„Макпетрол“ донира 16.500 литри млазно гориво и 8.000 литри дизел за екипите што гаснат пожари
➢ Актуелно (07.08.2021, во 14:46:26)
👁 Прочитано: 651




„Макпетрол“ донира 16.500 литри млазно гориво и 8.000 литри дизел за екипите што гаснат пожари

Како општествено одговорна компанија, која секогаш ги поддржува иницијативите што ја зајакнуваат заедницата, компанијата „Макпетрол“ одлучи да донира 1.500.000 денари, односно 16.500 литри млазно гориво и 8.000 литри дизел на Дирекцијата за заштита и спасување, со цел да помогне во гаснењето на пожарите што ја зафатија земјава.

Овие 16.500 литри млазно гориво би ги користеле леталата при сузбивањето на огнените стихии, додека 8.000 литри дизел се наменети за противпожарните возила, што во овој момент ги задоволува потребите на дирекцијата.

Продолжувајќи ги неколкудецениските практики на општествена одговорност „Макпетрол“ поднесе иницијатива наведеното количество гориво да биде отстапено без паричен надоместок. Компанијата на тој начин се надева дека ќе им обезбеди поддршка и на институциите и на граѓаните кои неуморно се вклучени во запирање на пожарите што ја зафатија земјава.

Тоа што изминатиов период се случува не само во нашето најблиско опкружување, туку и во регионот и во светот, е непогода од застрашувачки размери која што може да остави несогледливи последици врз целото општество. во моменти како овие, секој од нас, и како индивидуи и како компании, потребно е да демонстрира висок степен на солидарност и да помогне според сопствените можности со цел да се минимизираат идните штети и да се заштити и природата и човечките животи. се надеваме дека со оваа донација ќе дадеме придонес во целосното сузбивање на пожарите – истакнуваат од „МАКПЕТРОЛ“.

На планот на општествената одговорност, компанијата изминатава година иницира и повеќе активности за зајакнување на здравствениот систем во земјава, со цел на институциите и на персоналот што непрекинато работи во првите редови, да им се обезбеди дополнителна поддршка. „Макпетрол“ и во следниот период ќе продолжи да ја демонстрира одговорноста кон општеството во секоја од областите во кои што тоа е најпотребно.

Служба за информирање при Комората