ОДРЖАНА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА „ГРАДЕЖНИШТВОТО И ИНФРАСТРУКТУРАТА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН“
➢ Актуелно (15.09.2021, во 16:08:56)
👁 Прочитано: 114




ОДРЖАНА РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА  „ГРАДЕЖНИШТВОТО И ИНФРАСТРУКТУРАТА ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН“

Во име на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во рамки на проектот „EU support to the WB6 CIF“, Комората за надворешна трговија на Босна и Херцеговина во соработка со стопанските комори од регионот (вклучувајќи ја и Стопанската комора на Северна Македонија) и Европската мрежа на претприемачи организира регионална конференција и виртуелни деловни средби на тема „Градежништвото и инфраструктурата во Западен Балкан“ на 15-16 септември 2021 година. 
Во фокусот на дводневниот настан, отворен за шесте економии од Регионот на Западен Балкан: Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија се градежништвото и индустријата на градежни материјали, како и поврзаните економски сектори и потсектори - обработка на метали и дрво, обновливи извори на енергија, рециклирање отпад. Целта на регионалниот настан е претставниците на бизнис заедницата од шесте земји да покренат дискусија за главните ограничувања и предизвици со кој се соочуваат компаниите од овие сектори и да придонесат за подобрување на деловниот амбиент и за развој на заедничкиот регионален пазар. 
Генералниот секретар на КИФ, д-р Татјана Штерјова Душковска, во своето поздравно обраќање посочи дека градежништвото е еден од секторите што најмногу ги чувствува регионалните предизвици и ограничувања поврзани со движењето на работници, трговската размена на производи, сертификацијата на производите и други. Во таа насока, порача учесниците ја искористат можноста за плодна дискусија од која ќе произлезат конкретни предлози и препораки за подобрување на состојбите, а компаниите да ги искористат деловните средби за воспоставување партнерства и отпочнување заеднички активности на регионалниот пазар.
Јелена Васиќ од Центарот за регионални анализи на КИФ, истакна дека градежништвото и дејностите поврзани со недвижен имот имаат значајна улога во Регионот на Западен Балкан. Учествувајќи со 12,7% во Бруто додадената вредност, градежништвото и дејностите поврзани со недвижен имот продуцираат околу 400.000 работни места и опфаќаат над 90.000 компании и претприемачи, додека бројот на градежни дозволи во 2020 година изнесува повеќе од 30.000 со годишен раст од 9,5 % во последните пет години. 
Предмет на дискусија во рамки на првиот панел беа главните ограничувања за градежништвото во земјите од регионот, при што панелистите посочија дека е потребно институциите и креаторите на политиките во овие земји особено да се посветат на решавање на проблемите поврзани со долгите процедури за издавање на работни дозволи и движење на работниците, недостатокот и одливот на квалификуван кадар, меѓусебното признавање на професионалните квалификации и сертификатите за градежни производи.
Обраќање во рамки на овој панел имаше и г-дин Даниел Цеков, потпретседател за градежни материјали на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора, кој говореше за проблемите на извозно ориентираните компании кои извезуваат на регионалниот пазар. Тој посочи дека покрај направените напори и преземените активности за усогласување на работењето со европската легислатива и за сертифицирање на своите производи во согласност со европските норми, земјите од опкружувањето кои не се членки на Европската Унија, иако декларативно ги признаваат сертификатите кои се издадени во Европската Унија, редовно бараат повторно испитување и сертифицирање на материјалите во акредитирана лабораторија во самата земја  (пр. во Србија), или пак бараат нострификација на сертификатот во земјата (пр. во Босна и Херцеговина) со што преку преземање на нецарински мерки се отежнува трговијата со градежни материјали и се создаваат бариери за пристап на производите на овие пазари, а во нерамноправна положба се ставаат и акредитираните лабаратории за испитување и контрола на производите. Поради тоа, потребно е земјите од регионот да се заложат за отстранување на нецаринските бариери кои го отежнуваат извозот и слободната трговија со градежни производи, а во таа насока и за меѓусебно признавање на сертификатите за градежните производи.
Градежништвото е во фокусот на циркуларната економија во земјите од Европската Унија, при што целта е одржување на што е можно подолг животен век на градежните материјали, како и намалување на емисијата на јаглерод диоксид (CO2) со оглед дека градежништвото е одговорно за околу 40% од емисиите на CO2 во животната средина. Оттука, рециклирањето на отпадот и неговата примена како секундарна суровина во градежниот сектор се наметнува како важна тема во шесте држави кои се и директно засегнати од случувањата на европскиот пазар и на оваа тема беше посветен вториот панел на денешната конференција. 
Ѓорги Гошев, заменик генерален директор на Градежен институт Македонија, реномирана членка на Стопанската комора и дел од проектниот конзорциум на проектот „Нов бизнис модел на циркуларна економија за оддржлив урбан развој и градба – CINDERELA“, своето обраќање го посвети на презентирање на целите на проектот и на активностите за развивање и демонстрирање нов бизнис модел на циркуларната економија. „Градежништвото опфаќа околу 1/3 од целокупниот отпад во ЕУ. Целите на циркуларната економија се насочени кон оддржлив урбан развој и градење за употреба на секундарни отпадни суровини во различни области, кои како краен продукт ќе претставуваат употреблив градежен производ, објект или градба. За реализација на дел од активностите потребни за проектот CINDERELA, Градежен институт Македонија склучи договор за деловно техничка соработка со компанијата Макстил, при што главната заедничка активност беше поставување пилот постројка за механичка обработка на секундарна индустриска суровина - троска (црна и бела), добиена при самиот процес на топење на старото железо во фабриката Макстил.“ – истакна Гошев.
Третиот панел беше посветен на инвестициската активност и на развојот на инфраструктурата во земјите од Регионот на Западен Балкан, при што беа презентирани главните капитални проекти во областа на патната, железничката и енергетската инфраструктура во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Конференцискиот дел беше проследен со виртуелни деловни средби каде претставници од компании од регионот денес и утре ќе имаат можност за вмрежување и отпочнување на деловна соработка и проекти. 
 

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување