КОНСТИТУИРАН СОВЕТОТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
➢ Актуелно (17.09.2021, во 14:24:58)
👁 Прочитано: 572



Преку менторство и едукативни програми за иновација на знаењата на високобразовните кадри на Школата за бизнис лидери до формирање на Институт за извоз
КОНСТИТУИРАН СОВЕТОТ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Денес (17.09.2021 година), во рамките на Стопанската комора на Северна Македонија се конституираше Советот за унапредување на високото образование. Со тоа Комората продолжува да ги реализира зацртаните активности за компаниите во рамките на Вториот столб за развој, иновации и знаење кој таргетира развој на постојните и воведување на нови услуги од интерес за сите компании (не само за членките на Kомората) во нашата држава.

Додека Првиот столб при Комората и понатаму продолжува да функционира преку Здруженијата, Асоцијациите, Групациите, Центарот за едукација, Центрот за проекти, Бизнис канцеларијата и Центарот за анализи, Втор столб ја исполнува задачата за пружање нови услуги од интерес на бизнисот и сите компании како што се консултантски услуги и лобирање за фирмите, решавање на споровите преку арбитражата и медијацијата, создавање Берза на трудот, формирање на Институт за извоз, поврзување на странските инвеститори со домашните добавувачи, преквалификации, создавање Школа на бизнис лидери.

Советот ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ кој денес во Стопанската комора на Северна Македонија отпочна со својата работа има три приоритетни цели, кои се состојат во развивање и унапредување на три прогами:

  • Програма „Скопје“ – која нуди едукативни и други настани кои се реализираат преку Клубот на менаџери- претприемачи во рамки на Стопанската комора на Северна Македонија,
  • Програма „Охрид“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа на бизнис-лидери преку програми на менторство и
  • Програма „Дојран“ – која нуди едукативни и други настани кои ќе се реализираат преку воспоставување Школа за продуцирање кадри за извозот, со крајна цел формирање Институт за извоз.

За претседател на Советот за унапредување на високото образование е избран д-р Глигор Бишев, Шпаркасе банка Македонија АД Скопје, додека за потпретседател на Советот е избран Проф. д-р Горан Петрески, Економски факултет, УКИМ Скопје.

Советот за унапредување на високото образование во својата агенда на активности постави реализација на задачи поврзани со организирање и поттикнување соодветни облици за континуирано функционално образование и иновација на знаењата на раководните кадри, како и на другите стручни кадри и професионална надградба на стекнатите знаења преку организирање стручно оспособување - обуки, семинари, работилници и други начини на едукација.

Советот преку соработката со домашните и странски институции има главна цел освен развој и промоција на едукативните настани во трите Програми одделно да ја поттикнува  имплементацијата на европските правила и стандарди и перманентното функционално образование и иновација на знаењата на високобразовните кадри со главна цел преку воспоставување Школата за продуцирање кадри за извоз да формира Институт за извоз.

Советот за унапредување на високото образование ќе одржи прес конференција на 27.09.2021 година (понеделник) во 11.00 часот во редовниот термин за одржување на прес конференции на Стопанската комора на Северна Македонија на која подетално ќе бидат претставени сите три Програми.

Служба за информирање при Комората