазарот, иновирање на начинот на комуникација со пазарот, маркетингот и слично.
Посебно значаен фактор ќе бидат иновативните бизнис идеи за зелена економија и дигитализацијата, кои како приоритети се утврдени на европско и глобално ниво.

Четиримесечната Програма за развој на стартап бизниси е наменета за млади невработени и вработени лица кои имаат желба да започнат сопствен бизнис. Преку Програмата учесниците имаат можност за вмрежување со компаниите во Комората и презентација на идеите пред соодветните компании кои можат да бидат заинтересирани за вклучување на стартап бизнисите во домашните “value chains”, дополнително учесниците ќе имаат можност за презентирање на идеите пред финансиски институции за финансирање на стартап бизисите.
Програмата за развој на стартап бизниси започнува на 28 февруари 2022 година, a рокот за пријавување е до 11.02.2022 година. Повеќе информации за Програмата и начинот на пријавување на следниот линк

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење