КОМОРАТА МЕЃУ СВОИТЕ ЧЛЕНКИ АЗЕСКИ: СО УСПЕШНИОТ КАДАР ВО КОМПАНИИТЕ КОМОРАТА ГРАДИ ИЗДРЖАНИ СТАВОВИ И РЕШЕНИЈА ЗА ОДРЕДЕНИ ПРАШАЊА КАЈ ВЛАДАТА
➢ Актуелно (14.09.2021, во 14:07:30)
👁 Прочитано: 180




АЗЕСКИ: СО УСПЕШНИОТ КАДАР ВО КОМПАНИИТЕ КОМОРАТА ГРАДИ ИЗДРЖАНИ СТАВОВИ И РЕШЕНИЈА ЗА ОДРЕДЕНИ ПРАШАЊА КАЈ ВЛАДАТА

Делегација на Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот Бранко Азески, продолжувајќи ја теренската активност во периодот на постковид, оствари работна средба со менаџментот на компанијата „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ (ПМТКП) ДОО Скопје.

Компанија која има стратешка цел за воведување иновативни решенија, вложувајќи во поздрава животна средина, како и во истражување и развој. Шест од најдобрите светски меѓународни 15 брендови, кои опфаќаат повеќе од 180 пазари, се на „Филип Морис“, вклучувајќи го и „Марлборо“, светски број еден. Но, тука не завршува нивната визија за пушачите. Во компанијата се посветени да направат нешто многу подраматично – производството на обични цигари да го заменат со производи без чад. Затоа, повеќе од 430 научници, инженери и техничари работат на развој на помалку штетни алтернативи на цигарите, во двата истражувачки капацитети во Швајцарија и во Сингапур. Тоа е најголемата промена во историјата на оваа компанија, како и на нивните потрошувачи, акционерите и на општеството во целина.

„Во новата стратегија на Комората најзначајно место ќе имаат токму компаниите како вашата, со високи професионални стандарди, кои инвестираат во напредни технологии и кои создаваат производи со додадена вредност, со што ја зголемуваат конкурентноста на македонската економија“, порача претседателот Азески на средбата со менаџментот на компанијата.

„Но, за континуиран развој и за следење на најновите технологии и трендови од компаниите, потребна е соодветна деловна клима, за што надлежност имаат државните институции, во насока на поттик на нови странски вложувања во земјата. Стратегијата во регионот е веќе позната – отворен Балкан, без граници, со слободен проток на стоки, услуги, капитал и на луѓе, иницијатива која е поддржаната и директно од Стопанската комора на Северна Македонија, која е целосно вклучена во создавањето амбиент за поголемо регионално поврзување и за економска соработка. На патната инфраструктура активно се работи. На ред се железницата и гасоводот. Сите треба да ја разбереме неопходноста од регионална соработка, затоа што само на тој начин Европа ќе нѐ препознае како партнери“, истакна Азески на средбата.

„Соработката со ‘Филип Морис’ постои од самите почетоци, а дејствувањето на нејзините претставници во телата на Комората и како експерти во одредени области е патоказ како треба да се соработува со домашниот бизнис. Токму затоа, Комората гради односи со вакви компании, со кои можеме да наметнеме свој став и решенија за одредени прашања кај Владата. И во наредниот период интензивно ќе работи за елиминирање на сивата економија и на корупцијата, за поддршка на извозните компании и за енергетски достапни решенија, со што ќе се намалат трошоците на домашните компании. Се работи и на забрзано воведување нови технологии во администрацијата“, констатира претседателот Азески.

Генералниот директор на „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ ДОО Скопје, Иван Костиќ, информираше за сегашните активности, но и за идните планови на компанијата во делот на помалку штетни алтернативи на цигарите. „Компанијата е добар пример за придонес во земјава, преку преземањето на ‘Тутунскиот комбинат’ во Прилеп и преку негово издигнување на едно повисоко професионално ниво. Регионалниот центар на компанијата се префрли од Атина во Скопје и со добар кадар и со големи инвестиции се изгради добар и модерен центар во земјата. ‘ПМИ’ се менува како компанија и во соработката со Комората гледа можност за напредок. Сивата економија силно ја погодува тутунската индустрија и во таа насока потребни се засилени заеднички активности. Процесот на дигитализација, со кој ќе им се олесни функционирањето на компаниите на македонскиот пазар, мора да се забрза, а пандемијата во изминатиот период засилено го наметна тоа како приоритетно прашање. Преку Комората, како најголема бизнис-асоцијација, да се чуе гласот на бизнисот и само на тој начин да се дојде до заеднички решенија со Владата“, истакна Костиќ.

Компанијата започна со работа во 2014 година како заедничко вложување меѓу „Филип Морис интернационал“ и „Тутунски комбинат“ – Прилеп, при што „ПМИ“ поседува 51 %, додека, пак, „ТКП“ држи 49 % од акциите на заедничкото вложување. „ПМТКП“ е подружница на „Филип Морис интернационал“ АД („ПМИ“), водечка меѓународна тутунска компанија со разновидна работна сила од околу 73.500 луѓе, кои потекнуваат од секој агол на светот.

Во прилог линк инсерти од работната посета на „Филип Морис – Тутунски комбинат – Прилеп“ („ПМТКП“) ДОО Скопје

Служба за информирање при Комората