Меѓународни практики за обезбедување пазарно - ориентирано стручно образование и обука ПРЕКУ УСПЕШЕН ПАРТНЕРСКИ ОДНОС ДО КАДАР ЗА ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИСОТ
➢ Актуелно (06.07.2021, во 15:25:49)
👁 Прочитано: 707




ПРЕКУ УСПЕШЕН ПАРТНЕРСКИ ОДНОС ДО КАДАР ЗА ПОТРЕБИТЕ НА БИЗНИСОТ

 „Образованието не претставува подготовка за животот. Самото образование е животот.“  Џон Дјиу (John Dewey) американски филозоф, психолог и реформатор на образованието.

 

Од која страна и да гледаме на образованието, клучен фактор за стекнување вештини и подготовка на младите за вклучување во работните процеси е обезбедувањето на квалитетно стручно образование, комбинирано со практична обука во реална работна средина. Ако работите ги гледаме од страна на вработувањето, несомнено постои јасна врска помеѓу невработеноста кај младите и квалитетот на стручното образование и обука. Ако ги гледаме од страна на економијата, повторно квалитетното стручно образование и обука е круцијално за подготовка на младите за професионална работа и е поврзано со одржувањето на стручен кадар и како еден од клучните предуслови за успешен бизнис и за развој на економијата.

Ова е и ставот на ОЕЦД, изнесен во Студијата за развојот на земјите на Западен Балкан кој фокусот го става на зајакнување на вештините и развој на капацитетите на човечките ресурси. Компаниите тешко наоѓаат соодветен квалификуван кадар кој што поседува функционални знаења, умеења и вештини, а тоа директно влијае на продуктивноста и производството на компаниите и го отежнува економскиот развој на државите. 

На оваа тема веќе  подолг период наназад од различни агли и сегменти доста се зборува. Едно е сигурно. Подобрување на образовниот систем мора да има, но без партнерски однос и проактивно заедничко учество на главните актери во процесот на образованието, посебно до делот на стручното образование, не можеме да очекуваме успех и квалитет. 

Оттука, фокусот на конференцијата со наслов „Синергија на партнерите во обезбедување пазарно - ориентирано стручно образование и обука“, која ќе се одржи на 8 јули 2021 година (четврток), со поддршка на проектот Е4Е, Образование за вработување ќе биде токму на значењето и поврзаноста на партнерите за бизнисот да добие кадар со соодвтени квалификации и компетенции по зваршување на овразоавниот процес. 

Првиот панел на конференцијата, има за цел да ги претстави меѓународните практики. Дебатата ќе даде поконкретни информации за искуствата во Швајцарија, Австрија, Србија и на ниво на Европската Унија.  

Учесници во панел дискусијата се: Ерик Сварс од Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука – СФИВЕТ; Томас Рајхенбах,  од Федералната стопанска комора на Австрија; Мирјана Ковачевиќ, од Стопанската комора на Србија и Дидиер Гелиберт, од Европската фондација за обука. 

Ерик Сварс е директор на секторот за меѓународни работи при Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука, експертска организација за стручно образование и обука од Швајцарија.
Неговиот сектор нуди експертиза во различни меѓународни проекти за вештини во земјите во развој насекаде низ светот. Соработува и со Швајцарските амбасади и меѓународни организации како Меѓународна организација на трудот, УНЕСКО-УНЕВОК и сл.

Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (SFIVET), претставува експертска организација за стручно образование и обука која работи како посредник помеѓу трговските асоцијации (налик на комори), професионалните организации и 26-те кантони кои опфаќаат стотици стручни училишта и стручни колеџи. 

Како национална институција СФИВЕТ игра важна улога помеѓу партнерите, дејствувајќи како централна точка за контакт за прашањата кои се однесуваат на развојни проекти, основна и континуирана обука за професионалци за стручно образование и обука, односно професионално образование и обука.

Ерик Сварс е автор е на неколку трудови и публикации и ко-автор на книгата „Стручно и професионално образование и обука во Швајцарија“, објавена во 2016 година во соработка со поранешкиот швајцарски парламентарец Рудолф Штрахм.

Томас Рајхенбах е советник во одделот за образовни политики при Австриската федерална стопанска комора од 2015 година. Во рамки на широкиот обем на активности кои Комората ги има во спроведувањето на практична обука, тој е дел од тимот кој го покрива меѓународниот аспект на Австриското дуално стручно образование и обука. Неговата работа вклучува размена на експертиза и најдобри практики во насока на поддршка на создавањето на дуално стручно образование и обука во останатите земји, без оглед дали станува збор за пилот проекти, Ерасмуз+ програми или други форми на финансирани проекти. Томас исто така е домаќин на експертските делегации кои ја прават студиски посети во Австрија поврзани со дуалното образование.

Австриската федерална стопанска комора претставува гласот на австриската бизнис заедница, со повеќе од 540.000 компании членки и како организација активно е вклучена во спроведувањето на дуалното образование во Австрија, кое во оваа држава има долга традиција и добра репутација, тоа го докажува со фактите дека над 30.000 компании се вклучени во дуалното образование, апсорбирајќи 110.000 ученици вклучени во дуалното образование, од кои 38.000 се нови ученици кои се вклучуваат во дуалното образование.

Улогата на комора како посредничка институција има одлучувачко влијание врз развојот на профили на работни места, таа е задолжена за организирање на обуки за кадар кој ќе се вклучи во имплементирањето на практичната обука, тестирање на кадарот за стекнување сертификација  и верификација на компаниите за вршење на практична обука. 
Томас Рајхенбах има работено на различни позиции во секторот за едукација при Комората, вклучувајќи и промоција на образовен извоз и развој на мрежи за секторот високо образование. Тој е магистер по трговија на Виенскиот универзитет за економија и бизнис.

Мирјана Ковачевиќ е раководител на Центарот за едукација, дуално образование и образовани политики при Стопанската комора на Србија, како и директор на Коморската бизнис академија.
Од започнувањето на дуалниот модел на образование во средното стручно образование во 2013 година преку Проектот на ГИЗ насловен „Реформи во стручното образование“, таа активно е вклучена уште од самиот почеток во создавањето и развивањето на дуалното стручно образование и обука во Србија. 
Член е на работните групи за развој на правната рамка која е релевантна за имплементација на дуалното образование и обука како и образованието на возрасните. Моментално ја обавува функцијата заменик претседател на Советот за СОО во Србија, како и заменик претседател на Комисијата за следење на дуалното образование, кои се основани од страна на Владата на Р.Србија. Таа истовремено е член и на Советот за Национална рамка на квалификациите и е проектен менаџер на проектот: „Дуално образование во Србија“, кој се спроведува во соработка со Австриската стопанска комора и кој е финансиран и поддржан од Австриската агенција за развој.

Стопанската комора на Србија уште пред 7 години го иницираше воведувањето на дуалното образование во средните стручни училишта во Србија. Како резултат на тоа, беше донесен нов закон со што Србија станува првата земја во Западен Балкан која го уредува концептот на учење преку работа, а кој со децении се применува во Швајцарија, Австрија и Германија.
Улогата на Комората во Србија е поврзување на стопанствениците со образовните установи за реализација на различни форми на практична обука кои водат до стекнување знаења и вештини кои ги прават учениците конкурентни на пазарот на труд. Моментално во Србија околу 6.900 ученици следат настава во дуално образование на некој од 47-те образовни профили. Во самиот процес вклучени се 900 компании, а веќе од следната учебна година се очекува да се вклучат уште 370 нови компании кои ќе ги отворат своите врати за 3.200 нови ученици кои се вклучуваат во дуалното образование.

Дидиер Гелиберт се приклучува  кон Европската тренинг фондација во 2015 година како специјалист во областа на ангажирање на приватниот сектор во стручното образование и обука. Претходно има работено 19 години во секторот на автомобилски услуги во Франција. Паралелно ги обавува и фукнциите лидер на европски проекти и менаџер на меѓународен сектор во фондовите за обуки во автомобилската индустрија.
4 години управувал со Секретаријатот за Европски кредит систем во стручното образование и обука во Европската Комисија, ко-автор е на  физибилити студијата поврзана со имплементирање на Европски кредит систем во стручно образование и обука. 
Магистер е во областа на економија и администрација при Универзитетот во Париз и сертифициран тренер и бизнис советник за занаетчиски компании. Во своето меѓународно искуство ги вбројува и соработките на проекти во Перу и Канада (Квебек).
Европската тренинг фондација претставува Агенција во рамките на Европската Унија која ги поддржува земјите кои ја опкружуваат ЕУ во реформирање на образованието, обуките и системите на пазар на труд.

Мисијата на ЕТФ е да им помогне на земјите во транзиција и развој за да го искористат потенцијалот на нивниот човечки капитал преку реформа на системите за образование, обука и пазар на труд. 

 

 
Служба за информирање при Комората