ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА: КО-ФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ
➢ Актуелно (21.09.2021, во 12:35:58)
👁 Прочитано: 565




ИНСТРУМЕНТОТ ЗА ПОДДРШКА: КО-ФИНАНСИРАНИ ГРАНТОВИ ЗА КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ИНОВАЦИИ ПРЕЗЕНТИРАН ПРЕД КОМПАНИИТЕ

Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој организираше виртуелна презентација на Инструментот за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации.

Целта на инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри соработката помеѓу приватниот сектор и високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации.

Инструментот е наменет за претпријатијата кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Инструментот нуди финансиска поддршка на претпријатија регистрирани во Република Северна Македонија со цел да развијат и имплементираат иновативни решенија, вклучувајќи поддршка за претпријатија со висок потенцијал за раст. Поддршката преку овој инструмент ќе биде доделена на проекти со јасна комерцијална цел кои се во фаза на прототип (или соодветна фаза во зависност од видот на иновативниот производ, услуга, процес) сѐ до прет-комерцијална (прет-пазарна) фаза.

Преку овој инструмент Фондот за иновации и технолошки развој обезбедува финансиска поддршка во максимален износ од 20.000.000,00 (дваесет милиони) денари и тоа:

  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 (педесет) вработени и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2.000.000,00 (два милиони) евра, финансирање до 70% од вкупниот буџет на проект односно
  • за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 (педесет) до 250 (двестотини и педесет) и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2.000.000,00 (два милиони) евра, а помал од 10.000.000,00 (десет милиони) евра, финансирање до 60% од вкупниот буџет на проектот.

Износот на остварени годишни приходи и просечен број на вработени се утврдува согласно финансиските извештаи за 2020 и 2019 година.

Критериуми за подобност на апликантот

  • да е трговско друштво основано согласно Законот за трговски друштва и регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија;
  • годишните приходи на апликантот да не надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра, според финансиските извештаи за претходните две фискални години;
  • просечниот број на вработени согласно финансиските извештаи за претходните две години да не надминува 250 вработени;
  • да не е поврзан (согласно Законот за трговските друштва) со друго претпријатие чии годишни приходи надминуваат 10.000.000 (десет милиони) евра и просечниот број на вработени да не надминува 250 во претходните две фискални години, освен во случај на поврзаност со високообразовна, односно научноистрачувачка установа;
  • апликанти со над 3 (три) години на постоење до моментот на аплицирање да немаат остварена загуба согласно финансиските извештаи за последните две календарски години, согласно член 14 став 1 алинеја 5 од Правилникот и одредбите од Јавниот конкурс. Со оглед на економската криза во 2020-та година предизвикана од Ковид19 пандемијата, како година која ќе се смета за меродавна за проверка на остварена загуба е само 2019-та година.
  • апликантот, до моментот на аплицирање на јавниот повик, да нема тековен (активен) проект кој е финансиски поддржан од страна на Фондот по основ на некој од инструментите за поддршка;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;
  • да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и условите од член 6 од Уредбата за условите и постапката за доделување на хоризонтална помош. 

Во случај на предлог проекти поднесени од страна на конзорциум, предлог проектот во име на конзорциумот го поднесува водечки апликант.Членови на конзорциумот можат да бидат: претпријатија, високообразовни и научно-истражувачки установи од земјата и од странство.

Секој член на конзорциумот треба да ги исполнува следниве критериуми:

  • годишните приходи да не надминуваат 10.000.000,00 (десет милиони) евра, според финансиските извештаи за претходните две фискални години, освен во случај членот на конзорциум да е високообразовна, односно научноистрачувачка установа;
  • просечниот број на вработени согласно финансиските извештаи за претходните две години да не надминува 250 вработени, освен во случај членот на конзорциум да е високообразовна, односно научноистрачувачка установа;
  • против него да не е поведена стечајна постапка или постапка на ликвидација;
  • да има подмирени доспеани обврски по основ на јавни давачки и придонеси;
  • против него да не се отпочнати постапки за присилно извршување на доспеани парични побарувања;да ги исполнува условите од Законот за контрола на државна помош и условите од член 6 од Уредбата за условите и постапката за доделување на хоризонтална помош.

Активности прифатливи за финансирање:

  • активности за истражување и развој;
  • активности за тестирање;
  • активности поврзани со заштита на интелектуална сопственост;
  • дизајн;
  • развој на пилот линии;
  • активности поврзани со обезбедување квалитет;
  • активности за маркетинг и продажба (насочени кон доведување на иновацијата до инвестициска подготвеност и зрелост за воведување на пазарот).

Подобни трошоци за финансирање

  • бруто плати за вработените лица кај апликантот и членовите на конзорциумот кои ќе бидат ангажирани на проектот. Износите на бруто плати на вработените ангажирани на проектот треба да соодветствуваат на воспоставените практики на корисникот пред почетокот на проектот, намалени за износот на потенцијална државна субвенција примена по основ на плата; набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој;
  • под-договорни услуги за истражување и развој (пр. тестирање, лабораториски услуги и сл.);
  • ангажирање на експерти/советници за истражување и развој;
  • ангажирање на консултанти за останати потреби дирекно поврзани со очекуваните резултати на проектот (експертиза поврзана со иновациски менаџмент, финансиски менаџмент, мобилизација на средства, бизнис развој, маркетинг, правни работи, заштита на интелектуална сопственост и друго);
  • подготовка и поднесување на пријава за патент, заштита на трговска марка и/или индустриски дизајн;
  • трошоци за маркетинг;
  • канцелариска и деловна поддршка (наем на деловен простор, режиски трошоци, банкарски провизии, сметководствени услуги, хостинг и останати видови на административна помош) во максимален износ од 10% (десет проценти) од вкупниот буџет на проектот.
  • Единствено трошоците настанати за активности спроведени за времетраење на проектот, а кои се во согласност со одобрениот буџет на проектот и правилата и процедурите на Фондот се подобни за финансирање.

Рокот за аплицирање на повикот е до 15.10.2021 година, до 14.00 часот.

Повеќе информации поврзани со јавниот повик се достапни на следниот линк:  https://fitr.mk/komercijalizacija2021/ . 

 
 
м-р Ивана Крстевска
Асистент во организационата целина за претставување на членките и вмрежување