ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА - ВОНРЕДЕН ЛЕК ЗА ВОНРЕДНА СИТУАЦИЈА
➢ Актуелно (12.10.2021, во 14:09:12)
👁 Прочитано: 3797




ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА - ВОНРЕДЕН ЛЕК ЗА ВОНРЕДНА СИТУАЦИЈАКликни за повеќе

Како дел од Берлинскиот процес и Агендата за заеднички регионален пазар за Западен Балкан актуелно во Црна Гора се одржува Дигиталниот самит на Западен Балкан, на кој клучни теми на расправа се дигиталната економија, дигиталните вештини и знаења, дигиталната инфраструктура и поврзаност, доверливост и безбедност во регионот.  

Во рамки на самитот како панелист учествуваше извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија м-р Антони Пешев, кој дискутираше на тема: „Паметни бизнис алатки и решенија за компаниите од Западен Балкан“. На овој панел се презентираа решенијата во дигиталната сфера на стопанските комори и други организации за поддршка на бизнисот, се разменија искуства за добри практики од регионот, со цел олеснета дигиталната трансформација на приватниот сектор и зголемување на неговата конкурентност.

М-р Антони Пешев го претстави моделот на дигитализација на Стопанската комора на Северна Македонија, како и последната електронска услуга која е воведена во 2021 година - електронско издавање на сертификати во Комората.

Тој истакна дека новото време, како и епидемијата која е вонредна околност бара брзо прилагодување и употреба на „вонредни мерки“ со кои економските субјекти и институциите ќе продолжат да се развиваат, а дигитализацијата е токму таква мерка.

Извршниот директор на Комората м-р Пешев посочи дека дигитализацијата на стопанските комори мора да биде следена со дигитализација на компаниите, при тоа истакнувајќи дека покрај можноста компаниите во Стопанската комора на Северна Македонија преку воспоставената онлине платформа за издавање на сертификати за потекло (Ориџин и Форма-А) мал број на компании ја користат услугата. Исто така, м-р Пешев истакна дека во 2020 година веб страната на Стопанската комора на Северна Македонија беше избрана за најдобра веб страна во државата и најави нејзино подобрување во иднина, а во насока на креирање на комплетно дигитална Комора.

На истиот панел свое излагање имаше и д-р Татјана Штерјова Душковска, генерален секретар на Коморскиот инвсетициски форум, која посочи дека Коморскиот инвестициски форум преку иновативни алатки и дигитални платформи се залага да се осигура слободно движење на стоки, услуги, капитал и труд, како и поврзување на компаниите од регионот со цел осигурување на конкурентност на Западен Балкан 6 на глобалниот пазар. Претставена беше дигитална платформа која можат да ја користат компаниите од регионот за меѓусебно вмрежување и размена на информации за потенцијални бизнис партнери.

Дигиталниот самит во Подгорица е еден од најважните настани во областа на дигитализацијата и на истиот високи претставници на регионални влади, Европската комисија и Советот за регионална соработка, како и претставниците на деловните заедници и граѓанските организации имаа можност да дискутираат за предизвиците во сферата на дигитализацијата и за зајакнување на меѓусебната сорабатка.

 

м-р Анета Димовска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување