СЕ` ЗА ПОДДРШКА НА ИЗВОЗНА КОНКУРЕНТНОСТ НА БИЗНИСОТ КОМОРАТА УСПЕА ВО БАРАЊЕТО ЗАКОНСКИ ДА СЕ УКИНАТ ИЛИ НАМАЛАТ ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ ЗА 260 СУРОВИНИ И РЕПРОМТЕРИЈАЛИ
➢ Актуелно (17.12.2021, во 15:18:24)
👁 Прочитано: 1030



Со тимска работа на Стопанската комора, Министерството за финансии и Царинската управа до заедничка цел - обезбедување на поволни услови за работа на компаниите
КОМОРАТА УСПЕА ВО БАРАЊЕТО ЗАКОНСКИ ДА СЕ УКИНАТ ИЛИ НАМАЛАТ ЦАРИНСКИТЕ СТАПКИ ЗА 260 СУРОВИНИ И РЕПРОМТЕРИЈАЛИ

Од 18 поднесени иницијативи од Стопанската комора до министерството за финансии од моментот кога министерот Бесими раководи со овој сектор, досега 7 се целосно прифатени, 9 се во фаза на реализација, 2 се одбиени. Овој резултат е пример дека преку дијалог и дебата врз база на аргументи, анализи и факти, може да се постигне успех односно, Владата да носи решенија кои се во интерес на бизнисот, изјави претседателот на Комората Бранко Азески на денешната заедничка прес конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими. Трајното укинување или намалување на царинските стапки кај околу 260 суровини и репромтеријали кои се користат во производствениот процес кај компаниите кои се претежно извозно ориентирани а за кои активностите беа иницирани преку Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, ќе овозможи повеќе од 13 милиони евра (што досега се плаќаа на име на царински давачки) да останат во компаните, во насока на поддршка на нивната извозна конкурентност. Тоа треба да е пример како треба да се соработува и со другите владини институции и органи, вели Азески, изразувајќи благодарност до министерот за финансии. 

Министерот Бесими посочи дека е од исклучителна важност што во комуникацијата и соработката со Стопанската комора предводена од претседателот Азески постои разбирање што не сите иницијативи може веднаш да се решат, и најави континуитет на соработката. 

Со измените на Законот за царинска тарифа, кои неделава ги донесе Владата, на системски начин, трајно се пристапува кон усогласување на нивото на царинска заштита со актуелните потреби на домашната индустрија. Овие измени значат и хармонизација со царинските стапки кои се применуваат во ЕУ, посочи м-р Анета Димовска менаџер во стручната служба на Комората. Така, намалените  царински стапки на ќе влијаат на конкурентноста на компаниите од преработувачката индустрија, пред сé на компаниите од автомобилската, електро-металната индустрија, металургијата, хемиската, како и на текстилната и кожарската индустрија. Со предложениот Закон се намалуваат царинските стапки до нивото на оние кои се пропишани во ЕУ за најприоритетните стоки, суровини и репроматеријали кои се користат како компоненти потребни за производство на технолошко напредни производи, како и за други производи чие производство е условено од набавки од странство. Димовска посочи дека укината е и царината за увоз на природниот гас (наместо постојната царинска стапка од 2% по TJ, предвидено е слободен увоз), со што директно се влијае врз конкурентноста. 

  

 

 

 

 

 

На денешната прес конференција беше промовиран и Договорот за соработка помеѓу СКСМ и Царинската управа за едукација на економските оператори во доменот на царинското работење, со што Комората ги потврдува своите заложби во доменот на едукацијата. Договорот како што истакна Извршниот директор на Комората м-р Антони Пешев предвидува план за обуки за 2022 година кои ќе значат приближување на царинското работење на компаниите, во насока на подобро разбирање на измените на регулативата, како и вовдувањето на дигитализацијата во царинските постапки. 

Директорката на царинската управа Славица Кутиров посочи дека овој договор е уште еден во низата на соработка на двете институции и посочи дека Царината ги става на располагање своите стручни кадри за едукација на економските оператори со цел поддршка на извозната активности и процесите кои водат до ефикасност во работата на компаниите.

 
 
 
 
 
Служба за информирање при Комората