Предизвиците на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година
➢ Актуелно (20.09.2021, во 10:42:00)
👁 Прочитано: 555




Предизвиците на Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година

На 18ти септември, во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија, се одржа состанок помеѓу претставници на компанијата ПЛАНЕТ. С.А од Атина, Република Грција, која, за Владата на Република Северна Македонија, изготвува студија, финансирана од ЕУ, за состојбата во Северна Македонија при напуштањето на употребата на јаглен и за влијанието што овој процес ќе го има врз развојот на компаниите, економијата и вработувањата.

Хрисос Макракис, експерт за регионален развој  се сретна со Јадранка Аризанковска, менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување, м-р Нена Николовска и Калина Миљовска од Стопанската Комора на Северна Македонија.

                На средбата се говореше за состојбите во енергетскиот сектор, во Република Северна Македонија,  состојбите во градежниот сектор, како и во економијата бизнисот, од национален, но и од регионален аспект. Посебен акцент се стави на можностите за создавање на нови работни места, особено во југо – западниот регион, каде што Стратегијата за развој на енергетиката на Република Северна Македонија до 2040 година, која што e донесена во декември 2019 година предвидува нови правци на развојот на енергетиката, земајќи ги предвид движењата на енергетските политики во рамките на Енергетската заедница.

Се дискутираше за проектите на Комората кои имаат влијание врз спроведувањето на процесот на декарбонизација, замената на традиционалните со обновливи извори на енергија и зголемувањето на енергетската ефикасност, како што се проектите за зајакнување на капацитетите на македонските компании на повеќе нивоа: почнувајќи од зајакнување на капацитетите преку засилување на кадровската структура преку дуалното образование, но и со проекти кои овозможуваат добивање на „Know – how“ во градежниот сектор за имплементација на стандардите за енергетска ефикасност и обновлива енергија.

Служба за информирање при Комората