ОБУЧЕН И СТРУЧЕН КАДАР ШТО ЈА ПОЗНАВА КОМПАНИЈАТА
👁 Прочитано: 734



Хајделберг институтот, АБИТ и „Балканска недела на бизнисот’’
ОБУЧЕН И СТРУЧЕН КАДАР ШТО ЈА ПОЗНАВА КОМПАНИЈАТА

Факт е дека пандемијата со корона вирусот покрај здравствена, наметна и економска криза, што резултираше со намалување на бројот на работниците во преработувачката индустријата, но и во другите дејности. Бројот на работниците во индустријата во првиот квартал од 2021 година споредено со истиот период минатата 2020 година, бележи пад од 3,5%. Најголем пад има кај рударство и вадење на камен од 6,6%, додека кај преработувачката индустрија намалувањето изнесува 2,7%.

Но, поголемата слика покажува дека имаме и пораст на бројот на работници кај производството на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема за 10,8%; производството на останата опрема за транспорт за 8,9%; производство на основни фармацевтски производи, фармацевтски препарати за 5,8%, или кај производство на хемикалии и хемиски производи за 4,6%.

И во моментов, кога некои од мерките за заштита од корона вирусот се олабавени или укинати, повторно стануваат актуелни темите: недостаток на стручен кадар, што е главна пречка во растот и развојот на компаниите и планирањето на идните инвестиции, и дуален модел на образование, како успешен начин за стекнување квалификации, потребни за компаниите. Како за пример, со делумно започнување со работа на најзагрозениот сектор  од пандемијата, угостителство и туризам, воочено е дека поради кризата со пандемијата на КОВИД 19, компаниите имаат одлив, од над 50 % на стручен кадар за многу важни работни места, значајни за нивното тековно работење и одржливост. Фактот се потврдува и со бројот, на над 200 заинтересирани компании, од учебната 2021/2022 година, својот кадар да го обезбедуваат преку дуалниот модел на образование и отворање на 97  дуални паралелки, за 2000 ученици.

Произлегува дека она, што и пред пандемијата со години наназад, како Комора јавно го говоревме, сега станува реалност: дуалниот модел на образование - најефикасен начин на обезбедување на стручен кадар за потребите на нашите компании. Резултатот ќе биде видлив: намалување на неусогласеноста на понудата и побарувачката на вештини и квалификации на пазарот на трудот, зголемена продуктивност во компаниите, квалитет на услугите, водење на успешен бизнис и конкурентност на пазарот.

Затоа, неслучајно, на 2-риот ден од регионалниот настан „Балканска недела на бизнисот“ насловен како „Германското дуално образование и поврзаноста со бизнис секторот“, што се одржа во вторникот, организиран од германскиот Хајделберг Институт во Скопје во соработка со Академија за банкарство и информатичка технологија, АБИТ, Стопанската комора на Северна Македонија беше модератор на првиот панел на тема: „Добро обучен стручен кадар што ја познава компанијата“.  Актуелна тема, но и интересни излагања на соговорниците, претставници од компаниите: ЕВН Македонија, АД Скопје; Кромберг и Шуберт, Битола; Маркарт и Брако од Велес; ЛТХ Леарница, Охрид и Раде Кончар ТЕП, Скопје.  

Всушност, практичари во имплементацијата на дуалното образование кои ги истакнаа клучните елементи на дуалното образование:

         1. Синергија на наставата во училиште и праксата во компанија

Комбинација на учењето и работата:

  • стекнати знаења во училишна средина;
  • стекнати практични вештини и компетенции преку практична обука на реално работно место

 

2. Динамичност и приспособливост на образованието за потребите на реалниот сектор и економијата

  • дизајнирани образовни програми за  стекнување квалификации според економските и технолошките потреби на компаниите;
  • креирана релевантна уписна политика за стручното образование за бараните квалификации.

         

          3. Постигнување релевантни резултати од учење

  • модуларизација на образовните програми;
  • флексибилен пристап на практичната обука кај работодавачите;
  • стекнати стручни и клучни компетенции.

     

       4. Синергија помеѓу бизнис заедницата, образованите институции и коморите

  • воспоставен социјален дијалог, заедничко разбирање;
  • заеднички пристап кон решавање на предизвиците;
  • споделена одговорност.

       

        5. Практично работно искуство и надомест на ученикот

  • олеснета транзиција од училишната кон работната средина;
  • зголемена можност за вработливост;
  • директна корист на компаниите да вработат кадар  со соодветни стручни и практични вештини кои самите го обучувале според спецификата на нивното работење.

 

П.С. При имплементација на дуалниот модел на образование можеме да учиме од добри практики на дуален систем на образование од развиените земји: Германија, Швајцарија или Австрија, но никако не смееме да направиме пресликување на ниту еден од нивните системи. Нашиот модел треба да прилагоден на контекстот и состојбите во нашата земја.

м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување