ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ДОМУВАЊЕ, КВАЛИТЕТНА ИНСПЕКЦИСКА СЛУЖБА И ЕЛИМИНИРАЊЕ НА НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА – ПРИОРИТЕТ ВО ДОМУВАЊЕТО
➢ Актуелно (15.10.2021, во 08:08:17)
👁 Прочитано: 835



Претседателот на Групацијата за домување при Стопанската комора на Северна Македонија, Васе Самараков, оствари работна средба со новиот претседател на Регулаторната комисија за домување, м-р Зоран Маџовски.
ИЗМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ДОМУВАЊЕ, КВАЛИТЕТНА ИНСПЕКЦИСКА СЛУЖБА И ЕЛИМИНИРАЊЕ НА НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА – ПРИОРИТЕТ ВО ДОМУВАЊЕТО

Предмет на дискусијата беа актуелните проблеми на лиценцираните управители и потребата од нивно актуализирање, во делот на реализирањето на започнатиот процес на измени на Законот за домување и негово усогласување со повеќе други закони.

Претседателот на Групацијата за домување при Комората, Васе Самараков, укажа на фактот дека од исклучително значење е да се забрза процесот на менување на Законот, бидејќи, освен надминување на одредени пречки во тековното работење и елиминирање на одредени слабости, клучно е новото законско решение да овозможи нови инвестициски зафати, пред сѐ, кај станбените згради кои се со подолг век на постоење, во насока на обезбедување поголема заштеда на енергија, заштита на животната средина и безбедност за станарите во колективното домување, како и дефинирање на одговорноста кога станува збор за заедничките предмети, како што се лифтовите.

За членките на Групацијата при Стопанската комора на Северна Македонија од особено значење е и воспоставувањето сериозен систем за контрола на работата на лиценцираните управители, во насока на елиминирање на нелојалната конкуренција на пазарот и почитување на принципите на пазарно дејствување.

Претседателот на Регулаторната комисија за домување, м-р Зоран Маџовски, ги потврди заложбата на Комисијата и интересот да се работи во насока на воспоставување систем за почитување на пазарните принципи, за што најави средба со сите лиценцирани управители во периодот што следува до крајот на годината, во групи според плански дефинираните региони во државата. Се надева на соработка со Комората и побара да се нотираат проблемите од Групацијата за да се отвори дијалог во насока на решавање на проблемите. Најави и поактивно отворање на процесот за менување на законската регулатива, а ја истакна и потребата од зајакнување на инспекциските служби во дејноста.

Новиот претседател и новиот состав на Регулаторната комисија за домување стапија на функција на први јули 2021 година, неколку месеци по завршувањето на мандатот на претходниот состав.

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување