Потпишан Меморандум за соработка и основање на Турско-Македонски трговско-индустриски форум
➢ Актуелно (14.06.2021, во 16:42:37)
👁 Прочитано: 838




Потпишан Меморандум за соработка и основање на Турско-Македонски трговско-индустриски форум


Во насока на продлабочување и зајакнување на билатералната соработка меѓу Република С. Македонија и Република Турција, претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески  и претседателот на Унијата на комори и стоковна размена на Турција, Рифат Хисарчиклиоглу, потпишаа Меморандум за соработка и основање на Турско-Македонски трговско-индустриски форум.

На настанот којшто се одржа виртуелно, претседателот Азески истакна дека со потпишувањето на меморандумот, официјално  се става во функција Форумот, којшто ќе претставува основа за  интензивирање на досегашната соработката, но и создавање нови перспективи во насока на креирање позитивни услови за бизнис заедниците од двете земји и зголемување на економската соработка во пост-ковид периодот што е пред нас.

Претседателот Хисарчиклиоглу, истакна дека во наредниот период од голема важност ќе биде континуираната поддршка на компаниите од двете земји во насока на интензивирање на трговската размена како и поддршката во насока на одржување и зголемување на странските инвестиции, што ќе има позитивен импакт врз креирањето на економската стабилност на двете земји. Истакнувајќи дека соработката со Македонија е многу важна за Турција, Хисарчиклиоглу потенцираше дека Договорот за слободна трговија, кој важи од 2000 година, имаше позитивен ефект врз трговијата со индустриски производи во изминатиот период. Покрај тоа, беа имплементирани и Договорот за спречување на двојното оданочување и заемно унапредување како и  Договорот за инвестиции и меѓународен патен транспорт. Нивното постоење создава соодветна инфраструктура за развој на билатералните трговски и економски односи меѓу двете земји. Унијата на комори и стоковна размена на Турција ги поддржува напорите за проширување на Договорот за слободна трговија со вклучување на земјоделски производи и услужните дејности, коишто за кратко време би можеле двојно да ја зголемат трговската размена меѓу двете земји. 

Со заеднички напори, двете комори во рамки на Турско-Македонскиот трговско-индустриски форум ќе работат на креирање заеднички иницијативи за подобрување на условите за инвестирање, целокупната трговска соработка, како и подобрување на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји.

Вкупната трговска размена во периодот јануари – април 2021 година изнесува 224 милиони САД $, што претставува раст од 42,3 % споредено со истиот период од 2020 година.  Извозот изнесува 47,9 милиони САД $, што претставува раст од 72,7 %, додека увозното салдо изнесува 176 милиони САД $, со раст од 35,8 % во споредба со периодот јануари – април 2020 година.

Во вкупната надворешно-трговска размена на Република Северна Македонија со Република Турција, за периодот јануари – април 2021 година, остварен е трговски дефицит од 128 милиони САД $.

Во периодот јануари – април 2021 година Турција е осми трговски партнер во надворешно-трговската размена на Република Северна Македонија.
 

Служба за информирање при Комората