РАЗМЕНАТА НА ИСКУСТВА – МОЖНОСТ ДА СЕ ВИДИ КАДЕ Е ПОЗИЦИОНИРАНО НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕ
➢ Актуелно (02.12.2021, во 14:01:54)
👁 Прочитано: 851




РАЗМЕНАТА НА ИСКУСТВА – МОЖНОСТ ДА СЕ ВИДИ КАДЕ Е ПОЗИЦИОНИРАНО НАШЕТО ОБРАЗОВАНИЕ

Во рамките на Проектот „Образование за вработување“, во текот на вчерашниот ден Стопанската комора на Северна Македонија оствари средба со делегацијата на Зеничко-добојскиот Кантон на Босна и Херцеговина за размена на искуства за новините и за реформите во делот на образовните процеси, како и за улогата на Комората и на приватниот сектор во образованието и во предвидувањата што ги прави за потребните вештини и квалификации во обезбедувањето стручен кадар за компаниите.

На средбата од босанска страна присуствуваа министерот за образование, култура и спорт, Спахија Козлиќ, и претседателот на Стопанската комора на Зеничко-добојскиот Кантон, Дијана Бабиќ, како и претставници од Министерството за образование, култура и спорт и од Министерството за труд, социјална политика и бегалци и претставник на Организацијата „Хелветас“ во Босна и херцеговина.

На гостите, од претставниците на Министерството за образование и наука, им беа претставени образовниот систем во Северна Македонија, со фокус на стручното образование и на дуалниот модел за обезбедување кадар за компаниите, како и предвидувањата за потребните занимања и за трудовата политика од Министерството за труд и социјална политика.

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, на средбата истакна дека, иако во нашата држава владее коморски плурализам, компаниите ги препознаваат моќта и улогата на Стопанската комора како важен фактор во економскиот живот на државата и како значаен и сериозен партнер на Владата. „Нема значајна личност, дипломат или раководно лице на компанија кое доаѓа од странство, а кое по состаноците со Владата или со Собранието не ја посетува Комората. Тоа ги покажува значењето и моќта на Комората“, нагласи Извршниот директор, Пешев.

Од Стопанската комора беше презентирана улогата на Комората во сите сегменти на образованието (формално и неформално образование), како мост помеѓу приватниот сектор и обрзованието и како промотор на стручното образование за обезбедување кадар за потребите на приватниот сектор.

„Стопанската комора, не само како партнер во Проектот ‘Образование за вработување’, туку уште од многу одамна, кога беше детектиран проблемот со недостиг на кадар, работи на полето на образованието, но со поддршка на Проектот се направија значајни активности и уште повеќе се зајакна улогата на Комората во делот на образовните процеси. Денес Комората, во програмските цели на функционирање, како еден од приоритетите на кој активно се работи, го стави образованието“, истакна м-р Наташа Јаневска, експерт во Комората.

Особено е значајно што Комората инвестираше во развојот на своите капацитети во неколку етапи – преку развој на човечките ресурси внатре во Комората и преку креирање на Центарот за едукација и за развој на човечки ресурси во здруженијата и во групациите – и сега е подготвена да креира визија, планови и развој на образованието во иднина.

Претставниците од босанската делагација, исто така, имаа можност да ги презентираат својот образовен систем и поддршката што ја имаат од Комората во својот кантон.

Служба за информирање при Комората