Промовиран проектот за поддршка на 4 македонски компании преку Стопанската комора со половина милион евра
➢ Актуелно (19.11.2021, во 15:47:16)
👁 Прочитано: 574




Промовиран проектот за поддршка на 4 македонски компании преку Стопанската комора со половина милион евра

Дваесет и три машини и дополнителна опрема за 4 компании („ТМ“ – Штип, „АгроБар“ – Виница, „Братство“ – Охрид и „Раде Кончар“ – Скопје) обезбеди Стопанската комора на Северна Македонија за првпат, преку директна финансиска поддршка во форма на грант од Фондот за иновации и технолошки развој со поддршка од Светската банка, во вредност од половина милион евра.

Главната цел на проектот беше зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците и раст на извозната конкурентност на компаниите преку набавка и инсталирање на новите машини и опрема.

На настанот, организиран во хибридна форма, м-р Анета Трајковска, потпретседател на СКСМ и проектен менаџер за тековни операции во Комората, и д-р Дарко Лазаров, професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и член на Собранието на Комората, како модератори на настанот информираа за придобивките на компаниите и за значењето на ваквиот тип поддршка.

За соодветно презентирање на концептот на проектот насловен „Зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот, електро- и машинскиот сектор, преку подобрување на производните и на технолошките способности на извозно ориентираните МСП“, на настанот беше организирано видеопрезентирање на машините, опремата и на вкупната производствена активност на четирите компании вклучени во процесот („Раде Кончар ТЕП“, „Братство ИНОКС“ – Охрид, „АгроБар“ – Виница и „ТМ“ – Штип). Во директна интерактивна комуникација со претставниците од компаниите, м-р Трајковска и проф. д-р Лазаров имаа и разговор со цел истакнување на важноста и на значењето на целиот процес.

Вкупниот буџет на проектот е во вредност од 1.088.536 евра. Четириесет проценти од средствата се неповратна помош преку проектот на Комората од ФИТР (средства обезбедени од Светската банка), додека, пак, другите средства се кофинансирање од компаниите. Дополнителна придобивка за фирмите е што имаа можност за поврат на ДДВ, кој се плаќаше при набавка на самите машини, што значи дека неповратниот грант за компаниите изнесува околу 50 %.    
Проектот кој имаше цел зголемување на технолошките капацитети на компаниите учесници во него се реализираше за период од две години во две фази – дијагностика и план за подобрување и примена на план за подобрување преку набавка и инсталирање нова технологија за македонските компании. Покрај м-р Трајковска и проф. д-р Лазаров, во тимот кој работеше на реализација на проектните активности беа и Јадранка Аризанковска, менаџер за работа на проекти и Љупка Илиевска-Самарџиска, менаџер во Комората, за кои работата во услови на пандемија во функција на поддршка на компаниите беше голем предизвик. Овој тим ја подготви проектната апликација, спроведe дијагностика на секоја компанија посебно (детектирање тесни грла), изработи планови за подобрување и инвестициски проекти за набавка, ги идентификуваше извозните можности од компанија, одговорно менаџираше со средствата во износ од околу 1,1 милион евра и обезбеди навремена набавка, испорака и монтажа на машините кои се испорачуваа од различни држави низ светот (Индија, Кина, Чешка, Турција, Германија, Србија, Словенија).

Оваа успешна бизнис-активност преку Стопанската комора се реализираше во период од две и пол години во две фази. За Комората е посебно значајна бидејќи започна во февруари 2019 година, кога економската предвидливост во светот имаше одреден, по многу нешта нормален тек, а завршува овој месец, ноември 2021 година, во услови на светска економска криза предизвикана од вирусот COVID 19, период во кој се случи целосно запирање на светските економски движења, доцнење на нарачките, неизвесен транспорт, блокади на границите, недостиг на суровини итн. Проектот заврши успешно. Комората покажа и докажа дека има капацитет да го спроведе процесот од идеја до реализација. Плановите правени во нормални економски услови, во 2019 година, се реализираа во екот на светската криза со COVID 19л, и тоа кога не зависи само од еден извор. Синџирот вклучува планирање, проектирање, добавувачи, снабдувачи, купувачи, транспорт, логистика итн.

Комората имаше клучна улога во спроведување на целиот проект. Најпрвин беа избрани компаниите од металната, машинската и од електроиндустријата, како потенцијални корисници во рамките на проектот. Самиот процес на избор беше базиран на претходно утврдени објективни критериуми од Комората. Следен чекор беше изработка на детална проектна апликација, презентирана и успешно оценета пред Комитетот на Фондот за иновации и технолошки развој.

На денешната презентација потврда за успешниот проект дадоа и претставниците на Светската банка и на ФИТР, укажувајќи дека од особено значење е техничката помош на компаниите и системот на дијагностика.

Во рамките на фаза 2 од проектот, стручниот тим на Комората работеше на дизајнирање механизам за спроведување тендерски постапки за набавка на машините, како дел од планот за подобрување на секоја компанија и за дефинирање на начинот на реализација на плаќањата, во согласност со претходно утврдени јасни правила и постапки, дефинирани во рамките на договорите со компаниите и со снабдувачите на машините.

За дел од снабдените машини, во согласност со договорите за набавка, беа организирани обуки од самите производители за начинот на користење и на управување со самите машини.

Но со снабдувањето не заврши задачата на тимот од Комората. Дополнително беа изработени стратегии за извоз за да им помогнат на компаниите да ги зголемат своите извозни активности преку градење пазарна мрежа со трговски партнери на странски пазари.

Да се влезе во проект во 2019 година, со дефинирани обврски и со целосна одговорност на Комората, и да се проектираат економски параметри во нормални услови, а кои потоа треба да се исполнат во услови на светска криза која сѐ уште трае и кога секој нов ден носи нови неизвесности и предизвици, е само потврда дека успешно реализираниот проект на Комората, со кој преку директна финансиска поддршка се поттикна поголема конкурентност за четирите македонски компании кои стимулираа поголема извозна активност, треба да биде основа Фондот за иновации и за технолошки развој и следната година да проектира финансиска поддршка на бизнисот и тоа да преставува континуирана програма за поддршка на стопанството.

Служба за информирање при Комората