ИВИЦА ТАЛЕВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА РУДАРСТВОТО
➢ Актуелно (29.09.2021, во 16:22:23)
👁 Прочитано: 2475



- по петнаесет години успешно раководење, Николајчо Николов останува почесен претседател
ИВИЦА ТАЛЕВСКИ ИЗБРАН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА МАКЕДОНСКАТА АСОЦИЈАЦИЈА НА РУДАРСТВОТО

Македонската асоцијација на рударството одржа седница на која се дискутираше за насоките во кои треба да се развива рударскиот сектор во земјава, потребните мерки за зголемување на конкурентноста на рударските деловни субјекти и активностите за натамошна промоција на општествено одговорното работење во областа на истражувањето и експлоатацијата на минералните суровини. 

Дејноста рударство и вадење на камен вработува 7.220 лица и има важна улога во севкупниот развој на стопанството како од аспект на вработувањето и стоковната размена, така и од аспект на стратешки развој на државата, а посебно и на локалната самоуправа. Според податоците, просечната нето плата по вработен во дејноста во второто тримесечје годинава изнесува 38.445,00 денари и истата е повисока за 34,2 % од просечната нето плата во државата, додека учеството во структурата на индустриското производство изнесува 10,87%. Покрај намалувањето на бројот на активни деловни субјекти за 9%, односно на бројот на вработени за  5,6% во 2020 година споредено со 2019 година, на седницата беше оценето дека рударството има значаен потенцијал и минералните суровини со кои располага државата претставуваат добра основа за поинтензивен стопански развој.

По долгогодишните заложби и активно учество во коморското работење на господинот Николајчо Николов, поради негово заминување во пензија, на седницата се дискутираше за избор на нов претседател на Македонската асоцијација на рударството, при што едногласно беше избран Ивица Талевски од рудникот САСА, Македонска Каменица. Заблагодарувајќи се за искажаната доверба, новиот претседател порача дека активно ќе се залага за донесување стратегија за развој на рударството во земјава како долгогодишна потреба која се наметнува со цел согледување на потенцијалите и можностите за развој на оваа стопанска гранка, решавање на проблемите поврзани со недостатокот од квалификуван кадар, како и јакнење на угледот и промоција на економското значење на рударството.

Македонската асоцијација на рударството како значаен сегмент на коморското работење активно делува повеќе од петнаесет години и досега се има афирмирано во јавноста како значаен чинител за развој на рударската индустрија, препознатлив партнер на државата во унапредување на правната рамка од областа на минералните суровини и достоен претставник на бизнис заедницата. Во знак на признание за долгогодишниот ангажман и несебичното споделување на своето искуство и стручност во функција на подобрување на деловниот амбиент и условите за работа на компаниите – членки, присутните на седницата го избраа г-дин Николајчо Николов за почесен претседател на Асоцијацијата.

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев, искажувајќи благодарност за досегашните заложби на г-динот Николајчо Николов за рударството, истакна дека МАР ќе продолжи да делува и да го поддржува развојот на секторот како и досега. 
 

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување