ОТВОРЕН БАЛКАН БЕЗ ГРАНИЦИ, СО ПРИЗНАВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ ДОЗВОЛИ И КВАЛИФИКАЦИИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ
➢ Актуелно (29.07.2021, во 15:52:42)
👁 Прочитано: 2522



Иницијативата на „Мини Шенген“ со ново име за посилна регионална соработка
ОТВОРЕН БАЛКАН БЕЗ ГРАНИЦИ, СО ПРИЗНАВАЊЕ НА РАБОТНИТЕ ДОЗВОЛИ И КВАЛИФИКАЦИИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ

Без граници од 2023 година и со признати работни дозволи и квалификации на работниците од 2022 година помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија, се клучните економски придобивки за поголема регионална соработка за што тројцата политички лидери, премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, потпишаа договори и меморандуми за соработка на Регионалниот економски форум, што се одржа во Скопје во присуство на повеќе од 400 бизнисмени од трите земји но и пошироко.
 
Во рамки на форумот покрај официјалниот политички дел следуваше економски панел со учество на претседателите на Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора на Србија и Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија.


 
Претседателот Бранко Азески упати порака дека бизнисот сака Отворен Балкан и обединување и побара од политичките лидери да се стави крај на грдите слики на граничните премини кои го фрустрираат бизнисот и конечно да исчезнат колоните камиони од граничните премини. На компаниите, вели претседателот на Комората Азески,  доста им е од затвореност, сива економија и ефтина работна сила.

Регионалното обединување е процес во кој треба да бидат вклучени сите, и политичарите, и бизнисот, вели премиерот Зоран Заев на економскиот панел. Стопанствениците може многу да придонесат за олеснување на бариерите и елиминирање на пречките за воспоставување систем кој ќе доведе до реализирање на целите, во јануари 2023 година да има 0 минути чекање на граничните премини, а од идната 2022 година со една работна дозвола да може да се работи во трите земји и да бидат признати квалификациите помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија.

Заев најави вмрежување на софтверите на царинските служби на трите земји со кои ќе се воспостави следливост на фактурите и порамнувањето на даноците. Нема логика, вели премиерот Заев, ако царинските постапки се регулираат во самите компании или од местото на тргнување на стоката, истата потоа со саати да се задржува повторно на граничните премини. Ваквиот систем ќе помогне и во елиминирање на криминалот. Во таа насока, од економскиот панел, беа најавени и посебни брзи ленти за камиони на граничните премини.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, акцентот на соработката го стави на довербата како клучен предуслов за успешно регионално обединување.  Проблемот е, вели Вучиќ, што сè уште повеќе сакаме да веруваме на други, отколку на нас како соседи. Во ситуации кога имаме проблеми први на помош притекнуваат соседите и тоа како факт треба да се негува и развива.  Да станеме доверливи парнери, бизнис довербата да ја пренесеме и на граѓаните, но уште повеќе и на довербата на јавната администрација.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, порача дека секоја од земјите во регионот на Западен Балкан што не ја гледа големата слика за регионален развој преку отворање на границите, ќе направи лошо само за бизнисмените во сопствените редови и за развој на поединечните економии. Вели, ако земјите членки на ЕУ може слободно да функционираат во рамки на Унијата зошто тоа да не може да се преслика на регионот на кој припаѓаме.

Економската регионална соработка има потенцијал на полето на трговијата, заедничките инвестиции, развој на туризмот, настапот на трети пазари.
Проблемите нема да се решат сами, беше констатирано на економскиот панел. Затоа претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, во улога на модератор се заблагодари на трите држави што работат на отворање на земјите и границите, на креирање јасни визии за проток на стоки, услуги, капитал и луѓе без застој и на признавање на квалификациите и работните дозволи на ниво на трите економии.

Во рамки на форумот беа одржани и повеќе од 200 деловни средби (Б2Б) помеѓу стопанственици од Западен Балкан.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, му врачи благодарница на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ  кој го направи првиот чекор во заедничкото дејствување во бизнис заедницата на Западен Балкан 6 со акцијата за вакцинирање на 27 и 28 март 2021 година.
„Едно големо благодарам за сè што направивте за поддршка на бизнис заедницата во услови кога светската пандемија предизвикана од Ковид-19 вирусот беше во најголем ек“ изјави претседателот Азески, врачувајќи ја благодарницата на претседателот Вучиќ.   

Благодараница за заедничка реализација на вакцинацијата на бизнисмени од регионот во Србија, претседателот Азески му врачи и на претседателот на Стопанската комора на Србија и претседател на Коморскиот инвестициски форум, Марко Чадеж.

На доделувањето на благодарниците присуствуваа и д-р Горан Свилановиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија за регионални прашања, Светозар Јаневски, член на Бизнис советот на КИФ и Владимир Стајиќ, стопанственик,член на Комората.

 
 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување