НЕФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ И НА ПРАВНАТА ДРЖАВА ЈА ПОТХРАНУВААТ СИВАТА ЕКОНОМИЈА
➢ Актуелно (04.12.2021, во 13:30:27)
👁 Прочитано: 1484




НЕФУНКЦИОНИРАЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ И НА ПРАВНАТА ДРЖАВА ЈА ПОТХРАНУВААТ СИВАТА ЕКОНОМИЈА

Странските инвестиции во моментов се значаен чинител за економијата на државата. Но, полека треба да се намалуваат затоа што го оптоваруваат буџетот и имаат мала додадена вредност. Регионалниот пазар е алфа и омега и треба да се гради, а Отворен Балкан допрва треба да се докажува, вели Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора на Македонија во интервјуто за МКД,мк за актуелните состпојби во еконмијата во Македонија и за активностите на Комората.

 

Пренесено интервју на Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески за порталот МКД.мк

Што се случува во бизнис секторот? Впечаток е дека Стопанската комора станува сè поактивна. Што бараат бизнисмените? На што се должи оваа раздвиженост?

- Непредвидливоста е најголемиот непријател на бизнисот. A во моментот ја имаме во изобилие. Здравствена, енергетска и економска криза. Алармот е вклучен. Во таква ситуација, нормално е Стопанската комора да биде најактивна од два аспекта: прво, да помогне во справувањето со кризите и второ, да ја задржи постојната економска активност. Бизнисмените бараат предвидливост и брзи реакции на државата. Ако тоа не се случи, Комората е единствената опција да се дејствува. Раздвиженоста пак е резултат на ова и на имплементацијата на системот на градење Комора на иднината, кој започна 2019 година, а оваа година за првпат ги дава своите резултати. Комората е свртена кон своите членки, таа е нивниот консултант, помошник, промотор и нивна алатка за справување со предизвиците. Годинава, со почетокот на функционирањето на новите организациски форми во Комората беа приклучени стотина успешни компании, врвни интелектуалци од економската област и надворешни консултанти што е видливо од вашата констатација дека сме невообичаено раздвижени.

Во колумна за МКД.мк ја најавивте енергетската криза и укажавте на неделување на државата во правец на санирање. Што велат членките на Стопанската комора, кои се излезните решенија? Во постојните капацитети, во задоцнетата гасификација, во нови вложувања, зелена енергија...?

- Колумната што ја објавив во средина на изборната кампања мислам дека беше единственото решение да се преземе нешто пред завршувањето на изборите и губењето непотребно време од месец дена кое можеше да има несогледливи последици по енергетскиот систем во државата. Ние, обично, од Комората се воздржуваме од јавни мислења во текот на изборните кампањи, но информациите кои пристигнуваа од нашите компании за откажување на договорите за снабдување со електрична енергија, беа толку изразени, па морав да пресечам и да го прекршам правилото за апсолутна неутралност во текот на изборните кампањи. Се разбира, партиските реакции беа видливи, но во вторникот, ден по објавувањето на колумната, премиерот, претседателот на Регулаторната комисија, менаџментот на ЕВН Македонија дојдоа на средба со бизнисмените, кај мене, и се направи првичната анализа за реалните состојби. Констатацијата беше дека криза постои и дека несоодветно се штитат интересите на нашите компании бидејќи лиценците кои ги добиле снабдувачите не се поткрепени со никаква банкарска гаранција, за да можат да бидат одговорни, туку ја платиле лиценцата во скромен износ и слободно можат да манипулираат. На тоа, се надоврза реалната состојба, произлезена од анкетите на Комората за масовна појава на раскинување на договорите и на Владата и на Регулаторната комисија им се сугерираше што би требало да се преземе. Во опсежната дискусија беше заклучено дека мора да се подигне капацитетот на домашното производство на струја и второ, ако тоа не е доволно, фирмите да се здружат и со авансно плаќање и набавка на голема количина на струја, да се обидат да добијат пониска цена на меѓународните берзи. Опцијата беше тоа да се направи преку ЕСМ трејд или во случај на некои непредвидливи околности, Комората да формира наменска фирма за таа цел, доколку државата не успее во својата намера. Последниот заклучок беше во сите обиди на државата да го подигне нивото на производство, како набљудувач да биде вклучена Комората и морам да кажам дека тоа до денес се почитува.

Што се однесува до мислењето на Комората, нашиот став е дека увозната зависност на електричната енергија наместо да се намалува, постојано се зголемува, што јасно зборува дека државата нема енергетска стратегија, а тоа е погубно за неа. Мислиме дека има потфрлање и кај гасификацијата, и кај хидро и термоелектраните, и кај обновливите извори  на енергија. Околу последново, ќе цитирам најнови анкетни истражувања за моменталната инвестициска активност на фирмите во соларната енергија, како најбрз одговор на кризата.

Од 58 добиени одговори, 17 компании имаат фотоволтаични електрани во функција, од кои само 11 вишоците ги испорачуваат во мрежа, а 41 фирма планираат да инвестираат во фотоволтаици во наредниот период.

Стопанската комора посредуваше за рестартирање на ТЕЦ Неготино. Зошто тоа мораше да оди преку вас? Како заврши посредството?

- Значи, повторувам, немало никакво посредство, туку набљудувачка позиција дали ќе дојде до рестартирање на еден сериозен енергетски објект кој не работи од 2009 година, а може во овој момент да претставува многу сериозен извор на електрична енергија.

https://www.mkd.mk/files/styles/statija/public/article/2021/12/04/mkd-532998.jpg?itok=7FNh_XvO

Како оди соработката со Владата? Ве слуша ли? Имате ли посериозно влијание во креирањето на економските политики?

- Моментално се наоѓаме во состојба на непредвидливост и во односите со Владата, бидејќи со завршувањето на изборите, добивме и политичка криза. Моментално, со Владата во оставка, се обидуваме да затвориме некои прашања кои до крај не беа концепирани, како што се царинските стапки кои се усогласуваат со оние на ЕУ и концепираме приоритетни прашања за разговори со новата влада.

Сите се жалите на сивата економија – и бизнисот и власта. Зошто не се решава?

- Сивата економија е системско прашање. Таа храни сериозна социјална компонента во сите буџети од осамостојувањето. Но, не е само тоа. Општата состојба на нефункционирање на институциите и правната држава делува како катализатор на ширењето на сивата економија. Да, појаснам, социјалните трансфери оставаат неограничен простор за опстанок на субјектите кои живеат од тоа и тие не се наоѓаат на пазарот на трудот, што пак создава проблеми и во кадровските можности за работа на компаниите. Сè уште институциите не ни функционираат, особено Инспекцискиот совет и инспекциските служби.

Зошто по независноста на Македонија не успеавме да влеземе во некој нормален развоен циклус со базата која ја имавме од СФРЈ, туку успеавме таа база да ја уништиме и до денес да имаме постојани проблеми со постигнување на развојните стапки поголеми од 2-3 отсто?

- Па не е случајно што Македонија многу доцна се стекна со својата независност, за разлика од околните балкански држави. Веројатно сме помалку способни од другите за економија. Втората причина, е слабиот старт од раздолжувањето на Југославија, кој не овозможуваше акумулација потребна за новиот старт на државата. На тоа се надоврзаа сериозни кризи, предизвикани од војните на Балканот, ембаргата кои беа воведени кон нив и воените кризи во Косово во 1999 година и во Македонија во 2001 година. Стапката на раст на БДП во првите десет години од самостојноста не можеше да биде повисока од 3,5%. За сериозен раст се потребни 7%.

https://www.mkd.mk/files/styles/statija/public/article/2021/12/04/mkd-532999.jpg?itok=-RZigC4L

Каков политички консензус е потребен за економски развој?

- Без политички консензус нема економски развој, а тој политички консензус меѓу најголемите партии треба да ги содржи следните компоненти: функционирање на правната држава, независна судска власт и професионална администрација.

Како комора влеговте во предизвикот да ја намалите неусогласеноста на пазарот на трудот и образовниот систем. Што се прави на ова поле?

- Се прави успешен проект кој е заснован на имплементација на системот на дуално образование и после десет години работа имаме скок на имплементирањето од 11 во минатата, до 211 фирми оваа година кои се вклучени во овој процес, со тенденција таа бројка на компании да порасне на 500 во следната година. Доколку не беше пандемијата, ова прашање ќе беше врвен приоритет. Јас гарантирам дека, без разлика на нејзиниот завршеток, образованието ќе биде највисок интерес на секоја наредна влада.

Странски инвестиции или регионалниот пазар и Отворен Балкан? Што е за вас поприфатливо и побрзо спроведливо?

- Странските инвестиции во моментов се значаен чинител за економијата на државата. Но, полека треба да се намалуваат затоа што го оптоваруваат буџетот и имаат мала додадена вредност. Регионалниот пазар е алфа и омега и треба да се гради, а Отворен Балкан допрва треба да се докажува.

Деновиве добивте високо признание од меѓународните економски институции Светска трговска организација (WTO), Меѓународната трговска комора (ICC) и Меѓународниот центар за трговија (ITC). На што се должи тоа?

- Комората следната година ќе слави 100 години, но таа не е ни малку конзервативна институција. Напротив, уште одамна се заговараше нејзина целосна дигитализација. Нашите напори околу тој процес започнаа во 2017 година и тие ќе останат актуелни и во наредните 10 години. Ова е награда за еден проект, исклучително значаен за нашите компании членки, кој подразбира имплементација на дигитална платформа за издавање електронски сертификати за потекло на стоки и други надворешно-трговки документи, бидејќи без тие документи, нивната мисија е невозможна. Тоа значи дека ние ја остваруваме новата концепција на „Комора на иднината“ која е невозможна без овие алатки.

Азески: Нефункционирањето на институциите и на правната држава ја потхрануваат сивата економија | МКД.мк (mkd.mk)

Служба за информирање при Комората