АЗЕСКИ ЗА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОTКА - ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ
➢ Актуелно (26.07.2021, во 09:55:49)
👁 Прочитано: 506




АЗЕСКИ ЗА РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОTКА - ЗАЕДНО СМЕ ПОСИЛНИ

Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, кој го предвидува концептот на четирите слободи врз кои се заснова единствениот пазар на ЕУ - слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – со засилена соработка во областите на дигитализација, инвестиции, иновации и индустрија може да биде движечка сила која ќе даде нов поттик за унапредување на конкурентноста на компаниите во регионот по пандемијата.


Заради запознавање на пошироката јавност го објавуваме скратеното излагање на претседателот Азески (кликнете тука). 

Преживеавме година со каква со децении не сме се соочиле. Сите основни постулати на бизнисот пред пандемија - неограничена поврзаност, глобализација на пазарите и отвореноста кон светот - за кратко време станаа најголемите пречки во борбата за запирање на ширењето на пандемијата на корона вирусот. Бизнисмените од целиот регион мораа да го прилагодат својот бизнис и да дејствуваат брзо за да се вклопат во новата реалност. Многу компании мораа да ги променат или изменат своите деловни модели, а кај некои од нив промените воведени во последните неколку месеци, предизвикаа дури и долгорочни ефекти во однос на визијата и стратешката позиција на компанијата.

Не постои едноставен одговор на прашањето што може да го забрза процесот на економско закрепнување во регионот по кризата - но регионалната соработка секако може да придонесе за овие напори. Изминатата година најдобро покажа дека во тешки времиња, земјите од регионот се фокусирани едни на други како најблиски соседи.

Европската унија е најдобар доказ дека синергијата, економската соработка и комплементарноста носат забрзан раст и развој, дека отстранувањето на бариерите во меѓусебната соработка носи придобивки за обете страни на секоја граница. Значи, заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан, кој предвидува концепт на четири слободи врз кои се заснова единствениот пазар на ЕУ (слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал) со засилена соработка во областите на дигитализација, инвестиции, иновации и индустрија може да биде движечка сила која ќе даде нов поттик за унапредување на конкурентноста на компаниите во регионот по пандемијата. 

За да го постигнеме тоа, ќе биде потребно што побрзо да се апстрахираме од деструктивниот процес на „балканизација“ со кој на различни нивоа се занимаваа различни чинители во регионот (термин што веќе се удоми во професионалната терминологија и се користи за означување на процес на атомизација на помалите единици, кои честопати се непријателски настроени едни на други). Коморскиот инвестиционен форум ќе има клучна улога во овој процес.

Приказната за развој на Коморскиот инвестиционен форум, како здружение на Стопанските комори од регионот на Западен Балкан, вклучително и Стопанската комора на Северна Македонија, започна во 2015 година, во рамките на Берлинскиот процес, под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, со единствена цел да помогне во поврзување на бизнисот преку границите во регионот. Денес, КИФ претставува можеби најважното средство за зајакнување на регионалната економска соработка и еден од најуспешните резултати на Берлинскиот процес.

Соработката во рамките на КИФ се заснова на премисата дека деловните заедници во регионот заедно можат да направат многу повеќе во смисла на економски развој на секоја од земјите, но и на целиот регион, отколку што некогаш може да направат поединечно. Клучен интерес на КИФ е процесот на воспоставување на заеднички регионален пазар што ќе резултира со конкретни подобрувања во работењето на компаниите, што ќе значи намалување на трошоците за нив, поедноставување на прекуграничното работење од сите аспекти, но и заедничко освојување на пазарите во трети земји. Намалените бариери ќе значат поголема доверба, отворени врати за поголема соработка, повеќе заеднички вложувања и проекти.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија