ЗАКОНОТ ЗА РАСПРОДАЖБА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ГИ КРЕНА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА НОЗЕ
➢ Актуелно (22.07.2021, во 15:10:20)
👁 Прочитано: 119




ЗАКОНОТ ЗА РАСПРОДАЖБА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ЗЕМЈИШТЕ ГИ КРЕНА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА НОЗЕ

 

 

На јавната расправа организирана во Министерсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство, македонските земјоделци излегоа со низа забелешки за Законот за масовна продажба на државно земјоделско земјиште по багателни цени од половина до едно евро за квадрат. Тие стравуваат дека државата ќе го дотепа и онака осиромашениот земјоделец, особено оној кој нема своја земја. Бараат Владата на РСМ да ги прифати нивните предлози – истите оние кои не беа до крај дефинирани при приватизацијата на фирмите. А тоа е приватизација на земјоделското земјиште на начин што сите граѓани во државата ќе добијат, со ваучери како што беше приватизацијата во Словенија и Чешка или во Словачка.

Нацрт законот предвидува идниот инвеститор по 10 години стопанисување на земјиштето да може да го пренамени во градежно. Министерот Хоџа уверува дека земјоделците не треба да се плашат од такво нешто, но не гарантира дека тоа нема да се случи. Тој смета дека во наредните години тоа земјоделско земјиште нема шанси да се пренамени. А во постоечкиот закон може и утре општината да побара да се пренамени земјоделското земјиште. Притоа, ресорното министерство нема никаква моќ истото да го спречи.

Според Агенцијата за катастар на недвижности, околу 577.000 хектари во земјава се класифицирани како обработливо земјиште. Од нив, околу 240.000 или 41 процент се во државна сопственост и управувани од Министерството за земјоделство. Изминатите 20 години во функција се ставени околу 130.000 хектари од вкупно расположивите 240.000. Необработени и запуштени се преку 100.000 хектари.

Во земјава има повеќе од 50 илјади хектари државно земјоделско земјиште кое треба да биде ставено на продажба по ниски цени и кое дури ќе може да биде пренаменето во градежно, или да се дава под концесија за експлоатација на минерални суровини, или за геолошки истражувања. Според експертите, ова би можело да биде погубно за една земјоделска држава како што е РС Македонија.

Васко Ристовски
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување