ПРОФЕСОР Д-Р ДАРКО ЛАЗАРОВ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КЛУБОТ НА ИЗВОЗНИЦИ
➢ Актуелно (17.12.2021, во 09:39:35)
👁 Прочитано: 1763




ПРОФЕСОР Д-Р ДАРКО ЛАЗАРОВ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КЛУБОТ НА ИЗВОЗНИЦИ

Клубот на извозници при Стопанската комора на Северна Македонија одржа изборна седница на која за нов претседател е избран проф. д-р Дарко Лазаров, професор на Економски факултет - Штип во областа на меѓународна економија и бизнис, директор на Меѓународниот Институт за Бизнис Анализа и долгогодишен соработник на Стопанската Комора на Северна Македонија.

Презентирајќи го новиот концепт на Клубот на извозници и предлогот за претседател, оперативниот директор за претставување на членките и вмрежување во Стручната службана на Стопанската комора, Билјана Пеева-Ѓуриќ, пред присутните на состанокот кој поради се`уште актуелните Ковид протоколи се одржа во хибридна форма, констатираше дека практичното искуство од областа на меѓународна трговија и меѓународен бизнис но и академското знаење на проф. д-р Дарко Лазаров може значително да придонесе во градење на новиот концепт на Клубот на извозници и успешно реализирање на идните програмски активности кои ќе испорачаат вистинска вредност за членки на Клубот.

Заблагодарувајќи се за искажаната доверба проф. Лазаров пред присутните претставници на компаниите образложи дека согласно концептот за работа на Клубот на извозници ќе ги продолжи своите првично поставени задачи и цели насочени кон поддршка на домашните извозно ориентирани компании преку идентификување на нови извозни можности и создавање на реални услови за освојување на нови пазари, воспоставување на нови трговски релации, пазарни врски и форми на соработка со потенцијални трговски партнери, како и надминување на различните околности и пречки кои се поврзани со пристапот до нови пазари за домашните извозно ориентирани компании. Клубот на извозници со воспоставување на новиот концепт на работење и обезбедување на нови услуги ќе постане вистински сервис за домашните извозно ориентираните компании во нивните напорти за зголемување на извозната активност и надминување на сите бариери и пречки за извоз. Работењето на Клубот ќе биде базирано на поддршка и промоција на извозот преку:

  1. Публикување на електронски месечни, квартални, полугодишни и годишниизвештаи за трговска размена и информации за светски трговски трендови.
  2. Развивање на маркетинг стратегии за извоз кои ќе бидат базирани на детални пазарни анализи.
  3. Имплементација на креираните маркетинг стратегии за извоз на извозно ориентирани компании членки на Клубот преку барање на конкретни трговски партнери на претходно идентификуваните потенцијални извозни пазари за конкретни прозиводи (согласно тарифни броеви), воспоставување на бизнис релации со идентификувани трговски партнери, утврдување на оптималните продажни канали, обезбедување на логистика за извоз.

За финансирање на дел од овие услуги за членките на Клубот, Стопанската Комора на Северна Македонија и Клубот на извозници ќе бараат извори на финансирање преку програмата во рамките на вториот столб од планот за економски раст поврзан со интерналиционализација, инструментите на Министерството за економија за поддршка на извозно ориентирани МСП, мерките на Агенцијата за странски инвестиции и поддршка на извозот, како и повици и инструменти на меѓународни институции и донори поврзани со проекти за јакнење на конкурентноста на македонската економија. Дополнително, Клубот на извозници заедно со стручен и експертски тим ќе работи на подготовка на проектни апликации со зголемување на конкуретноста на компаниите.

Клубот на извозници ќе ја продолжи и соработката на институционално ниво за олеснување на извозот, а ќе работи и на едукативните процеси преку обуки и работилници за вработените во компаниите членки на Клубот на теми кои ќе бидат од важност за самите компании во јакнење на нивните човечки капацитети со цел зголемување на извозните активности на странски пазари, вклучувајќи и градење на маркетиншки и продажни вештини за настап на странски пазари.

Претседателот на Клубот на извозници ја презентираше и платформата за вмрежување на компании „База на податоци за пристап до пазарот“ (market access data baza), во делот на засилена соработка помеѓу земјите од Западен Балкан имплементирана од Коморскиот инвестициски форум со поддршка од Европската Унија, и можностите за компаниите кои ги нуди оваа база од аспект на поврзување со потенцијални добавувачи и купувачи.

Досегашниот и прв претседател на Клубот на извозници Глигор Цветанов, актуелен потпретседател на Стопанска комора, истакна дека е огромна честа што му била укажана да го реализира концептот на Клубот во 2017 година и да ги постават темелите на оваа организациска форма на делување во комората за еден од најзначајните сегменти на економија, а тоа е извозот како мотор на развојот на секоја држава.

Поддршка на новиот концепт даде и Горан Антевски, како досегашен потпретседател на Клубот и сопственик на Раде Кончар ТЕП. Неговата компанија беше и директен учесник во проектот подржан од ФИТР за набавка на опрема за зголемување на извозната конкурентност преку подобрување на производните и технолошките капацитети на селектирани извозно ориентирани компании.

Професор Дарко Лазаров е автор на повеќе научни трудови од областа на меѓународната трговија публикувани во реномирани светски списанија и има реализирано повеќе академски и научно-истражувачки посети на познати европски Универзитети.

Паралелно, во изминатиот период преку конкретни активности во рамките на неколку проекти во соработка со Комората практично придонесе во поддршка на извозно ориентираните компании, членки на Комората. Беше проектен координатор и главен експерт во реализација на проектот “Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачката, машинската и електро индустријата преку подобрување на производните и технолошките капацитети на селектирани извозно ориентирани МСП” што Комората го реализираше во периодот 2019-2021. Проектот беше финансиран од ФИТР и Светска Банка и во рамките на истиот беа набавени 26 модерни машини во износ од 1.100.000 евра, а истовремено беа изработени стратегии за извоз на 4 компании кои беа дел од проектот. Истовремено, е главен автор на студијата “Идентификување на извозните можности на македонската економија” која беше нарачана од УО на Комората за потребите на извозно ориентираните членки на Комората и ко-автор заедно со Претседателот Бранко Азески на студијата “Модерна реиднустријализација и извозна диверзификација на македонската економија”, студија која беше презентирани во рамките на конференцијата организирана од Владата на РСМ и МАНУ како основа за креирање на идните економски политики за поддршка на извозниот сектор. Во моментот е главен експерт во спроведување на проектот за изработка на платформата за вмрежување на компании од ЗБ “Market Access WB6CIF Digital Platform” која е финансирана од ЕУ, а имплементирана од Коморскиот Инвестициски Форум – организација на 6-те Комори од ЗБ.

 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување