ОДРЖАН ВТОРИОТ КОНЗОРЦИУМСКИ СОСТАНОК НА ПРОЕКТНИОТ ТИМ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ SEETHESKILLS
➢ Актуелно (01.07.2021, во 13:46:46)
👁 Прочитано: 972




ОДРЖАН ВТОРИОТ КОНЗОРЦИУМСКИ СОСТАНОК НА ПРОЕКТНИОТ ТИМ ВО РАМКИТЕ НА ПРОЕКТОТ SEETHESKILLS

Како дел од редовните активности во рамките на ЕУ-проектот Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вредни – Sustainable Energy Skills in construction: Visible, Validated, Valuable (SEEtheSkills), на 30 јуни 2021 година се одржа вториот конзорциумски состанок на проектниот тим со г. Лука Анџелино, нов проектен советник од Европската извршна агенција за клима, инфраструктура и животна средина (CINEA) при Европската комисија, со седиште во Брисел.

Состанокот го отвори и го модерираше Јадранка Аризанковска, проектен координатор на проектот, која накратко ги претстави активностите и партнерите од проектот пред претставникот од ЕК, по што секој од партнерите одржа кратка презентација за организираноста на работните пакети и за планот за примена на активностите.

Програмата за работа е дизајнирана со цел постигнување специфични цели и обезбедување ефектно спроведување од конзорциумот, кој е составен од 10 партнери (3 од Северна Македонија, 2 од Шпанија, 2 од Словенија, 2 од Словачка и еден од Холандија).

Активностите што ќе се реализираат во следниот период се планирани во повеќе области, со цел креирање нови алатки за надградба на веќе стекнатите вештини за енергетска ефикасност на постојниот и на идниот кадар во градежната индустрија.

Планот за работа е организиран во 7 работни пакети за времетраење од 36 месеци по следниот редослед:

WP1 менаџмент на проектот; 
WP2 интеррегионално истражување (статус кво за постојните мерки за енергетска ефикасност);           
WP3 креирање интегриран регистар на вештини за енергетска ефикасност (видливост на вештините);
WP4 –
развивање алатки за меѓусебно препознавање на вештините (вреднување на вештините);
WP5 стимулативни активности за подигнување на свесноста за вредноста на енергетските вештини во градби (изразувајќи ja вредностa на вештините);     
WP6 –
примена на сите активности преку пилот-процесот 3B во интегрираната архива на вештини;     
WP7 – комуникација, дисеминација и експлоатација.        


Активностите од првиот и од седмиот работен пакет ќе се реализираат во текот на севкупното времетраење на проектот (36 месеци) и се однесуваат на управување, комуникација, дисеминација и на размена.

Конкретните активности од работните пакети од 2 до 6 се однесуваат на мерките за поддршка и за координација за постигнување на целите на проектот.

На состанокот се отвори и дискусија за избор на лого на проектот, со цел негова видливост и препознатливост во јавноста, како и за организација на промотивна конференција во рамките на проектот.

Проектот „SEEtheSkills“  се имплементира од страна на Стопанската комора на Северна Македонија, како координатор на проектот, во партнерство со Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје; Здружението за бизнис и консултанти „Креација“; Академијата БИМ од Шпанија; со Институтот за технологија во градежништвото на Каталонија; Универзитетот на Љубљана, Словенија; Трговско-индустриската комора на Словенија; со Технолошкиот универзитет во Братислава, Словачка; Словачката комора на градежни инженери и со Холандскиот центар за знаење, како дел од Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“.

 

м-р Ивана Крстевска
Асистент во организационата целина за претставување на членките и вмрежување