Пренесено интервју- Виктор Мизо: Автомобилската индустрија е во критична состојба, загубите за годинава ќе достигнат 210 милијарди долари на глобално ниво
➢ Актуелно (22.10.2021, во 11:19:03)
👁 Прочитано: 656




Пренесено интервју- Виктор Мизо: Автомобилската индустрија е во критична состојба, загубите за годинава ќе достигнат 210 милијарди долари на глобално ниво

Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошкo напредно производство при Советот на странски инвеститори во Комората, за порталот „Извоз“ алармира на се позагрижувачката состојба во автомобилската индустрија.

„Костал неодамна прослави пет години работење на македонскиот пазар. Инвестицијата на Костал е еден најкомплексните проекти на странска директна инвестиција во земјава. Во изминатите пет години се соочивме со многу пречки и предизвици. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека според приходите, листата на клиенти и комплексноста на произодите, квалитетот во работата и стекнатото знаење, во релативно краток период, под многу специфични услови и со минимална поддршка од централата во изминатите повеќе од 18 месеци на пандемија, ги надминавме зададените цели и планови. Најмногу благодарение на напорната работа и ангажман на целиот тим во Охрид“,  вели Мизо.

„Ние секојдневно се соочуваме со проблемот со недостиг на квалификувана работна сила. Градење на бренд на посакуван работодавец е долг и макотрпен процес. Уште од почетокот не беше лесно да се најдат техничари или инженери со искуство и знаење во секторот. Решавањето на проблемот со недостиг на човечки ресурси бара повеќестран пристап со континуирани активности насочени, најнапред, кон задоволување на очекувањата на вработените и желбата за нивен професионален и кариерен раст, соработка со универзитетите и средните технички училишта, како и надлежните институции. Се повеќе се говори за она што ние го предочивме пред неколку години, а тоа е ниската мобилност на работниците во земјата. Ова директно влијае и кон достигнување на поголем степен на рамномерен регионален развој. Ефикасни мерки во оваа насока, заедно со поддршка за обука на вработените, ќе бидат дополнителен поттик за зголемување на вработливоста во индустриите со напредно технолошко производство“ , истакна претседателот на Асоцијацијата.

Осврнувајќи се на актуелните состојби во автомобилската индустрија директорот на Костал Македонија потенцира дека минатата година, и покрај позитивните два квартали, забележавме пад на планираните приходи од околу 30%. Годинава, глобалниот недостиг на чипови и континуираните застои и забавувања во обемот на работа на производителите на автомобили, посебно во Европа, очекуваниот пад во споредба  со планот ќе биде уште поголем, посебно ако се земе во предвид  дека во третиот и четвртиот квартал притисоците воопшто нема да се намалат, туку напротив ќе се зголемат, целосно спротивно на очекувањата од пред само неколку недели.

За 2021 година веќе е потврдено дека на глобално ниво околу 10,6 милиони од планираните возила со сигурност нема да се произведат, а таа бројка до крајот на годината може и дополнително да се зголеми. Сето ова креира и дополнителни ризици и несигурност во планирањата. Планираниот пад на приходи во глобалната автомобилската индустрија за 2021 година ќе достигне 210 милијарди долари, што е двојно повеќе во споредба со планираното пред неколку месеци. Дополнително, цените на влезните репроматеријали се драстично зголемени на светските берзи, а сличен тренд е присутен и во логистичките трошоци, посебно во делот на морскиот контејнерски транспорт од Азија кон Европа, смета Мизо.

Во однос на прогнозите за автомобилската индустрија за следниот период Мизо истакнува дека дека состојбата во автомобилската индустрија е критична. Сите медиуми и професионални организации во светот известуваа за ова, но кај нас некако не се посвети доволно внимание на проблемот со микрочипови. Последните прогнози се дека идната година во светот ќе се произведат 8,45 милиони помалку возила или 9,3% помалку од планираното. Во 2023 година оваа бројка ќе биде за околу 1 милион или 1,1% помалку од планираното. За Европа се очекува дека дури по 2028 година ќе се достигне највисокото преткризно ниво на произведени автомобили од 2018 година. Ваквата состојба сериозно ги погодува добавувачите на автомобилски делови кои работат во земјата. Компаниите веќе почнуваат сериозно да го намалуваат производството, што ги принудува соодветно да ги рационализираат трошоците. Во зависност од поставеноста на компанијата во синџирот на добавувачи, падот на приходите споредено со планот достигнува и до 35%. Овој тренд ќе продолжи и во претстојните месеци. Веќе имаме случаи во некои фабрики да се затвораат погоните на определен период, намалување на смените, непродолжување на договорите за вработување, намалување на бенефициите и сл. Иако предвидувањата за недостаток на микрочипови не се многу поволни, сметам дека ефектите кои ќе следат по вработените, а со тоа и на националната економија, ќе зависат најмногу од способноста за брзо реорганизирање на корпорациите и од поддршката на националните власти, потенцира Виктор Мизо.

Во однос на мерките  и политиките кои би можеле ефикасно да поттикнат побрзо заздравување и да ја зголемат конкурентноста на извозот на ниво на компанија, како и на ниво на економија, претседателот на Асоцијацијата Мизо смета дека државите сами не можат да влијаат на сегашната состојба со која се соочува нашата индустрија. Од друга страна, ова е вистинскиот момент во кој треба сето она што подолг временски период се предлага и дискутира да биде преземено и реализирано без никакви натамошни одложуввања и дополнителни бирократизации. Тука пред се е исполнувањето на инфраструктурните обврски кон компаниите, усогласување на царинските стапки за увоз на репроматеријали со оние во ЕУ, прецизирање на правилата за давање на државна помош, имплементација во државата на најновите глобални сметководствени и финансиските стандарди, поголема флексибилност во работните односи, олеснување на пристап на странски државјани на пазарот на труд, како и можеби најважниот императив – професионализација на надлежните институции за работа според меѓународни бизнис правила и норми: транспарентност, брзина, отчетност, интегритет.

Дополнително, неопходно е да се поддржат компаниите од секторот за да го пребродат овој кризен период на начин кој ќе ги балансира оперативните трошоци во услови на намалени нарачки. Неопходни се мерки кои најпрвин ќе придонесат за задржување на бројот на вработени, а подоцна ќе дадат стимул за подобрување на нивната конкурентност.

Трендови кои треба поблиску да се следат и да се креираат применливи национални политики се воведувањето на технологии и стандарди за заштита на животната средина и одржливост, истражување и развој поврзани со новите технологии, пред се електрификацијата – поентираше Виктор Мизо, директор на „Костал Македонија“ и претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошкo напредно производство.

Служба за информирање при Комората