Охридска и Шпаркасе и официјално се интегрираа во Шпаркасе банка – Македонија
➢ Актуелно (21.07.2021, во 09:43:04)
👁 Прочитано: 856




Охридска и Шпаркасе и официјално се интегрираа во Шпаркасе банка – Македонија

Под мотото „Заедно можеме повеќе“ денеска официјално беше означено интегрирањето на Охридска и Шпаркасе во Шпаркасе банка – Македонија.

Проектот на интегрирањето почна во ноември 2019 година и е завршен изминатиот викенд, а со него, како што изјави денеска претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе банка – Македонија Глигор Бишев се отвора нова страница во развојот на самата банка, но и во консолидација на банкарскиот сектор во земјава.

Шпаркасе банка-Македонија е четврта најдобро рангирана банка во Северна Македонија со вкупна актива од над една милијарда евра. Секое трето семејство во земјава, како што истакна Бишев, има сметка во Банката, а две третини од меѓународно активните мултинационални компании присутни во Северна Македонија остваруваат соработка со банката, во која се реализираат и една половина од налозите за брокерско тргување со странство и за старателство и депозитарно работење на пензиските и инвестициските фондови.

Бишев напомена дека Шпаркасе банка – Македонија е единствена банка со подружница за финансиски лизинг, како и водечка банка во проектното финансирање и една од водечките банки во корпоративната поддршка и поддршката на населението.

Напомена дека за нив како и досега и во иднина сите клиенти ќе бидат важни – големите компании, малите бизниси, населението, при што ќе се обидат да им ги понудат најдобрите услуги и решенија.

-Нашата определба е да бидеме финансиски супермаркет, во кој секој ќе може да го најде она што му е потребно да го одбере најдоброто и да добие највисока корист и додадена вредност. Ќе водиме сметка за животната средина, ќе бидеме хумана банка како за вработените, така и за клиентите, рече Бишев и додаде дека предност ќе имаат проекти, со кои се имплементираат нови технологии и иновации. 

За стратешката визија на мнозинскиот акционер Штаермеркише Шпаркасе, на настанот на официјалното прогласување на интеграцијата говореше, претседателот на Надзорниот одбор, Георг Бухер, кој изрази благодарност до локалните власти за дадената поддршка изминатиот период за реализацијата на интеграцијата, која, како што рече е прво вакво поголемо спојување во земјава.

-Во Северна Македонија дојдовме во 2008 година, не сме долгорочен инвеститор, дојдовме за да останеме, рече Бухер, напоменувајќи дека имаат 200 годишна историја во Австрија во банкарското работење.

Нагласи дека нивната генерална стратегија е долгорочност, а Шпаркасе во регионот на Западен Балкан функционира со цел да обезбеди раст и одржливост. Бухер напомена дека Шпаркасе во регионот има два милиона клиенти и имот од 16 милијарди евра, како и околу шест илјади вработени.

-Одржливоста е во ДНК на Шпаркасе и групацијата Ерсте банка, инвестиравме во паркот на ветерници во Богословец, кој е важен проект за Ерсте групацијата. Екологијата, социјалната благосостојба и одговорното корпоративно владеење се од суштинска важност за нашата банка и нашата стратегија за одржливост, нагласи Бухер.

Тој се осврна и на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, истакнувајќи дека тие како банкарска групација се силен поддржувач за почеток на преговори со Унијата.

-Ние како банкарска група сме силен амбасадор и поддржувач за да ја убедиме Комисијата во Брисел да ги почне преговори со вашата земја, што е можно поскоро. Тоа го гледаме како мошне важен чекор и ве поддржуваме со сите наши средства, рече Бухер.

Тој нагласи дека Банката ќе работи и во насока на поддршка за изградба на стабилен финансиски систем во Република Северна Македонија, секако во соработка со Народната банка.

 
Служба за информирање при Комората