НАЈВИСОКА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОЗОНАТА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИНАЕСЕТ ГОДИНИ
➢ Актуелно (22.10.2021, во 08:15:34)
👁 Прочитано: 636




НАЈВИСОКА ИНФЛАЦИЈА ВО ЕВРОЗОНАТА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ТРИНАЕСЕТ ГОДИНИ

 

 

 

Инфлацијата во еврозоната е во постојан раст. Таа во септември го достигна највисоко ниво во последните 13 години. Цените во септември годинава беа за 3,4% повисоки во споредба со истиот месец лани. Тоа значи највисока инфлација во последните 13 години.

Особено зголемување на цените во септември има кај енергијата, која е за цели 17,6% повисока отколку во септември 2020 година. Цените на индустриските добра пораснаа за 2,1%, а на прехранбените производи за 2% отколку пред една година. Услугите, пак, бележат зголемување од 1,7%.

Европската централна банка прави напори инфлацијата среднорочно да изнесува околу 2%. Според ЕЦБ, сегашниот раст на инфлацијата е само привремен и се должи на многу посебни услови, од кои најголем дел се поврзани со пандемијата. Цените на енергијата во септември годинава се за цели 17,6% повисоки отколку во септември 2020 година.

Стравот на фирмите и потрошувачите од висока инфлација би можел и натаму да влијае врз зголемување на инфлацијата. Класичните поттикнувачи на инфлацијата, како притисокот за плати, потрошувачката и производствените трошоци во моментов се главно умерени и делуваат само привремено. Меѓутоа, ризик произлегува од очекувањата во врска со инфлацијата, кои би можеле да ја поттикнат спиралата плати-цени.

Производствените трошоци, кои важат за вовед во општо зголемување на цени, во септември беа повисоки за 14,2% во споредба со претходната година. Такво зголемување последен пат е забележано во времето на првата нафтена криза во октомври 1974 година. Она што во моментов ја зголемува инфлацијата се пред сѐ привремени ефекти, кои меѓутоа, за жал, доаѓаат сите истовремено. Проблемите со доставување, кои во моментов значително ги зголемуваат трошоците на производство, би требало да ги снема во 2022 година.

 

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување