Почеток на кампањата за поголема промоција на медијацијата со наслов -„Има решение“: Медијацијата е побрза и поекономична постапка
➢ Актуелно (16.01.2022, во 01:59:35)
👁 Прочитано: 1292




Почеток на кампањата за поголема промоција на медијацијата со наслов -„Има решение“: Медијацијата е побрза и поекономична постапка

Министерот за правда на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ на 14.01.2022 година под слоганот „Има Решение“ го најави почетокот на кампањата за поголема промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите за придобивките од нејзината примена. На официјалниот почеток на кампањата за поголема промоција на медијацијата, присуствуваше и потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева Јовевска која е и претседател на Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ). АПМ од 2016 година функционира при Стопанската комора како прва Асоцијација во нашата држава од таков вид. Георгиева Јовевска ја подвлече отвореноста на АПМ и Стопанската комора за поддршка на кампањата и поддршката за поголема популаризација и афирмација на оваа ефикасна и економична алтернативна алатка за решавање на споровите.

Министерот Маричиќ на настанот истакна дека алтернативното решавање спорови преку медијација е голем чекор напред не само во насока на забрзување и ефикасност на решавањето спорови, туку и во насока на помодерно решавање на споровите воопшто. Тој подвлече дека од решавањето на споровите по пат на преговори, корист имаат не само поединците туку и општеството во целост. Исто така тој ја апострофираше важноста на медијацијата и позитивните ефекти од нејзината примена со акцентирање на тоа дека овој начин на вонсудско решавање спорови е поедноставен, трае пократко, чини помалку, доверлив е и без негативни ефекти.

Тој во своето обраќање кажа и дека со користење на медијацијата се намалува бројот на судски предмети и се отвора простор судовите уште поефикасно и ефективно да ја извршуваат својата функција.

На промоцијата министерот Маричиќ подвлече; „Со воспоставување и унапредување на медијацијата како сигурна и ефикасна процедура ја закајнуваме и правната средина за бизнисот, особено примамлива станува во стопанските и работните спорови бидејќи на странките во овие спорови најважно им е брзо и ефикасно без многу финансии да ги решат конфликтите и притоа да не ги изгубат деловните партнери“.

„Медијацијата не е лек за сите слабости во правосудниот систем, но треба да се има предвид дека може да стави крај на 50-70 проценти од споровите. На пример, во САД дури 90 проценти од споровите се решаваат на овој начин, а во државите од Западна Европа повеќе од 50 проценти. Ние секоја година, почнувајќи од 2017 година бележиме пораст во примената на медијацијата како алтернативен начин во решавањето на споровите, но во моментов сè уште сме далеку од нејзиниот вистински ефект“-додаде Маричиќ.

Според податоците кои ги изнесе министерот Маричиќ, лиценцираните медијатори од 2017 заклучно со 2021 прикажале внес на скоро 3.500 предмети во Регистарот за евиденција на постапките за медијација во Министерството за правда, од кои 1.730 завршиле со спогодба.

  • Стопанската комора на С.Македонија ја поддржува Медијацијата, со главна цел популаризација на овој начин на вонсудско решавање на споровите
  • Со популаризација на медијацијата се намалуваат непотребно долгите и скапи спорови и се зголемува ефективноста во надминување на конфликтите во ставовите на страните, преку наоѓање решенија прифатливи за двете страни.
  • Во оваа насока а со цел поддршка на медијацијата и поголема нејзина афирмација и достапност до компаниите, на 15.07.2016 година во Стопанската комора на Македонија се формираше првата Асоцијација од ваков вид во нашата држава која има за цел поддршка на медијацијата (АПМ) каде членки се лиценцирани медијатори, експерти од конкретната област, институции и фирми кои можат да учествуваат во поддршката на медијацијата.
  • Од јули 2016 година до сега имаме направено над 40 бесплатни семинари за придобивките на медијацијата пред бизнис заедницата и имаме опфатено над 1000 учесници-претставници од компаниите и други заинтересирани страни.
  • Организатори сме на првата меѓународна конференција за промоција на медијацијата со поддршка на Асоцијацијата на балкански комори и Унијата на Германско индустриски комори со учество на високи гости од Холандија, Германија, Грција, Турција, Молдова, Бугарија, Србија, Косово, БиХ кои разменуваат искуства од ефектите за примената на медијацијата. Во следниот период АПМ при Стопанската комора ќе продолжи со активности за поголема промоција и достапност на медијацијата кај бизнис заедницата....

 

Како информација наведуваме и дека на 27.12.2021 година во Службен весник на РСМ е објавен новиот Закон за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021). Новиот Закон за медијација е влезен во сила од 04.01.2022 година односно осмиот ден од објавувањето во Службен весник на РСМ. Со денот на влегувањето во сила на НОВИОТ закон престанува да важи Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ број 188/13, 148/15, 192/15 и 55/16). Во делот на Преодните и завршни одредби во Законот за медијација („Службен весник на Република С.Мaкедонија“ бр. 294/2021) наведени се сите активности кои ќе следат во утврдените рокови. Новиот закон за медијација, кој на 23.12.2021 година беше изгласан во Парламентот, има за цел приближување на земјата кон Европската Унија, која, пак, во ситуација на разрешување конфликтни и спорни ситуации акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив.

д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска
потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија и проектен менаџер за развој на советите