Пренесено интервју на м-р Наташа Јаневска: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е ПРИОРИТЕТ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО СТРУЧЕН КАДАР ЗА КОМПАНИЈАТА
➢ Актуелно (22.10.2021, во 17:24:42)
👁 Прочитано: 754




Пренесено интервју на м-р Наташа Јаневска: ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ Е ПРИОРИТЕТ ВО ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО СТРУЧЕН КАДАР ЗА КОМПАНИЈАТА

М-р Наташа Јаневска, експерт во Стопанската комора на Северна Македонија, во интервјуто за Регионалниот фонд на предизвици потенцира дека дуалниот модел на образование, како комбинација на теорија во училница и пракса на реално работно место во компанија, е најефикасниот начин за обезбедување стручен кадар, подготовка на стратегии за нови вработувања и планови за идни вложувања на компаниите.

Г-ѓа Јаневска, работевте како државен советник во Министерството за образование и наука. Сега, вие сте водечки експерт од Стопанската комора на Северна Македонија за развој на образовен систем прилагоден на потребите на бизнисот. Од вашата перспектива, кои се придобивките од кооперативната обука за учениците и како тоа може да придонесе за повисока стапка на вработливост во Северна Македонија?

Придобивките од кооперативната обука за учениците може да се согледаат од повеќе аспекти. Преку процесот на кооперативна обука учениците имаат можност да учествуваат во модернизирани програми за обука и да реализираат квалитетна обука на реално работно место. На овој начин, тие се запознаваат со современите технолошки процеси и се обучуваат на современи машини, опрема и технологија. Покрај тоа, учениците се запознаваат со предностите на професијата и со начинот на функционирање во самата компанија, која утре, по завршувањето може да им понуди вработување.

По завршувањето на образованието, учениците не само што ќе имаат стекнато квалификација, туку вистински ќе поседуваат стручни вештини и компетенции кои им се потребни на компаниите. Тие ќе можат да ги применат тие вештини и во животот, а со тоа ќе им се олесни пристапот до вработување. Дополнително, учениците ќе стекнат и транферзални вештини кои се многу важни за работа во една компанија или организација. Учениците добиваат можност да стекнат работни навики кои се клучни за брзо прилагодување на работната средина. Ова придонесува знаењето и вештините да станат оперативни и да се користат од компаниите што ќе ја зголеми вработливоста на завршените кадри.

Вклучувањето на бизнис секторот е од клучно значење за успешна имплементација на стратегија за кооперативна обука. Кои се придобивките од кооперативната обука за претпријатијата?

Кооперативната обука придонесува за зајакнување на јавното-приватно партнерство и соработка помеѓу стручните училиштата и компаниите, и обезбедува функционално образование според потребите на компаниите. Компаниите учествуваат во креирање на образовните програми за вештини и компетенции на кадарот според нивните техничко технолошки процеси и софистицирани машини. За време на кооперативната обука, компаниите самите да го подготвуваат и обликуваат кадарот за да одговара на нивните потребите. Со тоа компаниите создаваат иден потенцијал за вработување квалификуван кадар, обучен за технологијата, машините и опремата што ги поседуваат и кој ќе знае да ракува со нив.

Ова им овозможува на компаниите да генерираат нови вработени, да му дозволат на постоечкиот кадар да го споделат нивното знаење и да градат вештини и експертиза како ментори на идните генерации вработени.

Дополнително, тие ја запознаваат организациската структура на компанијата. Како резултат на тоа, компаниите развиваат стратегии за вработување врз основа на реални показатели. Тие можат да планираат идни инвестиции знаејќи дека имаат потенцијален кадар кои знае како да работи, а со тоа ги намалуваат трошоците за дополнителна обука за тие нововработениот кадар.

Со какви предизвици се соочуваат средните стучни училишта и другите институции за стручно образование во спроведувањето на пристапот за кооперативна обука во Северна Македонија?

