Дигитален Саем за средно стручно образование, можност за деветтоодделенците да ја изберат вистинската професија
➢ Актуелно (29.11.2021, во 11:42:29)
👁 Прочитано: 825




Дигитален Саем за средно стручно образование, можност за деветтоодделенците да ја изберат вистинската професија

На 30 ноември и 1 декември оваа година, за првпат ќе се одржи Дигитален Саем за средно стручно образование. Клучната цел на овој уникатен настан е деветтоодделенците, кои за неколку месеци ќе излезат од клупите на основните училишта, заедно со нивните родители, подетално да се запознаат со можностите кои ги нудат средните стручни училишта во земјава за стекнување на стручни вештини и соодветно вработување по завршување на нивното средно образование.

Дигиталниот саем го организира проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ и Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, со поддршка на Министерството за образование и наука и Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија. Поддршка во организацијата на дигиталниот саем за средно стручно образование даде и Стопанската комора на Северна Македонија, како парнер во проектот  „Образование за вработување во Северна Македонија“.

Дигиталниот Саем ќе се одржи на 31 ноември и 1 декември со почеток во 13 часот, и може да се следи преку YouTube каналот на E4E@мк со приклучување на следните линкови:

30 ноември – https://youtu.be/j6QX_j2ueX0

1 декември – https://youtu.be/NIlgWWJWFHo

Што ќе се случува на Дигиталниот Саем?

Дигиталниот саем ќе се реализира во два дена, низ сесии, од по еден час, каде младите ќе се запознаат со образовните програми на повеќе средни стручни училиштата, а ќе имаат и уникатна можност да ги проследат конкретните примери на успешни средношколци кои избирајќи го средно стручно образование станале успешни електро и машински техничари, готвачи, мехатронички и транспортни техничари …

Под слоганот „Како да станеш …?“  ќе има интересни презентации кои ќе ги извадат на виделина младите херои кои избрале соодветна квалификација и ефикасно и успешно се вклучиле на пазарот на труд.

Програмата на Саемот вклучува и отворени дискусии на теми поврзани со изборот на идната кариера, како и презентации на можностите за образование и обука кои ги нудат компаниите кои имаат дуални паралелки во повеќе средни училишта. Се очекува  Дигиталниот Саем да биде инспирација и запознавање на идните средношколци со широкиот избор на професии кои ги нуди средното стручно образование и уште поважно понудата на кариерни можности.

Со овој настан, освен поддршката што се дава на средношколците, родителите и стручните училишта, се поддржуваат и домашните и странски компании кои на различен начин се директно вклучени во образовниот процес. Со саемот, околу 19.000 деветоодделенци низ целата држава ќе можат да се запознаат со различни образовни профили, со дуалните паралелки кои функционираат во повеќе средни стручни училишта и најважно од сѐ, со можностите за практична обука и менторска поддршка кои ги добиваат средношколците од стручните училишта и компаниите, како основа за нивно ефикасно вработување по завршување на образованието.

Преку дуалното образование, младите се стекнуваат со знаења и вештини потребни на пазарот на труд, а компаниите кои се вклучени во овој систем добиваат подготвен стручен кадар кој ќе може да одговори на работните задачи. Имплементацијата на овој образовен концепт започна пред неколку години, со мал број на компании и училишта. Но, до 2021 година, како резултат на кампањата  „Учи паметно, работи стручно“, која на почетокот на годината ја спроведе Министреството за образование и наука со поддршка на стопанските комори и преку социјален дијалог со компаниите, стручните училишта и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови дуални паралелки во средните стручни училишта низ државата, бројките од 10 паралелки, значително се зголемија, и во овој момент има приближно 200 компании кои се вклучени во практичната обука на учениците, додека 44 средни стручни училишта низ целата земја имаат дуални паралелки во соработка со компаниите.

Искуството, според изјавите на компаниите, е многу позитивно затоа што средношколците освен теоретско знаење, добиваат и практично знаење и искуство на најсовремени машини и по најсовремени стандарди во самите компании. Менторската поддршка што ја добиваат средношколците во компаниите, е уште една предност и аргумент плус да се избере ваков концепт на образование, кое дефинитивно е во пораст.

Целата информација можете да ја проследите на следниот линк: https://inovativnost.mk/2021/11/28/%d0%b4%d0%b8%d0%b3%d0%b8%d1%82%d0%b0%d0%bb%d0%b5%d0%bd-%d1%81%d0%b0%d0%b5%d0%bc-%d0%b7%d0%b0-%d1%81%d1%80%d0%b5%d0%b4%d0%bd%d0%be-%d1%81%d1%82%d1%80%d1%83%d1%87%d0%bd%d0%be-%d0%be%d0%b1%d1%80%d0%b0/

Служба за информирање при Комората