ЈАВНОТО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ВО ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ НА ВЕШТИНИТЕ
➢ Актуелно (14.10.2021, во 14:45:30)
👁 Прочитано: 486




ЈАВНОТО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ВО ПОДДРШКА НА РАЗВОЈОТ  НА ВЕШТИНИТЕ

Системот за стручно образование и обука гради различни форми на соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор со цел да се осигура дека младите луѓе и возрасните се стекнуваат со потребните вештини кои ги бара приватниот сектор за да бидат вработливи и да се намали јазот на понудата и побарувачката на пазарот на труд.

За таа цел, во заедничка организација на Европската фондација за обука (ЕТФ) и Коморскиот инвестициски форум (КИФ), се одржа конференција на тема: „Јавно-приватните партнерства во поддршката на развојот на вештините во Југоисточна Европа и Турција“ на која коморите од земјите на Западен Балкан, како и претставници од областа на стручното образование и доживотното учење ги презентираа своите искуства и добри практики на полето на јавното-приватно парнерство. Конференцијата ја отворија Чезаре Онестини, директорот на Европската фондација за обука и д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвастициски форум за 6-те земји од Западен Балкан.

„Постигнувањето на целите на регионалната економска соработка е најтесно поврзано со еден заеднички именител - обезбедување квалификувана работна сила за потребите на бизнисите во целиот регион. Ние не би можеле да имаме одржлив развој и економски раст, зголемена регионална соработка, ниту пак регионот би бил привлечен за потенцијалните инвеститори, без квалитетни знаења, вештини и компетенции што можат луѓето да ги применат во различни области на работа на пазарот на трудот. Коморскиот инвестициски форум, како и сите 6 -те стопански комори од регионот на Западен Балкан, беа активно посветени на задачите за зголемување на квалитетот на образовниот систем, особено во обезбедувањето релевантно и пазарно ориентирано стручно образование со фокус за дуалниот модел на образование и учење на работно место“ – истакна генералниот секретар, д-р Татјана Штерјова Душковска.

Според Душковска, образованието треба да биде вистинска комбинација на вештини, вклучително и дигитални и трансверзални клучни компетенции потребни за работните процеси и да им обезбеди на вработените соодветни професионални вештини, а тоа може да се постигне само со синергии и партнерства помеѓу јавниот и приватниот сектор. Тоа е причината, според неа, зошто јавно-приватните партнерства во областа на развојот на вештини се од огромно значење.

На конференцијата во рамките на панел дискусијата учествуваше и претставник од Стопанската комора на Северна Македонија.

Јавно-приватните партнерства се значајни во системот на стручното образование затоа што тие претставуваат врска која ги поврзува образованието и приватниот сектор во пазарно-ориентирана економија. Кога зборуваме за јавно-приватно партнерство подразбираме дека тоа содржи јавни политики, системи за финансирање и рамки за образовни програми кои имаат заедничка цел да го зајакнат нивото на комуникација и соработка помеѓу образовните институции и приватниот сектор и да придонесат за развојот на вештините и компетенциите, а Стопанската комора на Северна Македонија дирекно го поддржува јавното-приватно партнерство како мост помеѓу приватниот сектор и образовните институции и промотор на стручното образование за потребите на приватниот сектор, потенцираше м-р Наташа Јаневска, експерт во Комората.

Според Јаневска, јавното-приватно партнерство во развој на вештини, се реализира со учество на приватниот сектор во неколку области:

1.     Јавно-приватни консултации кои помагаат да се дефинираат тековните потреби за вештини, да се зголеми усогласеноста со понудата побарувачката на вештини, да се предвидат идните потреби за вештини и соодветно да се испорачаат вештините низ образовниот процес;

2.     Поставување и одржување на Националната рамка за квалификации што е во согласност со Европската рамка за квалификации;

3.     Обезбедување обука на работното место преку шеми за практична обука, дуално образование и учење преку работа;

4.     Обезбедување континуирана едукација и обука на работната сила, која може да биде преку чисто приватни иницијативи или може да ги искористи јавните институции и

5.     Воспоставување на процеси и дефинирани улоги на приватниот сектор, владини и образовни институции за решавање на специфични ситуации.

Служба за информирање при Комората