Можеби еден од предизвиците со кои се соочуваат е поврзувањето на училиштата и компаниите, бидејќи не е лесно да се најде компанија која е верификувана за реализација на практична обука или пак да се убеди компанијата да го помине целиот процес на обезбедување квалитет. Процесот опфаќа сертификација на ментори и верификација на компанијата за исполнетост на уловите за реализација на практична обука пред да ја започне соработката со училиштето. Затоа, тука е Стопанската комора на Северна Македонија која ги поврзува училиштата и компаниите и ги подготвува компаниите да го поминат целиот процес на обезбедување на квалитет.

Регионалниот фонд за предизвици за 6-те земји од Западен Балкан успешно го започна првиот отворен повик за Изразување интерес и им даде поддршка за апликациите на конзорциумите од средните стручни училишта/ институциите за стручна обука и компаниите од економиите на земјите од Западен Балкан6, споведувајќи кооперативни курсеви за стручно образование и обука што резултираат со национално признати сертификати. Колку е важна оваа иницијатива за развивање и имплементирање на кооперативен или пристап за учење преку работа во Северна Македонија?

Ваквата иницијатива уште повеќе придонесе да се зајакне соработка помеѓу компаниите и училиштата за стручно образование и обука во насока на унапредување на стручното образование и практичната обука. Фокусот од училницата е префрлен на стекнување знаења и вештини во компаниите, на современи машини и опрема на реалното работно место. На овој начин, учениците имаат можност да се стекнуваат со релевантни вештини и компетенции за новите технички и технолошки процеси и да се запознаат со организациската структура на компанијата.

Обуката за професионален развој на наставниците и менторите во компаниите е додадена вредност на соработката помеѓу училиштата и компаниите зајакнувајќи го практичниот аспект на обуката. Ова резултира со квалификувани наставници по стручно образование и обука, обучени според потребите на бизнисите. Дополнително, тоа може да ја зголеми атрактивноста за учениците да се запишуваат во стручните училишта.

Подготовката на стручен кадар е многу значајна за секоја економија затоа што секоја компанија бара кадар кој веднаш може да се вклучи во работните процеси и да придонесува за зголемување на продуктивноста во компанијата, стручен кадар во кој нема дополнително да вложува, зошто тоа бара, и дополнителни ресурси, и време.

Г-ѓ о Јаневска, Вие бевте и координатор на Работната група за развој и имплементација на Националната рамка на квалификации и претседател на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за стручно образование и обука . Можете ли да ни кажете кои се идните чекори во стручното образование и обука во Северна Македонија? Кои се плановите за подобрување на пристапот на кооперативно, дуално или учење преку работа?

Имплментацијата на Националната рамка на квалификации и воспоставувањето на телата (Одборот за Национална рамка на квалификации и Секторските комисии), како и поврзувањето со Европската рамка на квалификации во 2016 година, поттикна значајни реформи во стручното образование и обука. Образовните програми за стручно образование започнаа модуларно се дизајнираат, врз основа на резултати од учењето, во смисла кои знаења, вештини и компетенции ги постигнал ученикот во образовниот процес. Исто така, фокусот повеќе се става на практичната обука на работно место, а зголемени се часовите за учење преку работа. Покрај тоа, работодавачите се вклучени во процесот на подготовка на образовните програми според нивните потреби за вештини и компетенции.

Дуалното образование станува приоритет за обезбедување на кадар за компаниите. Како резултат на тоа, се подготвуваат посебни образовни програми со зголемен број на часови по практична обука.

Во тек е подготовка на нов Закон за стручно образование и обука во кој системски се уредува и регулира дуалното образование.

Значајно е да се напомене дека има промена и во креирањето на конкурсот за упис на ученици во стручните училиштата. Конкурсот се подготвува според барањата на компаниите за потребни квалификации. Комората е активно вклучена во тој процес обезбедувајќи податоци на локално и регионално ниво.

Оригиналното интервју на следниов линк: Natasha Janevska: Dual education is a priority for securing employees for companies - Regional Challenge Fund (rcf-wb6.org)

Служба за информирање при Комората