ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И ВОВЕДУВАЊЕ НА НАПРЕДНИ ВЕШТИНИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР
👁 Прочитано: 709




ДИГИТАЛИЗАЦИЈА И ВОВЕДУВАЊЕ НА НАПРЕДНИ ВЕШТИНИ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО ГРАДЕЖНИОТ СЕКТОР

Како дел од Европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“, Стопанската комора на Северна Македонија од 1 јуни 2021 година започнa со реализација на проектот: „ Одржливи енергетски вештини во градежништвото: видливи, валидирани, вреднувани – SEEtheSkills“, кој се реализира во партнерство со 10 партнери од 5 земји: Северна Македонија, Словачка, Словенија, Шпанија и Холандија, а Стопанската комора на Северна Македонија е координатор на проектните активности.

- Главен приоритет на Комората при реализацијата на проектите е подигнување на конкурентните предности на одредени сектори, како што е градежниот сектор во рамките на овој (SEEtheSkills) проект, преку кој активно ќе се работи на креирање дигитални алатки и кадар во градежниот сектор за градење енергетски ефикасни објекти, со цел македонските компаниите од овој сектор да можат да се развиваат на еднакво ниво како и другите европски компании, особено во делот на примената на параметрите за енергетска ефикасност и на воведувањето обновливи извори на енергија во новите градби – истакна м-р Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на С. Македонија.

Со донесувањето на новиот 7-годишен буџет на Европската комисија минатата година, отсликан во Европскиот зелен договор, како прв и најсериозен приоритет на Европската Унија, кој претставува европски патоказ за одржлива економија, има 4 амбициозни цели и тоа: целосно елиминирање на емисиите на стакленички гасови до 2050 г.; заштита на живиот свет од загадување на воздухот и поддршка на компаниите да користат технологии и материјали што не ја загадуваат животната средина, и сето тоа треба да се направи со инклузивна транзиција, без да се загубат работни места или, пак, да се осиромаши населението – истакна проф. д-р Христина Спасевска, проректор за настава при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Проф. д-р Спасевска, во своето обраќање, додаде дека дел од Програмата „Хоризонт“ е насочен кон градежниот сектор, преку проекти поврзани со:

  • зголемувањето на енергетската ефикасност на градбите (нови или оние што се реновираат);
  • искористувањето на обновливите извори на енергија, особено на фотоволтаиците, како големи фотоволтаични електрани или како мали системи, поставени на објекти;
  • дигитализацијата на градежниот сектор;
  • обуката и сертифицирањето на работниците, инженерите и на другите професионалци.

Градежниот сектор е од големо значење поради фактот дека на зградите им припаѓаат дури 40 % од вкупната потрошувачка на енергија, па зголемувањето на енергетската ефикасност ќе овозможи намалување на побарувачката за енергенси, но и намалување на нивната цена. Голем дел од работната сила, особено кај нас, нема формално образование или нема официјални документи за вештините што ги поседува. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнисот, а работната сила неконкурентна на пазарот на трудот – истакна проф. д-р Спасевска.

Изграден врз искуствата и врз резултатите од претходните проекти, а притоа следејќи ги европските и националните политики во изминатите 10 години, Стопанската комора на Северна Македонија, како координатор заедно со партнерите, реализираше 3 проекти (Build Up Skills MK 2011-2013; BUS BEET 2014-2016 и TRAINEE 2018-2020) од европските програми, прво „ФП7“, а потоа и „Хоризонт 2020“ за стратешко обучување работници и инженери за примена на мерки за енергетска ефикасност во градбите и на обновливите извори на енергија. Голема реткост е институција што не е од земја членка на ЕУ да биде координатор на ваков тип проекти, за што сме исклучително горди – нагласи проф. д-р Христина Спасевска.

Претходно реализираните проекти зад себе оставија повеќе документи и активности, кои ги дефинираат акциите кон енергетски ефикасно и одржливо градење, и тоа: подготвен е патоказ за развој на капацитетите на градежниот сектор, во кој се идентификувани занимања кои се приоритетни за постигнување на целите за енергетска ефикасност; развиени се 14 различни програми за обука; одржани се 50 обуки, а со сертификат за здобиени знаења и вештини за енергетска ефикасност и за одржливо градење се стекнаа повеќе од 1.800 градежни работници и инженери.

Северна Македонија на своите европски партнери ќе им ја пренесе и претходно подготвената методологија за препознавање претходно учење, како начин за сертифицирање на неформално добиеното знаење и вештини, како и искуствата од пилотирањето со неа.

Активностите што ќе се реализираат во следниот период во рамките на овој проект се планирани во повеќе области, и тоа: создавање широка, интегрирана база со податоци за сертифицирани работници; достапни обуки за енергетска ефикасност; компании кои вработуваат сертифицирани лица, како и подготовка на каталог на енергетски ефикасни материјали.

  • Градежниот сектор е приоритетен сектор во рамките на тригодишниот проект, а целта е да се подготви и да стане поконкурентен во рамките на европските вредности, добивајќи ги неопходните знаења и технологии, кои во моментов ги применуваат и европските компаниите од градежниот сектор – посочи Јадранка Аризанковска, координатор на проектните активности.

Преку проектот е предвидено да се постигне поголема видливост, пристап и препознавање на енергетските вештини меѓу партнерските земји, преку нивно вкрстено валидирање засновано врз резултатите од учењето, а притоа користејќи нов 3В-пристап за директно стимулирање на побарувачката за енергетски вештини од градежниот сектор на пазарот. Преку проектот, исто така, ќе бидат направени анализи на постојните регулативи во сите 5 земји кои се дел од проектот и ќе бидат предложени измени и дополнувања на регулативите до владите, со цел овозможување градежната индустрија непречено да гради енергетски ефикасни објекти, притоа применувајќи ги најновите дигитални технологии и надградени вештини, а сите овие достигнувања да бидат меѓународно, додаде Аризанковска.

Од сите 5 земји заедно се планира да се вклучат околу 500 градежни професионалци, 2.000 работници, 1.200 станари или сопственици на објекти, над 50 професионални организации, 200 компании и слично. Во рамките на активностите за зголемување на вредноста на енергетските вештини, планирано е проектот силно да ја поттикне свеста за значењето на вештините и нивната вредност, иницирајќи го на тој начин „бранот на реновирање“ како компонента на Европскиот зелен договор, како и активностите во форма на предлози за зајакнување на легислативата за енергетска ефикасност на градбите, што е, всушност, втората компонента на Европскиот зелен договор.

Овој проект претставува сериозен обид да бидеме во чекор со Европа и кон реализација на Европскиот зелен договор (European Green Deal), што значи остварување на енергетските цели и реализација на активностите за надминување на климатските предизвици.

м-р Ивана Крстевска
Асистент во организационата целина за претставување на членките и вмрежување