ПРАКТИЧНАТА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ПРЕДУСЛОВ ЗА КВАЛИФИКУВАЊЕ НА СТРУЧЕН КАДАР
➢ Актуелно (10.11.2021, во 13:16:29)
👁 Прочитано: 523



- Еуроникел Индустри ДОО Кавадарци придонесува за подобрување на квалитетот на стручното образование-
ПРАКТИЧНАТА ОБУКА ВО КОМПАНИЈА – ПРЕДУСЛОВ ЗА КВАЛИФИКУВАЊЕ НА СТРУЧЕН КАДАР

Во новата ера - ера на економијата на знаења, најважни од сите ресурси  и основен покренувач на самата компанија се токму човечките ресурси - односно сите вработени во самата организација.
Во економско развиена земја од голема важност е бизнисот и образованието да бидат во нераскинлива врска,  со цел успешно градење на капацитетите на образованието и продуцирање на соодветен стручен кадар. Еден од моделите за вклучување на бизнис заедницата во образованието е практичната обука во компанијата,  што всушност преставува предуслов за квалификување на кадарот во компаниите. Квалитетен кадар, или поедноставено кажано – да се има прави луѓе на право работно место, секако е најзначаен клучен сегмент, како за задоволство на вработениот така и за самата продуктивност на организацијата.
Веќе извесен подолг период, значително е подигната свеста за важноста на човечките ресурси, како и вклучувањено на бизнис заедницата во образованието,  преку овозможување на практична настава на учениците од средното образование. Голем дел од реалниот сектор во Република Северна Македонија го препознаа овој факт и склучија меморандуми за соработка со  средните училишта и  на учениците им се овозможи практичниот дел од наставата да го реализираат во компаниите. Од друга страна  на компаниите им се овозможи преку Стопанската комора на Северна Макеодонија да обучат стручно лице - ментор кој ќе ги води учениците низ целиот процес во компанијта и да се верифицираат како  компанијата за изведување на практична настава.
Една од компаниите, активна членка на Комората, која се вклучи во овој процес е Еуроникел Индустри ДОО Кавадарци, која континуирано вложува и придонесува за подобрување на квалитетот на стручното образование и има  потпишан меморандум за соработка со СОУ „Киро Спанџов – Брко“ - Кавадарци, и континуирано и посветено обезбедува подршка и ги става на располагање сите свои капацитети и стручен персонал, за реализирање на сите видови на практична настава.
Практикантите, кои воедно се и нивни потенцијални идни вработени, при практичната обука ги имаат на располагање сите нивни капацитети, соодветни простории, опрема, како и стручно обучен кадар кој непречено се грижи за нивната практична обука како дел од наставната програма. Практичната работа во компанијата им овозможува на средошколците стекнување со вредно знаење за процесите на еден огромен металуршки комплекс, каде што се застапени речиси сите видови на технички и технолошки процеси, со примена на современи методи и богато искуство на постоечкиот персонал, на тој начин подготвувајќи ги за нивниот иден работен ангажман како во Еуроникел Индустри, така и во било кој друг индустриски капацитет.
Еуроникел Индустри е светски призната компанија која се занимава со производство на  никелова руда, која произведува високо квалитетен фероникел за употреба во индустријата за производство на нерѓосувачки челик. Вработува околу 1000 луѓе, што ги прави еден од најголемите  работодавачи во  Македонија и преку нивниот ланец на снабдување, има значаен придонес кон економијата на земјата, кој изнесува речиси 2% од БДП. Исто така, тие се еден од најголемите извозници (треторангирани за 2020 год.), како и од најголемите инвеститори, со вкупни инвестиции од речиси 200 милиони евра во изминатите 3 години.

 

М-р Елизабета Андриевска-Ефтимова
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување