ПРОДОЛЖУВААТ ЦЕНОВНИТЕ ПОСКАПУВАЊА НА ГРАДЕЖНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ
➢ Актуелно (04.06.2021, во 21:02:56)
👁 Прочитано: 706




ПРОДОЛЖУВААТ ЦЕНОВНИТЕ ПОСКАПУВАЊА НА ГРАДЕЖНИТЕ МАТЕРИЈАЛИ

Покачувањата на цените на градежните материјали продолжуваат и се особено изразени во последните месеци. Трошоците за репроматеријали на светските берзи и натаму растат, а има проблеми и при транспортот во рамките на глобалните синџири на снабдување. Сето тоа ја доведува во прашање исплатливоста на реализацијата на одредени проекти, особено на оние кои се изведуваат врз основа на договори во кои се предвидени фиксни цени за изведба, поради што час поскоро се потребни мерки за поддршка на градежништвото за ублажување на ефектите од ценовните поскапувања – беше оценето на седницата на Управниот одбор на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите.

Градежниците дискутираа за предлагање сет конкретни мерки, приспособени на градежниот сектор, кои ќе ги достават до владините институции, а наедно расправаа и за претстојните активности во врска со реализацијата на Програмата за работа 2020 – 2025, за подготовката на едукативни материјали за состојбите и за перспективите за развој на градежништвото, како и за планираните активности со цел остварување меѓународна соработка и вмрежување со компании од регионот. 

Состојбите и иднината на македонското градежништво по почетокот на пандемијата се неизвесни, а градежниците во неколку наврати порачуваат дека оваа значајна стопанска гранка има потенцијал да придонесе за заздравување на економијата и да биде двигател на растот, доколку државата им посвети посебно внимание на секторот и на извршувањето на капиталните инвестиции финансирани од буџетот. 
    

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување