Прес-конференција на Стопанската комора на Северна Македонија „МЕНАЏИРАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ – КЛУЧ ЗА РАЗВОЈ НА КОМПАНИИТЕ“
➢ Актуелно (20.09.2021, во 13:50:30)
👁 Прочитано: 1212




„МЕНАЏИРАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ – КЛУЧ ЗА РАЗВОЈ НА КОМПАНИИТЕ“

Стопанската комора на Северна Македонија во спроведените анализи во кои учествуваа компаниите членки, ги идентификуваше недостигот од кадар, неусогласеноста на понудените вештини и квалификации со потребите на реалниот сектор. Но покрај овие потреби, компаниите укажуваат и кон потребата од обука на вработените за компетенции кои не се стекнуваат низ формалното образование, а кои се клучни за работното место.

Во таа насока идентификувана е потреба од поддршка на секторот за човечки ресурси  во компаниите со цел поддршка и стратешки развој на компаниите, во услови кога недостатокот на кадар, особено на квалификуван кадар и неможноста на компаниите да ги следат инвестициските планови се особено изразени.

За таа цел преку Проектите на швајцарската амбасада, „Образование за вработување во Северна Македонија“-Е4Е@мк и „Зголемување на пазарната вработливост“ - ИМЕ изготвена е програма со која се креира поддршка на компании за надминување на ваквите проблеми. А во рамки на програмата LEARN2GHROW на 21 септември 2021 година ќе се одржи првиот вебинар за човечки ресурси, со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка.

Достоинствени работни места и одржлив економски раст се едни од главните цели на Швајцарската програма за соработка во Северна Македонија веќе речиси една деценија. Она што е заеднично за овие две цели е развојот на човечкиот капитал, а потврда за важноста на оваа тема е и што денешната иницијатива ја поддржуваме преку две програми, Програмата за пазарна вработливост, којашто работи на развој на приватниот сектор, како и Програмата Образование за вработување, којашто работи на развој на вештини, изјави Анета Дамјановска, национален програмски офицер при Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија. 

Успешните компании знаат дека вработените се најголемиот капитал и дека треба постојано да вложуваат во привлекување и развој на кадарот. Исклучително важно е компаниите да направат уште еден чекор и да се вклучат и во развој на вештините на младите уште додека тие се во образовниот процес. Ова би придонело кон уште побрза и полесна интеграција на новите вработени во компаниите, со што тие за покус период би ја постигнале очекуваната продуктивност. Од овој процес немаат придобивки само компаниите, туку и младите лица кои полесно би преминале од образовниот процес до вработување. 

Искуството од Швајцарија покажува дека токму вклучувањето на компаниите во образовниот процес што пак резултира во квалификуван кадар, е еден од клучните фактори за конкурентноста на швајцарската економија.  Токму затоа во новата Програма за соработка во Северна Македонија 2021-2024,  Швајцарија ќе продолжи да ги поддржува развојот на вештините и растот на приватниот сектор, со цел создавањето на достоинствени работни места и поконкурентна економија, заклучи Дамјановска.

Подетално за самата Програма презентираше Наташа Ивановска, сертифициран тренер и консултант за човечки ресурси која појасни дека ќе биде објавен и повик за кофинансирана програма за менторство и коучинг за вовед и развој на вработените во 10-тина компании. 

Целта е новите вработени во компаниите побрзо да се вклопат во процесите и во тимот, со фокус на инклузија на млади и жени, зголемување на посветеноста и учинокот, раст на бизнисот низ финансиски индикатори, како и поставени политики кои ќе бидат основа на сите активности во областа на управувањето со вработените, изјави Ивановска.

Идејата е компаниите да остварат поблиска комуникација со образоавните институции од каде доаѓаат нивните идни вработени за реализација на пракса со можност за вработување на најдобрите. Програмата LEARN2GHROW е применлива за компании кои имаат визија за развој и утврдени потреби за стручна поддршка за управувањето и развојот на вработените со исполнување на одредени предуслови.

Михајло Донев
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување