Општините да се зафатат со реалните проблеми, а не да сервираат популизам на дневна основа, порачува бизнисот
➢ Актуелно (08.10.2021, во 10:22:09)
👁 Прочитано: 547



пренесена изјава на потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Зоран Јовановски за МИА
Општините да се зафатат со реалните проблеми, а не да сервираат популизам на дневна основа, порачува бизнисот

Според потпретседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Зоран Јовановски, исклучително важно е општините да обезбедат стабилност во своето финансиско работење за да бидат во можност навремено и во целост да ги извршуваат своите финансиски обврски кон приватниот сектор.

-Не станува збор за тоа што очекува Комората од конкретниве локални избори, туку што очекува Комората од начинот на функционирање на локалните самоуправи без оглед на тоа какви ќе бидат резултатите на овие или кои било наредни локални избори. Приватниот сектор очекува од општините ефикасност во извршување на сите нивни активности што го обликуваат локалниот економски амбиент. Тоа вклучува изработка на урбанистички планови, брзо и ефикасно издавање на потребните дозволи и согласности од било кој вид, давање квалитетни услуги во рамки на надлежностите на локалната самоуправа. Општините и приватниот сектор делуваат во насока на побрз економски раст и развој и подобри услови за живот на граѓаните и во тој контекст треба да имаат взаемен респект и добра соработка, вели Јовановски.

Неможноста да се наплатат побарувањата, понекогаш и во подолг временски период како и во поголеми, акумулирани износи, оценува Јовановски, многу неповолно се одразува на ликвидноста на компаниите од приватниот сектор со сите други негативни последици што следат. Ова прашање бара системско решение, подвлекува потпретседателот на Стопанската комора, како што се најавените законски измени за идните зголемени извори на финансирање на општините, како и соодветна измена на членот 218 од Законот за извршување.

-Компаниите од приватниот сектор им испорачуваат производи или услуги на општините, но се случува да имаат проблем да ги наплатат своите побарувања по таа основа. Ваквиот проблем се случува дури и во ситуации кога компаниите имаат судски пресуди, не може да се направи извршување, заклучува Јовановски.  

Во текстот објавен на македонската информативна агенција, се посочува дека и најдобрите владини програми не можат да се реализираат со постоечкиот модел на локална самоуправа, особено со слабиот капацитет на некои градоначалници. Крајно време е општините да престанат да сервираат популизам, и наместо со дневни проблеми, да се зафатат со долгорочно решавање на клучните прашања, порачува бизнис секторот.

Стопанствениците во разговор за МИА се децидни дека мора да се намали влијанието на централната власт врз општините, како и да профункционира „мерит – системот“ кој ќе го извади на површина најквалитетниот административен кадар.

Според нив, следните четири години локалната власт ќе треба да ја врати довербата и кај граѓаните и кај бизнисот, но и да воспостави темел за локален економски развој.

 

Целиот тек достапен на www.mia.mk;

Служба за информирање при Комората