ПРИФАТЕНИ БАРАЊАТА НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА УГОСТИТЕЛСТВОТО И ТУРИЗМОТ АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ СО 100% ИСПОЛНЕТОСТ, ПРОСЛАВИТЕ ВО РЕСТОРАНИТЕ НЕМА ОБВРСКА ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ ВО КОМОРИТЕ
➢ Актуелно (23.06.2021, во 11:04:24)
👁 Прочитано: 601




АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ СО 100% ИСПОЛНЕТОСТ, ПРОСЛАВИТЕ ВО РЕСТОРАНИТЕ НЕМА ОБВРСКА ДА СЕ ПРИЈАВУВААТ ВО КОМОРИТЕ

Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Северна Македонија, достави две Барања до владините институции. Првото на 7 јуни за измена на точка 7 од Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби. Второто на 15 јуни 2021 година, за користење на 100% од автобусите за слободен (туристички) превоз.

 

Барање за цеосно искористување на автобусите кои вршат слободен превоз на патници -домашен и меѓународен патнички копнен транспорт.pdf

Допис - Барање за измена на точка 7 од Протоколот за свадби 7.6.2021 година.pdf

Здружението на угостителството и туризмот, во името на поголема група превозници, кои како регистрирани, правни субјекти во РС Македонија ги исполниле условите за поседување лиценци за вршење слободен домашен и меѓународен превоз на патници (лиценци кои ги издава надлежното Министерство за транспорт и врски), достави Барање за измена на протоколот за вршење превоз на патници и за користење на целиот капацитет на автобусите кои вршат слободен превоз на патници – домашен и меѓународен патнички копнен транспорт, до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство

Во Дописот беше посочено дека, следејќи го движењето на здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД 19 и олабавување на поголем дел од мерките минатата недела, бизнис секторот е на став дека треба да се овозможи автобусите за слободен (туристички) превоз да функционираат со 100% исполнетост и дека намалениот капацитет на патници во возилото нема никаков ефект врз спречувањето на ширењето на корона-вирусот

Копија од Барањето беше доставена и до Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, за координација со економските ресори и за инвестиции и Венко Филипче, министер за здравство во Владата на Република Северна Македонија.

Второто Барање се однесуваше на бришење на точка 7 од Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби и со тоа се иззема обврската угостителите да ги пријавуваат веселбите во регистри на Коморите. Во Барањето од Здружението на угостителството и туризмот беше укажано дека ваквата обврска не соодветствува со постојната функционалност на организација и на работа на бизнис-асоцијациите, бидејќи ниту една комора која во своето дејствување здружува правни субјекти од угостителската дејност нема обврска за водење регистар, ниту надлежност од одреден надлежен државен орган да води ваква форма на евиденција. Единствено Министерството за економија има надлежност за водење регистар, и тоа во делот на евиденција на регистрирани, категоризирани национални ресторани и меани.

Дописот беше доставен до Фатмир Битиќи, заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, за координација со економските ресори и за инвестиции и копија на истиот до Крешник Бектеши, министер за економија, Државниот пазарен инспектора и Комисијата за заразни болести преку Кабинетот на министерот за здравство.

 
Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување