СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, УЧЕСНИК ВО РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ „УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ОБУКАТА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА (ЕQVET SEE)“
➢ Актуелно (15.12.2021, во 08:20:34)
👁 Прочитано: 478




СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, УЧЕСНИК ВО РЕГИОНАЛНИОТ ПРОЕКТ „УНАПРЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ  ВО ОБРАЗОВАНИЕТО И ОБУКАТА ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА (ЕQVET SEE)“

Со поддршка на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) на 6-те земји од Западен Балкан, чии активности се насочени кон економска соработка, подобрување на бизнис климата и унапредување на конкурентноста на економиите од регионот, продолжија активностите започнати и во делот на образованието. Без развој на човечки ресурси нема развој на економијата, иновациите и конкурентност на пазарот. На вчерашниот состанок што се одржа во Белград со националните координатори од коморите од 6-те земји на Западен Балкан, како претставници на бизнис заедницата, на кој присуствуваше и преставник од Стопанската комора на Северна Македонија, и координатори од Центрите за стручно образование и обука како преставници од образованието, беше претставен новиот проект „Унапредување на квалитетот во образованието и обуката во Југоисточна Европа (ЕQVET SEE)“. Проектот се реализира од страна на Иницијативите за реформи во образованието за Југозападна Европа (ЕРИ СЕЕ), финансиран од Австриската агенција за развој со средства од Австриската соработка за развој, а поддржан и од Коморскиот инвестициски форум и Европската фондација за обуки (ЕТФ). Проектот „Унапредување на квалитетот во образованието и обуката во Југоисточна Европа (ЕQVET SEE)“ претставува продолжување на предходниот проект „Кон регионални стандарди на занимања - КОН РЕГОС“ чија главна цел беше создавање на стандарди на занимања според регионалните заеднички потреби на бизнис секторот од земјите во Западен Балкан. Во рамките на проектот преку креативен дијалог и размена на искуства беа креирани 5 регионални стандарди на занимања кои беа одобрени и признати и на национално ниво: Хотелско-угостителски техничар од угостителско-туристичкиот сектор и Монтер за сува градба, Поставувач на подови, Молер и Поставувач на плочки од секторот градежништво и геодезија. Стандардите на занимања беа основа да се подготват и стандарди за квалификации и образовни програми за овие квалификации. Исто така беа изработени и придружни документи: Методологија за развој на стандарди на занимања, Методологија за развој на регионални стандарди на квалификации, Физибилити студија за развивање на регионално засновани стандарди на квалификации и публикација за проектот.

Новиот проект „Унапредување на квалитетот во образованието и обуката во Југоисточна Европа (ЕQVET SEE)“ ќе се фокусира на две компоненти:

1.     Модернизација на стручното образование и обука преку унапредување на атрактивноста и квалитетот на стручното образование и обука;

2.     Осигурување на квалитетот во општото образование (основно и гимназиското образование)

Резултатите од првата компонента на овој проект ќе придонесат за зајакнување на соработка помеѓу бизнисот и образовниот сектор, не само на национално, туку и регионално ниво, стекнување релевантни вештини според барањата на пазар на трудот во процесот на образованието и обуката, поголема застапеност на елементите на учењето преку работа во наставните програми и поддршка на наставниците и менторите во компаниите за спроведување на овие наставни програми, сѐ со цел да се зајакне обезбедувањето на стручното образование и обука, а со тоа да се подигне и степенот на вработливоста на младите луѓе во регионот. Носители на активностите се образовните институции за стручно образование и обука, стопанските комори и бизнис заедницата.  

Резултатите од втората компонента ќе придонесат за подобрување на квалитетот во образованието со промена на фокусот, од формалните и административните аспекти и недостаток на партнерски пристап во процесите на надворешната евалуација, кон поголема комуникацијата помеѓу креаторите на политиките, спроведувачите на политиките и училиштата и поголема инвестиција во внатрешните системи за квалитет на телата за осигурување на квалитет кои ја спроведуваат надворешната  евалуација. 

Преку ваквата заедничка соработка и на полето на образованието, се потврдува парадигмата на Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји од Западен Балкан „Еден регион, една економија“

Целата документација од проектот „ТО РЕГОС“ преземете ја овде:  https://wba4wbl.com/project-outputs/publications/

 

 
м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување